Им ги препишуваат имотите на синовите, а очекуваат во старост да ги чуваат ќерките: Неправдата која во македонските семејства често се премолчува

Добивај вести на Viber

Имотно-правните односи се исклучително сложена и чувствителна област, особено кога станува збор за семејните прашања. 

„За жал, кај нас сè уште постојат застарени стереотипи и перцепции кои не се во согласност со законските одредби, што често води до тензии и недоразбирања, особено во моменти кога ќе се јави потреба за формално-правно уредување на имотот“, вели Софија Волчевска, адвокатска приправничка, за „Женски магазин“.

Според официјални податоци, во Македонија помалку од една четвртина од недвижниот имот е впишан на женско име.  Дополнително, голем број жени доброволно се откажуваат од наследство – во некои етнички заедници и до 95 % од жените се откажуваат од правото на наследство. Овие податоци ја нагласуваат дисхармонијата меѓу формалното право и праксата.

Законот за наследство гарантира еднакви удели за сите деца, без разлика на полот. Меѓутоа, во пракса често се догодуваат неформални решенија – домот и земјиштето се оставаат на синот, а ќерката се согласува дека ќе се грижи за родителите.

 Тоа создава длабоки морални прашања: дали грижата за старите родители треба да зависи од имотот? И дали ќерката е должна да ја прифати таквата улога само затоа што не добила материјално наследство?

Современите правни и социјални вредности бараат да се надминат застарените верувања, сепак „ќерка го дава времето и синот го наследува имотот“. Грижата и одговорноста не би требало да се меркаат според катастарски парцели. Треба да се тргнат стереотипите оти имотот го добива синот, а ќерката „го чува домот“. Тоа не е само прашање на закон, туку и на семејна правда, достоинство и фер однос кон сите деца.

Во едно модерно семејство, наследството треба да биде рамноправно, а грижа за старите треба да биде акт на љубов, не акт на должност. Само тогаш можеме да зборуваме за вистинска рамноправност – и во правото и во практиката.

М.С.К за РЖМ - Фото: Freepik / ЖМ Архива