Секогаш изгледа женствено и беспрекорно, но нашата Цеце го вози најголемиот шлепер во Македонија: Многу мажи ѝ завидуваат на нејзината храброст

Добивај вести на Viber

На прв поглед делува како секојдневна жена, со женствен и негуван изглед. Но, нејзините интереси ја праваат неконвенционална жена што во Македонија ретко се среќава. 

Цветанка Мирчевска е професионален возач на шлепер. Самата вели дека жените во оваа професија се толку ретки, што каде и да се појави предизвикува интерес и љубопитност. 

Во нашата средина владеат голем број стереотипи за жените возачи воопшто, но Цветанка е една од жените која успешно ги побива сите креативни шеги на сметка на „женското неснаоѓање зад воланот“. Скоро секојдневно со својот шлепер поминува стотици илјади километри, среќава различни луѓе и се движи во различни места. 

Тоа искуство ја мотивира да ја работи својата работа максимално професионално, но и со многу љубов. Никогаш не размислувала да се откаже, но самата вели дека далечината од нејзиното семејство и пријатели често знае да ѝ падне тешко. 

Засега успева да воспостави баланс помеѓу работата и семејството. Љубовта кон нејзината работа, но и храброста да биде поинаква ја донесоа на нашата листа на жени кои заслужуваат признание за тоа што се различни и го градат светот на темели кои отвораат врати и за други жени. 

Фото извор: Приватна архива 

Да жени професионални возачи постојат, иако се ретки, тие се подеднакво успешни во својата работа колку и нивните колеги од машки пол. 

Токму затоа што ретко се среќаваат жени возачи на шлепер и самата именка на професијата е од машки род. Ретко жена може да види пример од друга жена во оваа професија која би ја инспирирала или навела на идеја, дека може и таа еден ден да биде успешна во „машки свет“.

 За своите почетоци Цветанка вели дека се трновити, не било лесно да се издејствува идејата еден ден да седне зад волан на толкаво возило и да го управува вешто, мирно и совесно. Но нејзиниот темперамент и карактер биле пресудни. 

– Искрено, отсекогаш ме влечеше идејата за патување, движење, слобода. Од мала ме фасцинираа тие големи камиони и луѓето што ги управуваат со сигурност. Немав некој близок што возел, но нешто во мене секогаш ми велеше: „Ова е за тебе.“ И кога дојде моментот, не се двоумев. Сакав да докажам – прво на себе, а потоа и на сите – дека нема машка и женска професија, туку има луѓе кои ја сакаат својата работа. 

Таа немала дилема дека ќе ја работи оваа работа, но околината знае да биде стимулативна но и опструктивна, во нејзиниот случај реакциите биле поделени. 

– Имаше изненадувања, насмевки, па и некои чудни погледи. Некои ми велеа: „Ама што ќе бараш ти таму?“ Но со време, кога видоа колку сериозно го сфаќам тоа што го правам, сите почнаа да ме почитуваат уште повеќе. Денес моето семејство и пријателите се горди, а јас сум благодарна што не се откажав кога беше најтешко.


Фото извор: Приватна архива


Вели дека на жените им треба повеќе можност да работат најразлични професии, кога тие шанси се фер и чесни, жената може да ја работи и традиционално машката професија со истиот професионализам и да внесе свежина и иновација. 

– Сè повеќе жени се одлучуваат да го направат овој чекор, и тоа ме радува. Мислам дека кога една жена ќе покаже дека може, таа несвесно отвора врата за многу други по неа. Ние не бараме посебен третман – само еднаква шанса да го правиме она што го сакаме, вели Мирчевска. 

А за тоа што е најубавото, но и најтешкото од нејзината професија, ако можеме тоа да го пресликаме во Бентамова таблица на предности и недостатоци, таа вели:

– Најтешко е кога си далеку од дома, од блиските. Има моменти кога патот е долг, времето лошо, а ти мораш да бидеш силна и сконцентрирана. Но најубавото е чувството на независност. Кога си на отворен пат, кога гледаш изгрејсонце некаде во странство и знаеш дека си таму благодарение на сопствената храброст – тоа нема цена.


Фото извор: Приватна архива 

Миречвска вели дека ја сака својата професија, но и дека ја препорачува на другите жени кои ја имаат желбата да го работат токму она што го работи и таа. 

– Ја сакам со сè што носи. Не е лесно, но секој пат кога ќе седнам зад воланот, чувствувам мир и гордост. Би ја препорачала на секоја жена што сака промена, авантура и самостојност. Ако нешто вистински го посакуваш, нема препрека што не можеш да ја поминеш. 

Што овозможува нејзината работа покрај заработка, која е основниот мотив зошто сите работиме и дали навистина професионалните возачи можат да пропатуваат на најразлични места благодарение на својата работа, Цеце вели дека навистина е возможно да се има убава пауза од задолжителното време посветено на работната должност. 

– Навистина овозможува, иако понекогаш времето е ограничено. Не е баш туристички стил, но гледаш пејзажи, градови, луѓе – и секој ден е поинаков. Патот те менува, те прави поотворен и посилен. 

Мирчевска ни раскажа и како реагираат луѓето кога ќе видат дека голем шлепер управува жена која изгледа толку женствено и нежно. 

 – Најчесто има восхит и љубопитност. Луѓето ми мавтаат, се насмевнуваат, некои дури и ми честитаат. Секако, има и предрасуди, но тие сè помалку значат. Најважно е што покажувам дека жената може да биде нежна, но и цврста – и дека и зад волан на шлепер може да има срце полно со љубов.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов