„Јас останав без половина органи, а лекарот се жали за неговиот углед“: Ќе застари ли делото за Илдиз Веапоска - дебарчанката која остана без бубрег по породувањето
„Секое рочиште одново и одново ја преживувам истата траума, ниту законот, ниту судот не направи ништо да ме заштити од психолошкиот терор кој веќе пет години го живеам“, вака ја започнува својата исповед Илдиз Веапоска на која по породувањето ѝ беа извадени јајник, матка и бубрег.
Јавноста сведочеше за низа пропусти кои укажуваат на лекарска грешка, иако овој случај често се споменува во медиумите, за судот изгледа неургентен, затоа што ниту по 5 години не е задоволена правдата. Рочиштата често се одложуваат, а Веапоска вели дека дури и кога ќе има рочишта, дополнително се вознемирува.
За „Женски магазин“ посведочи дека, на последното рочиште најмногу ја вознемирил фактот што обвинетиот лекар во случајот дошол во судот со полициска придружба, тврдел дека тој е жртва и дека целиот овој случај, особено затоа што е јавно експониран, носи голема штета за неговиот углед.
„Јас останав без пола органи, а тој е сега жртва, неговиот углед е поважен од моето здравје“, вели Веапоска.
Случајот може да застари, судот не може да обезбеди услови за одржување на рочиште
Колку пати едно рочиште може да се одложува, не е ограничено според Законот за кривична постапка, ниту според Законот за парнична постапка. Многу случаи, со неразумно одложување или ненавремено закажување рочишта застаруваат и правдата останува незадоволена.
Ако правосудството не може да обезбеди правда во државава, каде таа да јa бара и кој е начинот да се постигне? Дали треба да се преземаат вонсистемски мерки, за правдата да биде задоволена? Ова се само неколку прашања кои ги поставуваат граѓаните на социјалните мрежи, сведочејќи на неажурноста на правосудниот систем, чија флегматичност најдобро се огледува во случајот со Веапоска.
-Законот за кривична постапка, како и секој друг процесен закон бара утврдување на фактичката состојба. Па, од тие причини заради правилно и целосно утврдување на фактичката состојба нема ограничување на бројот на рочишта во рамките на една судска постапка, вели адвокатот Владимир Бангиевски за „Женски магазин“.
Во кривичната постапка, заради застареноста, односно постоење на рокови за кривичен прогон, преседателот на судскиот совет е должен да води сметка за должината на постапката, токму заради роковите на застареност. Од тие причини на судијата кој ја води постапката, односн на судскиот совет е должноста да водат сметка за роковите на застареност, односно навремено да се превземаат сите кривично - процесни дејствија - без непотребно и неоправдано одлагање за да не настапи рокот на застареност, заклучува тој.

Веапоска вели дека чувствува дека системот е дизајниран да ги штити лекарите, моќниците и да привилегира, а не да обезбедува еднаква правда. На прашањето кој му дозволил на лекарот кој е обвинет во постапката да се појавува со полициска придружба и да ја девалвира настанатата штета од кривично-правниот настан за кој се води постапка пред Струшкиот суд, Веапоска вели дека тоа му го дозволуваат и законот и судот. Тие се на страна на лекарите, не на страна на пациентите, заклучува таа.
По пет години вели, не се надева дека правдата ќе се постигне, толку е спора, што веќе е измачена и никаква лична сатисфакција нема од борбата. Но сепак, како мајка на две деца не може да престане да се бори и да ја бара правдата, зошто иако системот ја обесхрабрува борбата за правда, индивидуални примери треба да покажат дека човечката потреба од правичност е неприкосновена и вечна.
Фото извор: МИА
Магдалена Стојмановиќ - Константинов