Околку 3.800 луѓе во Македонија секоја година умираат од загаден воздух: Во иднина јавноста нема да има податоци кој и колку загадува

Добивај вести на Viber

Новиот Закон за контрола на индустриски емисии во Македонија предвидува дека клучни информации за работата на големите индустриски постројки може да станат недостапни за јавноста, доколку компаниите побараат тие да се прогласат за „деловна тајна“.

Според новите одредби, токму Министерството за животна средина ќе одлучува кои информации ќе бидат сокриени, а јавноста нема да има право на жалба. Правните експерти предупредуваат дека ова може сериозно да го ограничи јавниот надзор и да им овозможи на индустриските капацитети да прикријат податоци за хемикалиите, суровините и материјалите што ги користат во процесот на согорување.

Фото извор: Женски магазин

Законот дозволува деталите за дизајнот на фабриките, како и податоците за употребените суровини и хемикалии, да бидат означени како „деловна тајна“, доколку компанијата тоа го наведе во барањето за еколошка дозвола. Министерството потоа решава дали тие информации ќе останат недостапни за јавноста.

Од Здружението на млади правници на Македонија оценуваат дека ваквото решение е проблематично и најавуваат иницијатива за оспорување на законот пред Уставниот суд. Според нив, воведувањето на институтот „деловна тајна“ може да доведе до прикривање на податоци – што значи дека граѓаните нема да знаат, на пример, дали некоја фабрика согорува отпад, гуми или други токсични материи.

Иако законот се донесува со цел усогласување со европските стандарди за животна средина и предвидува јавен регистар на индустриски емисии, експертите предупредуваат дека ограничувањето на јавниот увид може да го намали влијанието на стручната јавност во процесот на одлучување.

Фото извор: Женски магазин

Проблемот, велат, може да биде во тоа што Министерството нема обврска да ја објави одлуката за прогласување деловна тајна, ниту јавноста има право да ја оспори. Таквата практика може да биде во судир со Архуската конвенција, која бара исклучувањето на информации да биде ретко и строго оправдано.

Според експертите, јавноста сепак ќе има пристап до информации во фазата на процена на влијание врз животната средина, пред издавање на еколошката дозвола – што останува единствен механизам за транспарентност.

Во најновиот извештај за 2025 година, Европската агенција за животна средина предупредува дека Македонија се соочува со екстремно загаден воздух, неефикасно управување со отпадот и спор напредок во енергетската транзиција. Според проценките, загадениот воздух предизвикува околу 3.800 смртни случаи годишно, што претставува 17,7% од вкупната смртност – бројки кои ја вбројуваат земјата меѓу најзагадените во Европа.

Извор / Фото извор насловна: Женски магазин