ЈАЈЦАТА ПОСКАПЕА: Колку пари граѓаните максимално би платиле за една табла?
Табла јајца чини и до 400 денари, а не е исклучена можноста за ново покачување, но граѓаните велат дека и сегашните цени се високи. Според нив, една табла не треба да надминува 350 денари. Од фармите велат дека цените на јајцата зависат од понудата и побарувачката, но и болестите кај живината, не само во Македонија, туку и пошироко во регионот и во Европа. Додаваат дека поради птичјиот грип, во многу европски земји дел од живината е уништена, а воедно и храната поскапува. Луѓето од овој сектор раскажуваат дека напролет во фармите ќе има подмладок, и според нив, тоа е фактор кој може да ја стабилизира цената. Некои семејства велат дека консумираат по една, а некои по 2 до 3 табли јајца месечно.
„Не би дала повеќе од 300 денари за табла јајца. Цена од 400 денари е висока. Селските јајца ги продаваат за 500 денари на пазар, па дури и оние кои ги продаваат за таа цена, трпат критики од другите продавачи на селски јајца дека тоа е евтино. Месечно ние не трошиме повеќе од една табла“, рече Јадранка З. граѓанка.
Купувањето селски јајца за многумина е луксуз.
„Повеќе од 250 денари не би дала за табла јајца. Кога беа поевтини, почесто ги консумирав, за појадок или за вечера. Месечно трошев по 2-3 табли, а сега едноставно ги броиме колку ќе купиме и за Велигден купувам помали количини“, вели Славица Ј. пензионерка.
Оние кои живеат на село, чуваат живина и ги покриваат своите потреби.
„Максимум до 450 денари би платила за табла јајца. Трошиме по 2-3 табли во месецот. Јас живеам на село, чувам кокошки и имам домашни јајца, за себе и за децата“, кажа жена која живее во рурална средина.
Друга граѓанка има забелешки дека во Македонија храната генерално е скапа.
„Јас не би платила повеќе од 300 денари за табла јајца. Ако уште поскапат, нема да купувам или ќе купувам ретко. Се вратив од Германија, 10 јајца чинат 2 евра. Кај нас храната е многу скапа“, тврди средовечна кумановка.
Неодамна на социјалните мрежи, се појави оглас за селски јајца, со цена од 1.000 денари за табла, нешто што ги шокираше потрошувачите.
Во Германија на почетокот на годинава имаше недостиг на јајца затоа што поради птичји грип е уништена живина, а за обновување на живинарските фарми ќе бидат потребни најмалку седум до осум месеци, според пишувањата на весникот „Билд“.
Недостиг на јајца годинава имаше и во САД и Австралија, исто така поради птичјиот грип.
Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), лани едно домаќинство во просек консумирало по 609 јајца.

Во 2023 година, просекот е 601 јајце. Во 2022 година, едно домаќинство просечно јадело по 580 јајца. Во 2021 година, домаќинствата јаделе во просек по 720 јајца годишно.

Бројот на живината во 2024 година, во споредба со претходната година, е намален за 9.9 отсто, според ДЗС. Но, бројот на живината во 2023 година, во споредба со претходната година, бил зголемен за 11.8 отсто.
Сања АтанасовскаИзвор: ФАКТОР