Преспанското езеро исчезнува, најавува еколошка катастрофа: Ќе останеме ли без најзначајното природно богатство?

Добивај вести на Viber

На социјалните мрежи деновиве постојано кружат загрижувачки фотографии од Преспанското Езеро – местото кое со децении важеше за еден од најубавите природни бисери на Македонија, денес изгледа како суво корито. 

Таму каде што некогаш имаше капачи, чамци и туристи, сега има само кал и пукната земја, налик на жив песок.



Фотографиите и видеата што ги споделуваат локалните жители и посетители предизвикаа лавина од реакции. Под објавите се редат коментари исполнети со загриженост, неверување и гнев, а многумина се прашуваат дали ова е почеток на крајот на езерото кое со векови било симбол на природната убавина и биолошката разновидност на регионот.

„Ова не е само локален, туку и еколошки аларм за целата држава“, коментираат дел од граѓаните, потсетувајќи дека Преспанското Езеро е од клучно значење за екосистемот, бидејќи преку подземни канали е поврзано со Охридското Езеро.

Додека јавноста алармира, надлежните институции молчат. Нема официјално известување од Министерството за животна средина, ниту пак анализа за тоа дали причината за повлекувањето на водата е климатска, природна или резултат на човечка негрижа.

Еколозите предупредуваат дека доколку не се реагира навреме, Преспанското Езеро може неповратно да се изгуби, а со тоа и целиот биолошки баланс во регионот.

Фото извор: Мета - Ole Gold