Шок извештај од Македонија кој ги запрепасти претставниците на ЕУ: Нашите млади се официјално најголеми евроскептици во Европа
Во публикацијата „Справување со младиот евроскептицизам на Западен Балкан: Случајот Македонија“, претставена во Брисел, е наведено дека расте недовербата на младите кон ЕУ и дека е неопходно да се преземат мерки за да се спречи дополнително продлабочување на овој тренд.
До крајот на месецот е најавена и официјална промоција во Скопје.
Иако мнозинството млади во земјава имаат позитивен став кон ЕУ, речиси половина не веруваат дека Македонија некогаш ќе стане членка. Истражувањето покажува дека кај младите се создава јаз помеѓу идејата за Европа и реалноста што ја живеат – помеѓу надежта и недовербата, желбата за напредок и институционалните предизвици.
„Овој јаз создава основа за младиот евроскептицизам. Потребна е брза, координирана и долгорочна акција што ќе ги вклучи младите како активни чинители, ќе ги адресира економските и институционалните бариери и ќе воспостави директна, релевантна и транспарентна комуникација со нив“, стои во публикацијата.
Анкетата: позитивни ставови, но слаба вера во членството
Истражувањето е спроведено кон крајот на јуни 2025 година со анкета во соработка со платформата „Студентарија“, во која учествувале 1.000 млади, од кои над 80% студенти.
Резултатите покажуваат дека:
-
41% од младите имаат позитивен став кон ЕУ
-
24% негативен,
-
35% неутрален
Иако доминира позитивното расположение, истражувањето укажува дека недостасува подлабока поврзаност со европските вредности.
Кога станува збор за шансите на државата да стане членка на ЕУ:
-
46,5% не веруваат дека Македонија некогаш ќе влезе во ЕУ
-
35,8% сметаат дека членството е возможно, но во далечна иднина
-
само 6,7% веруваат дека тоа може да се случи во наредните пет години
-
11% немаат став
Како најголема пречка за интеграцијата, 84,6% од младите ја посочуваат корупцијата, следат билатералните спорови (61%) и ниската доверба во институциите (60%).
Младите сакаат шанса, перспектива и партнерство
Во документот се нагласува дека младите не се пасивни набљудувачи, туку активни актери кои бараат јасна перспектива и партнерски однос од институциите.
„Европа нема да биде целосна без нивниот придонес, а процесот на проширување нема да успее без нивно значајно вклучување“, се наведува.
Публикацијата препорачува заедничка работа меѓу националните институции и телата на ЕУ, особено во спроведување на младински програми, учество во креирање политики и вклучување на младите во процесите на донесување одлуки.
Што ги интересира младите од Македонија?
Според анкетата:
-
76,2% најмногу ги интересираат можностите за работа и живот во ЕУ
-
55,1% образовни и младински програми како Erasmus+
-
50% заштита на човекови права
-
48,1% екологија
-
44,5% дигитализација и иновации
-
32,2% културна размена
Повеќе од 60% од младите не веруваат дека членството во ЕУ би ја намалило емиграцијата, што покажува колку е силно чувството на несигурност во општеството.
Ниска граѓанска активност, но отвореност за дијалог
На прашањето дали би учествувале во дијалог со претставници на ЕУ:
-
41,6% би учествувале,
-
30,5% не би,
-
27,9% се неопределени.
Истовремено, над 70% изјавиле дека се „општествено неактивни“, а само 8% учествуваат во граѓански или политички иницијативи – што, според публикацијата, укажува на чувство на немоќ и недоверба кон институциите.
Кој има најголеми шанси да влезе во ЕУ?
Младите од Македонија сметаат дека најблиску до членство во следните пет години се:
-
Албанија – 53,2%
-
Црна Гора – 34,5%
-
Србија – 14,7%
Само 8,2% веруваат дека Македонија може да стане членка на ЕУ во овој период.
Извор/EPA