Како изгледала трпезата за Нова година во Југославија, а како изгледа денеска: Некои рецепти се задржани, но многу од нив и се заменети со нови
Во поранешна Југославија, Новата година се славела како централен зимски празник, исполнет со изобилство од храна, пијалаци и дружење. Овој празник бил симбол на посети, веселби и пречекувања на блиските, кога домовите биле отворени за пријатели и роднини.
На трпезите секогаш се наоѓале домашно приготвени јадења и украсни декорации кои ја истакнувале умешноста на домаќинките. Секој детал бил внимателно избран – од традиционалните рецепти, до распоредот на трпезата што симболизирала гостопримливост и топлина, но и желба домаќинот да се претстави во најдобро светло.
Со текот на времето, Новата година постепено се претвора во еден од многуте зимски празници. По неа следуваат Бадник и Божиќ, кои за многумина имаат поголемо духовно значење, па така Нова година понекогаш останува во сенка на христијанските празници.
Во денешно време, се почесто се избира празнување надвор од домот – патувања, концерти или организирани прослави на плоштадите. Домашните трпези стануваат сè поретки, но дел од југословенската празнична традиција сепак се негува во многу македонски семејства.
Јадења кои се подготвуваат по стара југословенска рецептура
1. Руска салата
Иако „руската“ салата во Југославија нема многу врска со оригиналната руска варијанта, таа е неизоставен дел од новогодишната трпеза. Оваа кремаста салата со зеленчук, кашкавал, шунка и јајца е калорична и заситувачка, совршена за зимските празници.
2. Новогодишна погача или кифлички
Домашните теста се задолжителен дел од празничната маса. Погачите се украсуваат свечено, обично со квасец, млеко и јајца, во мрсна варијанта, што ја прави трпезата побогата и повпечатлива.
3. Сарма
Ниту една Нова година не поминува без мирисот на кисела зелка и мрсна сарма. Полнежот традиционално се подготвува со мешано мелено месо, ориз, кромид, морков и лук – рецепт кој го чува духот на старата кујна.
Новокомпонирани рецепти за Нова година
Под влијание на англосаксонските филмови и серии, се повеќе домаќинки подготвуваат божиќни колачиња во форма на човечиња или снешковци (gingerbread).
Место јагнешко или прасешко, сè почесто се избира пилешко или мисиркино месо, главно поради економски причини и едноставноста на подготовката. Обично се пече на скара или рерна, без долготрајно маринирање.
Салати – побрзи и поедноставни варијанти
Современите домаќинки се свртуваат кон свежи или крем салати со помалку состојки, кои се побрзи и поекономични за подготовка.
Тие ја заменуваат традиционалната руска салата, која бара повеќе време и намирници, но во многу домови и понатаму останува омилен симбол на празничната трпеза.
М.С.К / Фото извор насловна: Женски магазин / serbianprivatetours