Не е приказна, биографија е: Татко ѝ не сакал таа да го наследи, со упорност се пробила на врвот, денеска е најуспешен женски тренер во машките спортови

Добивај вести на Viber

Во свет кој боречките вештини сè уште често ги доживува како „машки терен“, Дијана Неделковска е жив доказ дека силата, дисциплината и посветеноста немаат пол. 

Ќерка на човекот кој прв го донесе кик-боксот во Македонија, таа порасна во салата каде што мирисот на напор, дисциплина и борба беше дел од секојдневието. 

Иако многумина очекуваа дека ќе оди по „полесен пат“, Дијана одбра да се избори за своето место самиот, чекор по чекор, удар по удар, доказ по доказ.

Денес е една од најпрепознатливите женски фигури во македонските боречки вештини – тренерка, менторка, борец и мајка, која ја гледа својата мисија многу пошироко од спортските успеси. 

Во искрен разговор за „Женски магазин“, таа открива како било да се расте покрај татко мајстор, со какви предизвици се соочила како жена во спорт што досега ретко ги прифаќал жените сериозно, колку чини успехот кога мораш да се докажуваш одново и одново – и зошто боречките вештини се школа за живот, не само за ринг.


Иако боречките вештини првично ги научила од својот татко, Златко Неделковски кој беше мајстор по боречки спортови и почитуван спортист од Битола, почетокот за Дијана бил многу покомплициран во споредба со сите други, бидејќи токму нејзиниот татко не сакал таа да го наследи, бидејќи е женско. 

-Со оглед на тоа дека пораснав во салата за вежбање заедно со мојот татко, беше неизбежно да се роди љубовта кон боречките вештини. 

Откако знам за себе, знам за боречките вештини, меѓутоа мојот татко беше човекот кој не сакаше јас да го наследам него и затоа можеби беше премногу строг кон мене на самите тренинзи, па и многу често и во приватниот живот, но мојата желба и како со восхит гледав на сето она што тој го правеше во салата, беше посилна и за на крај да успеам да го убедам да се посвети на мое усовршување, вели таа за „Женски магазин“.

Вели дека иако борешките спортови се терен во кој доминираат мажите, жените успеваат да покажат дека се вредни за почит и ги совладуваат вештините еднакво добро како и мажите кога за работа и тренинг ќе им се даде шанса и мотив. 

-Боречките вештини важат за машки спорт и тоа е факт. Да се биде жена тренер во светот на боречките вештини не е така лесно, но како што кажав мојата желба, упорност и тврдоглавост да бидам она што сум денес се посилни од сè. 

Да се покажеш и докажеш како на тренинг така и на натпревар не било лесно, но никогаш не сум се откажала, ниту пак ќе се откажам.

Имало милион ситуации каде што голем број на тренери (мажи) се потрудиле да ме навредат и да се потрудат да ме понижат, но не им успеало, затоа што многу добро го знам својот квалитет, знам која сум и од каде потекнувам.

Сепак да се биде ќерка на човекот кој прв го донесе кик боксот во Македонија и не е мала работа, вели Неделковска. 

Вели дека ѝ било потребно многу време да се избори за своето место, иако нејзиниот татко бил реномиран спортист. Токму тој ѝ бил првата пречка, па најблиската средина, борбата за етаблирање во спортските федерации и во општеството следувала на крајот. 

-Искрено многу долго време ми беше потребно да се докажам за својот квалитет и ако од една страна бев и сум горда што сум ќерка на таков човек, но од друга страна сакав луѓето да ме препознаваат како Дијана Неделковска а не само како ќерка на Златко Неделковски. 

Успеав, иако ми беа потребни голем број на години на докажување.

Ќе лажам ако речам дека немало моменти кога сум сакала да оставам сè зад себе и едноставно да се откажам. Неправди имало и ќе има, таков е животот нели, но некако не сум задоена да се откажувам, јас сум борец. 

Жена борец која се бори и приватно и професионално.

Па така да кога ќе дојдат тие некој лоши денови едноставно се повлекувам, размислувам, одам во природа и се враќам назад посилна, вели Дијана. 


На прашањето каква била состојбата на жените во боречките спортови пред 20тина години кога таа ги правела првите професионални почетоци вели:

-Уф, тешка е споредбата искрено. 

Мојот дом е преплавев со касети од кик бокс натпревари од самите почетоци и кога од време на време ќе застанам да изгледам еден натпревар од тоа време и кога ќе направам споредба со денешниот кик бокс некако сум разочарана.

