Сведоштво на Викторија Сребренова за трагедијата во „Пулс“: Заглавена во толпата со скршеници и изгореници, го слушав гласот што ме одржа жива, издржи, не предавај се

Добивај вести на Viber

Девет месеци по трагедијата вокочанската дискотка „Пулс“, Викторија Сребренова (26) сè уште го носи на телото секој белег од пожарот, скршениците, изгорениците, болката што тивко пулсира со секое движење.

Но, ниедна физичка рана не боли толку, колку празнината што ѝ остана во срцето. Во таа кобна ноќ изгуби тројца пријатели.. Вели дека во некои денови, особено на посебни датуми, празници или родендени, таа болка изгледа како да е повторно тука, како сè да се случило пред неколку минути.

Викторија заврши факултет за компјутерско инженерство и моментално е вработена во Општина Кочани.

ЖМ: Поминаа девет месеци од големата трагедија. Велат дека времето тивко ја менува формата на болката и те учи да се носиш со тагата. Како се чувствуваш?

-Поминаа девет месеци, но болката и тагата остануваат неизбришани. Времето, како што велат, навистина тивко ја менува формата на болката, но не ја исчезнува. Во некои денови, особено на посебни датуми, празници или родендени, таа болка изгледа како да е одново тука, како сè да се  случило пред неколку минути. На овие денови, кои некогаш ги поминувавме заедно со мојата другарка Сања која повеќе не е тука, се чувствувам како да сум изгубила нешто што никогаш не можам да го вратам.

Но, исто така, има и денови кога чувствувам дека болката полека се смирува, дека станувам посилна и подобро се носам со неа. Секој нов ден ми носи некоја нова сила, нова перспектива и учам како да живеам со оваа рана која никогаш целосно нема да зарасне.

ЖМ:Кога ќе се навратиш на таа ноќ, што прво ти се јавува, страв, збунетост, празнина, или нешто што ни самата не можеш да го опишеш?

- Кога ќе се навратам на таа ноќ, прво се јавуваат страв и паника. Сеќавањата се исполнети со таа бурна емоција, со тој ужас кој беше едноставно неопислив. На почетокот се трудев да не се навраќам, да не помислам на тоа што се случи, бидејќи не можев да се соочам со реалноста. Но, за жал, тоа беше невозможно. Нема начин да избегаш од нешто толку страшно, од нешто што те менува засекогаш.

Дури и по девет месеци, понекогаш се јавуваат соништа во кои ми се враќа истата сцена и се будам со срце што чука со страв, со крици, како да се случува повторно. Тоа чувство на празнина и беспомошност е нешто што е многу тешко да се опише. Да се биде сведок на таква трагедија е нешто што не може да се изрази со зборови. И не би посакала никој да го почувствува тоа. Никој не заслужува да се соочи со таква болка и страв.

ЖМ: Првата искра на покривот беше најава на големата трагедија. Може ли да ни опишеш што се случуваше во тие мигови? Како успеа да се спасиш?

-Нашата маса се наоѓаше во првите редови и бев завртена со грб кон бината, па не успеав да го забележам моментот кога почна да гори покривот. Моментот кога сфатив што се случува беше тој, кога пејачот од ДНК, Панчо, преку микрофонот ни кажа да излеземе веднаш. На масата бевме четворица: јас, две другарки и еден другар. Бевме сите збунети, никој не знаеше што точно се случува. Тие тргнаа напред, а јас останав последна, одев зад нив.

Кога стигнавме до тоалетите, ги изгубив од вид. Тие продолжија да трчаат напред, а јас се најдов во стампедото што се создаде. Чувствував како да сум затворена во море од луѓе, не можев да се поместам, ни да дишам. Просторот беше целосно изгубен, а притисокот од сите страни беше неподнослив. Стоев потпрена на ѕидот и почувствував болка во левата рака. Болката беше толку силна што веднаш почувствував дека раката ми е скршена.

Но, истовремено, не само болката, туку и густата температура што доаѓаше од огнот. Воздухот беше потполно задушувачки, не можев да земам здив, а кожата ми гореше од топлината. Чувствував како ме гуши, и со секој здив што се обидував да го земам, се чувствував како да се задушувам уште повеќе. Криците од сите страни, паниката и болката ми ги одземаа сите сили.

Во тој хаос, едно момче што стоеше позади мене ми даде сила. Цело време ми велеше да издржам, дека ќе се спасиме. Кога почнував да губам свест, ме тресеше и ми повторуваше да не се предавам. Без него, не знам дали ќе преживеев.

Кога пред мене се расчисти толпата, успеав да излезам надвор. Излегов, но целата сцена остана запечатена во моето срце и ум. Иако бев физички надвор, моите мисли и чувствата од тој ден останаа затворени во тие моменти на болка, страв и шок.

ЖМ: Кое беше момчето?

