Прославата „Свадбена ноќ“ на духовниот учител Руми ќе привлече десетици илјади посетители во Коња во Туркије
Десетици илјади туристи секоја година, во периодот меѓу 7 до 17 декември, го посетуваат градот Коња во Анадолија во Туркије, со цел да присуствуваат на церемониите посветени на познатиот поет и филозоф Мевлана Џелаледин Руми. Всушност, 17 декември е денот на упокојувањето на овој познат суфиски духовен учител и хуманист, но тој смртта не ја сметал за крај, туку за радост, односно за свечен чин и соединување со божеството. Неговата позната изјава „Дојди, кој и да си“ се памети како повик до сите луѓе во светот, без разлика на вера, потекло или положба, да учат, да бараат духовна вистина и љубов. Токму и затоа во Коња се прославува Шеб-и Арус, или ноќта на неговото соединување со божеството, која уште и се нарекува „Свадбена ноќ“. Сите претходни денови, пак, се одржуваат бројни церемонии, проследени со мистична музика и атмосфера на длабоко внатрешно созревање. Во Анадолија, во која се испреплетуваат бројни религии, традиции, филозофии и култури, овој настан се смета за еден од највпечатливите духовни искуства и културни обичаи во Туркије.

Годинава се одржува 752-то издание на Комеморацијата на Румиевото соединување, под мотото „Време за мир“, што говори колку е долга традицијата на овој настан, кој од 2008 година е дел и од Листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Во текот на овие 10 дена Коња се претвора во жив културен центар кој е инспириран од делото на Мевлана, што означува учител и духовен водач. Во градот по тој период се одржуваат познатите Сема церемонии, односно духовни ритуали во кои дервишите, облечени во бели долги фустани и цилиндрични капи, со раширени раце се вртат во круг, при што десната рака е подигната кон небото, а левата е кон земјата, симболизирајќи примање на божествената благодат. Покрај нив, се организираат и конференции, поетски читања, изложби, театарски претстави, како и натпревари во фотографија, што е атрактивно за бројни гости и од Туркије и од светот.

Мевлана Џелаледин Руми бил роден на 30 септември 1207 година во Балх, денешен Авганистан, а пораснал во учителско семејство, кое подоцна се преселило во Коња, тогашна престолнина на Селџуците. Во 1244 година го запознал Шамс од Табриз, и всушност пријателството со него длабоко го обликувало неговиот духовен пат, но завршило трагично, со мистериозното исчезнување на Шамс. Учењата на Руми за љубовта, посветеноста и духовното патување брзо се прошириле и стекнале глобално признание. Една од најпознатите збирки поеми на Руми е „Месневија“, која има шест тома и околу 25.700 двостихови, а и денес се смета за врвно дело на духовната литература. Руми починал на 66-годишна возраст, во 1273 година во Коња, сметајќи дека тогаш го доживува своето духовно соединување, за кое копнеел целиот свој живот.

Токму затоа во Коња се препорачува да се посети Музејот на Мевлана, кој нуди преглед на животот на Руми преку ракописи и духовни предмети. Интересни се и Музејот за керамика, потоа неолитското наоѓалиште Чаталхојук, кое е едно од најстарите во светот и е место под заштита на УНЕСКО, како и историското село Силе, кое е познато по ранохристијанската архитектура. Вреди да се истражи и Соленото Езеро, кое е второ најголемо езеро во Туркије, кое се одликува со мирни води и богата птичја фауна. Од храната во Коња, пак, се препорачува да се вкусат етли екмек, тенки лепињи печени на камен, со мелено месо и зеленчук, како и тирит, јадење од варено месо кое се сервира врз печени парчиња леб и јогурт со лук.
*ПР објава