Но нема да филозофирам зошто е тоа така, тоа е една многу долга тема, но само едно ќе кажам.

Боречките вештини се една голема филозофија која доколку не ја разбереш и научиш правилно, ќе заминеш на погрешен пат.

Сепак денеска, нејзината сала каде што одржува тренинг секоја година се полни со поголем број девојчиња. 

-Се сеќавам дека низ годините наназад во салата 90% беа мажи и ние 3,4 девојки и тоа така траеше многу долго време. 

А денес веќе тоа е завршена приказна. Во нашата академија искрено ќе најдете и девојчиња и момчиња, но и мажи и жени во повозрасни години кои сакаат рекреативно да се занимаваат со боречки вештини што искрено тоа многу ме радува.

Верувале или не најстариот ученик на мојот покоен татко беше 75 години.


Иако за боречките спортови во последно доста се говори, многумина имаат предрасуди дека тие можат да се злоупотребат или не им е јасна вистинската примена на боречките вештини надвор од салата. 

-Боречките вештини се забранети да се применуваат надвор од салата. Тие може да ги употребите во рингот на некој натпревар, на некоја спортска презентација или некоја телевизиска промоција.

Тоа е правото и вистинско место каде што може и смее да се употребуваат истите.

Инстинктивната самоодбрана е онаа кое треба да ја познаваме сите, без разлика на пол и години.

Таа не бара да сте спортист, да сте физички подготвени, туку едноставно ве учи како да се самозаштитите во несакани ситуации.

Се смета дека жените побрзо напредуваат од мажите во совладување на вештините, но потоа состојбата се менува бидејќи улогите како мајчинство прават долги паузи во професионалниот развој и се одразуваат на кариерата, а еве што вели таа на оваа констатација:

-Реално за да напредуваш во еден спорт, конкретно ќе зборувам за мојот, нема апсолутно никакво правило кој побрзо ќе напредува.

Сè зависи од нивната посветеност и желба за успех, но најмногу зависи од тренерот кој ги води низ самиот тој процес.

Дисциплината е наш заштитен знак за влез во салата.

Со неа влегуваш, напредуваш и со неа продолжуваш понатаму низ животот.

Таа е можеби еден од најважните фактори за успех на било кое во животот.

Ова е нејзината најважна животна лекција која ја научила токму преку боречките вештини

-Најважната животна лекција која ја научив е никогаш да не се откажувам, дури ни во моментите кога ми било претешко и кога не сум можела повеќе да издржам, не сум се откажала.

Јас сум борец, зборовите „не можам“ и „не знам“ не постојат во мојот речник. Простор има само за нешто што ќе ме води низ животот со главата горе.


Денеска е мајка на синче кое станува центар на нејзиното внимание и за кого очекува дека ќе ја наследи во спортот исто како што таа го наследи својот татко. 

-Со оглед на тоа дека сум мајка на осум месечниот Марко, целото мое слободно време му го посветувам него и искрено уживам во моментите поминати со него.

Останатото време го поминувам со моето семејство, сопругот, особено со акцент на мајка ми Елизабета која ми е најголема поддршка во сè и ме насочува кон мајчинството, со пријателите кои ми се важен дел од животот, со Тир нашиот миленик на 4 нозе.

А мирот од секојдневните обврски го наоѓам на планина во природа или покрај некоја добра книга.

Искрено ми фалат уште неколку часови во денот и неколку денови во неделата за да постигнам сè што сакам.

Идеалист е кога е во прашање спотот, па вели дека како жена тренер секогаш е целосно посветена на успехот на своите ученици и токму нивниот успех го доживува како најголемо признание за својата работа. 

-Мојата најголема желба како жена тренер ми е еден ден моите ученици да ги видам горе на пиедесталот на тоа исто место на кое бев јас пред неколку години. И токму тоа ќе биде круната на целата моја долгогодишна посветеност во светот на боречките вештини.

И ова не значи дека ги фаворизирам само женските борци и тренери, но претставници од „посилнот“ пол ред е во 21 век првенствено во животот да бидете и грам феминисти (помалку ружи и парфеми, повеќе искрена поддршка).

Ова е биографија на жена која се избори со сите предрасуди на општеството и докажа дека кога на жените ќе им се даде шанса, тие нема да пропуштат да ја искористат, дури и кога се на целосно машки терен. 

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов