Се отвораат казина на секој чекор, младите кои сакаат кино култура немаат каде да гледаат филмови: Скопје веќе 8 месеци е без градско кино
Градското кино „Милениум“ не врши проекција на филмови повеќе од 8 месеци. На 2ри Април годинава на нивната фејсбук страна беше поставено известување за гледачите, дека поради технички проблем во идниот период киното ќе биде затворено за посетителите.
И досега градското кино функционираше на „стаклени нозе“, а филмовите кои се емитуваа беа со послаб квалитет поради квар на проекторот. Се употребувал стар проектор, кој очигледно застарел, а Управата нема средства да набави нов, ниту да одвои за поправка на постојниот проектор за филмови.
Статусот на градското кино кое во моментот е под раководство на МКЦ, веќе 10 години е жежок костен кој градските институции си го префрлаат помеѓу себе, а крајниот исход покажува неуспешност да се изменаџираат потребите и ресурсите на градското кино.
Не е познат ниту статусот на вработените во киното и што тие сега прават и каде фигурираат додека киното е затворено.
Нашата редакција се обрати до единствената контакт адреса оставена на сајтот на „Кино милениум“ како и до Град Скопје, но досега не добивме одговор од ниту една институција која треба да преземе одговорност за состојбите со градското кино.
Скопјани со кои разговаравме и случајни минувачки во Градскиот трговски центар велат, дека токму во Градското кино ги граделе спомените од својата младост, а некогаш киното било и омилено собирно место за младите кои на состанок се викале токму во киното. И покрај тоа што Скопјани имаат носталгија по таа кино култура која била некогаш на завидно ниво, денеска тие немаат градско кино каде би можеле гледаат филмови и да излезат.
Дали и Кино „Милениум“ ќе замине засекогаш во историјата и како Скопје може да се смета за метропола која функционира без градско кино е отворено прашање за граѓаните, а одговор кај надлежните сѐ уште не добивме.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов
Фото извор: ©Женски магазин