Спомени, емоции и благодарност: Мост кон минатото кој ја обедини музичката сцена

Добивај вести на Viber

Песните на легендарниот композитор, инструменталист и диригент Кире Костов се повеќе од музика. Тие се вистинска магија што останува со нас.

Синоќа во НОБ, на концертот во негова чест насловен „Летај Галебе“, таа магија повторно оживеа, допирајќи ги срцата на сите присутни и потсетувајќи нè дека убавината на музиката трае засекогаш.

Концертот беше исполнет со емоции, спомени и благодарност. Преку звуците на неговите дела, уште еднаш се потсетивме колку многу остави зад себе. Повеќе од 700 композиции. Наследство што ќе нè обединува и ќе нè инспирира и во иднина. Одекнаа „ Кога те нема“, „Летај галебе“, „Тајно моја“ , „Што те нема“...

Секоја нота беше враќање назад, во едно поинакво време, пред четири, три, две децении.

Секој во публиката ја почувствува неговата музика на свој начин. Некој со насмевка, некој со солза, некој со тивка благодарност. Но, сите заедно го почувствувавме истото- големината на човекот кој со своите ноти ни остави трага што нема да избледи.

Секој од изведувачите ја донесе песната во свој, препознатлив стил. Привилегија да се биде дел од ваков настан имаа: Драган Мијалковски, Андријана Јаневска,  Биба Додева, Елена Ристеска,  Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов. Ана Петановска, Елена Васова и Сигија Маконами. Гости на настанот беа и диригентот Љупчо Мирковски и неговиот син, инструменталистот Бобан Мирковски.

 Беспрекорната изведба на музичарите од камерниот оркестар беше диригирана од Сашо Татрчевски. Во улога на музички соработници се појавија  Дамир Имери и Владимир Костов. Настанот кој го режираше Дејан Пројковски го водеа Живкица Каленикова и Огнен Јаневски. Придруѓни вокали беа Ана Костадиновска ( ќерката на Кире), Стево Чепишевски и Теа Богатинова. 

Помеѓу паузите на песните, водителите не потсетуваа на ликот и делото на Кире Костов, со дел од сеќавањата на неговите најблиски пријатели и соработници објавени во монографијата „Летај, Галебе“, посветена на авторот, која неодамна беше промовирана во Битола и Скопје.  Особено беше емотивен мигот кога се спомна изјавата на легендарниот Драган Ѓаконовски Шпато што и ја кажал на Кармен Костова, сопругата на Кире. 

„Ќе има мигови кога ќе почувствуваш дека музиката ја сака повеќе од тебе. Ако тоа го надминеш, ќе успеете.“

И успеаа. Останаа еден покрај друг до последен миг. Живеејќи во дом во кој царува музиката , но и љубовта, опкружени со четири грации, ќерките Ана и Нина и двете внуки.
Публиката ја поздрави сопругата на авторот со долг аплауз и овации,  како што заслужува една жена која стои зад кариерата на голем уметник и продолжува да го чува неговото дело живо. Таа е иницијатор на сите настани што се одржаа досега, а и во иднина ќе продолжи со таа мисија.

Кире Костов не замина, тој живее во секој акорд, во секој стих, во секое срце што уште чука во ритамот на неговата музика.

Тој живее во секоја негова песна, во секој звук што нè трогнува, во секоја емоција што ни го потсетува срцето дека музиката е најубавиот јазик на љубовта.

А потврда за тоа беше и маестралната изведба на Сигија Маконами од Јапонија на безвременскиот хит „Кога те нема“.

Организатори на настанот беа „Баги Комуникации“.

С.А.Н / Фото: Вангел Тануровски