„Сонот на едно дете“ – инклузивна претстава што ја расплака публиката: 300 танчари на сцената на МНТ ја одиграа најемотивната приказна
Шестата инклузивна танцова претстава „Сонот на едно дете“ во продукција на танцовото студио „Еурека“ вчеравечер ја исполни сцената на Македонската опера и балет со емоција, енергија и искрена уметност.

На сцената настапија околу 300 танчари – членови на студиото со и без попречености – обединети во заедничка приказна за сонот што никогаш не згаснува. Кореографиите се оригинално создадени од тимот на „Еурека“, а музичката подлога ја чинат внимателно избрани композиции од безвременски бајки, кои уште повеќе ја збогатуваат волшебната атмосфера на претставата.

„Ова е гласот на сите што сонуваат свет без предрасуди – свет во кој различностите не разделуваат, туку создаваат мостови меѓу луѓето. Инклузијата не е само прифаќање, туку исполнување на соништа“, велат од студиото.

Во претставата се прикажани трите животни фази – детето, тинејџерот и возрасниот – симболично поврзани преку идејата за растење, учење и меѓусебно разбирање. Во светот што го создадоа танчерите, сите се еднакви, секој талент е вреднуван, секој глас е слушнат, а човечноста е најсилниот јазик.

„Сонот на едно дете“ трае 80 минути и зад себе остава силна порака: дека магијата на различностите е она што нè прави посебни, а инклузијата – нашата најголема заедничка победа.

Претставата привлече гости и од државниот врв. На настанот присуствуваа претседателката Гордана Силјановска Давкова, како и министерот за култура Зоран Љутков, што дополнително му даде на настан значење — како културно, така и симболично.

„ЕУРЕКА! Триумф на волшебна игра, вулканска ерупција на младешка енергија, земјотрес на танчерско совршенство, поплава на човечка љубов, хармонија на срца, чекори и музика. Доказ дека навидум неможното, со решеност, храброст и поддршка станува реалност. Незаборавна вечер со светските првенци!“, напиша претседателката Силјановска Давкова во својата објава на Фејсбук.

РЖМ
Фото: Фејсбук/ Гордана Силјановска Давкова