Ана Бунтеска: Диши Ана

Добивај вести на Viber

Има радости кои се како огномет

Та цело небо го осветлуваат

Ги бојосуваат сите темни ќошиња

Во кои некогаш се губам неосетно

И ми се чини дека ќе траат бесконечно

Дека крајот не ќе им се види

До првиот сон во кој ќе се појавиш

Како да не си заминал

Како да не сум заминала

За да го извади сето она

Што и од себе знам да го скријам

Има радости кои кратко траат

Ама ги живеам уште долго

Уште многу долго откако ќе ги снема

Им го барам вкусот во првото кафе

И мирисот на свежо утро после дожд

Ловам веќе избледен отисок од чекор

Кој ме носи до нечија прегратка

Која телово не ја знае и препознава

Кој ме оддалечува од љубовта

Што ја продадов за еден грст инаетења со себе

Та сега сè некако евтино ми изгледа

Има таги кои се топли и нежни

Како бело вино во висока чаша

Кои полека се пијат и со уживање

Небаре иљач се а не нож касапски

И се стуткувам во спомени

Кои ниту греат, ниту тешат

Туку ете

Само ми требаат за да не заборавам да дишам

И се фаќам како здивовите си ги бројам

Заедно со пулсирањата на срцето

Кои никогаш не се во ист ритам

Има таги кои ги барам како воздух

И кои жед згаснуваат за ново утро

Во кои знам гола да легнам како во бања

Или навечер со нив да се покријам

Главата врз нив да ја ставам

Знаејќи дека бељата си ја барам

За повторно да те повикам или привикам

Како да не знам за поарно

Или како да не знам за поинаку

А можеби и така е навистина

Можеби само вака сум научила или приучила

Диши Ана...велиш со спокој кој ништо не ми кажува

Оти знам јас добро дека треба здив да земам

Да го задржам во градиве дур можам

И потем со леснотија да го пуштам

Само не знам како тагава да ја издишам

Онаа со која векови спијам

Онаа во која најубавите соништа ги сонам

Во кои си ти

Во кои јас сум

Во кои радоста е миг и огномет

Камин, жолти сијалички и молк

Музика која ни свири во умовите

Има радости и таги

Во кои сите мои бои излегуваат

И тогаш знам која сум

Исто како што знам дека ќе останеш

Без да ме потсетуваш “Диши Ана, диши”


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска