Црквата вели ако со некого сте скарани, денеска е ден за помирување: Славиме значаен светец
Свети Артемиј Антиохиски е христијански светител и маченик од 4 век, роден околу 300 година.
Во младоста служел како управител на царската имотна управа за време на цар Констанциј, а својата служба ја започнал уште во војската на цар Константин Велики, на кого силно влијаел да го прифати христијанството.
По смртта на Константин, Артемиј останал во служба на неговиот син Констанциј, но по неговото заминување од престолот, на власт дошол Јулијан Отстапник – познат како гонител на христијаните.

Кога Артемиј пристигнал во Антиохија, сведочел како царот ги мачи светите исповедници Евгениј и Макариј. Тогаш храбро му се спротивставил и му рекол дека никој човек, па ни цар, нема право да ги гони христијаните и дека силата на Христос е непобедлива.
Јулијан, гневен од неговите зборови, наредил Артемиј да биде ставен на маки, а потоа и затворен. Светиот маченик прорекол дека царот ќе загине во рок од една година – и пророштвото навистина се исполнило: Јулијан бил убиен во 363 година.
Во народното верување, денот на Свети Артемиј се смета за време кога треба да се надмине омразата и да се прости. Се вели дека секој кој денес ќе остане во кавга со некого, ќе го стигне гневот на светецот.