-Момчето е Филип Арсов и има 20 години. Случајно се најдовме за време на пожарот, иако во целата темнина и чад воопшто не се препознавме. Иако се знаеме од претходно, во тие услови не се препознавме. Подоцна дознав дека и Филип се здобил со изгореници од втор и трет степен. Во текот на хаосот неколку пати ја губев свеста, а Филип ме освестуваше и ме бодреше да останам присебна. Кога подоцна дававме изјави во судот, обвинителот според тоа што сме го раскажале сфатил дека зборуваме еден за друг: Филип за девојчето што повеќе пати се онесвестувало, а јас за момчето што ми помагало. На крај, обвинителот му објаснил за кое девојче станува збор и стапивме во контакт.

ЖМ: Колку твои пријатели кои вечерта беа со тебе го изгубија животот?

- Таа вечер бевме шестмина: јас, двајца другари и три другарки. За време на трагедијата, една од другарките беше излезена на цигара и за нејзина среќа, успеа да го избегне пожарот. Другото момче беше на друга маса и не бевме заедно во тој момент. Подоцна дознав дека и тој претрпел сериозни изгореници.

За жал, од четворицата што останавме на масата, само јас успеав да преживеам. Другите тројца, кои беа со мене, го загубија животот. Тоа сознание ме следи секој ден и е најтешкиот товар што го носам од таа вечер.

ЖМ:Што ти беше најтешко да прифатиш во деновите потоа?

- Бев 24 дена во болницата во Грац, Австрија. Во тие денови, не ми беше дозволено да користам телефон, бев изолирана од сите информации и од светот надвор. Ја прашував мајка ми што се случува, но таа ми кажуваше дека не знае ништо, дека ситуацијата во Кочани е многу комплицирана и не можела да дознае што точно се случува. Таа не ми кажа дека моите најблиски пријатели не го преживеале пожарот, затоа што не знаеше како ќе реагирам на таа вест и не сакаше да ме соочува со таа болка додека не бидам физички и психички подготвена.

Секој ден во болницата беше полн со нови болки, но и нови надежи дека можеби утре ќе биде полесно. Заспивав со болка во телото, но и со страв за новиот ден, бидејќи секој ден беше некоја нова процедура, нови преврски, чистење на раните, крвни анализи... Но, таа физичка болка беше ништо во споредба со тоа што го носев внатре. Болката во душата беше многу посилна од сè што можев да почувствувам физички.

Кога се вратив во Македонија, дознав што се случило. Од моите шест пријатели кои бевме заедно таа ноќ, тројца не ја преживеале трагедијата, другарче, другарка и една од моите најдобри другарки, со која последниов период бевме заедно преку еден ден. Првите денови од дознавањето на тоа што се случило, се чувствував како да ми се сруши светот. Тоа е товар кој ќе го носам цел живот. Грижата на совест што ја носам, дека не успеав да ги спасам, не поминува и тоа не можам да го пребродам. Секој ден се чувствувам како да не направив доволно за нив и таа мисла ќе ми остане засекогаш.

Како девојче, имав моменти кога се грижев за својот физички изглед, за тоа како ќе изгледам со изгорениците. Но, на крајот сфатив дека тоа не беше најважното. Најважното беше да се излечам одвнатре, да се справам со болката што ја носам во душата. Лузните на телото ќе заздрават, но лузните на душата остануваат засекогаш.

ЖМ: Со кои здраствени последици се бореше? 

-Со здравствените последици се борев долго време и тие не се само физички. Првата повреда беше скршената коска во левата рака, која ми беше оперирана пет дена по несреќата во Грац. На моето лице имав изгореници од прв степен, кои за среќа брзо заздравија и не оставија последици. Но, најголемите повреди беа оние кои ги претрпев на десната рака, левото рамо и дел од грбот, каде што имав изгореници од втор и трет степен. На местата каде што имав најтешки изгореници, извршена беше трансплантација на кожа, во која здрава кожа од мојата нога беше трансплантирана на изгорените површини. Тој процес беше болен и тежок и самото заздравување на ногата траеше многу време.

Но, и покрај сите физички повреди, најболна и најтешка беше психичката болка. Траумата од тоа што се случи остана со мене долго време. Неколку месеци се борев со депресија, со тешки мисли и емоции кои не ми даваа да се опоравам целосно. Иако физичките рани полека заздравуваа, таа душевна болка беше многу подлабока и посилна од се што бев поминала. Секој ден се борев со себе, со спомени од трагедијата, со стравови и чувство на беспомошност.

Се уште не сум целосно опоравена. Оправувањето трае, и ќе трае уште минимум една година. Моментално одиме на редовна физикална терапија, а од наредниот месец ќе започнеме и со ласерски третмани за лузни.

ЖМ: Што те покренува и кога е најтешко, мисла, рутинa, нечија поддршка?

-Кога е најтешко, најчесто се потсетувам на Аце и Сања кои ги изгубив во трагедијата. Тие беа толку весели, со неограничена љубов за животот и во моментите на најголема болка, ги чувам нивните насмевки во срцето. Знам дека не би сакале да ме гледаат тажна, па токму тоа ми дава сила да продолжам да живеам.

Поддршката што ја имав од моето семејство, од моето момче, од другарите и другарките и колегите од работа беше она што ми помогна да се издигнам над сè. Тие секојдневно беа тука за мене, со зборови и дела кои ми даваа сила да издржам. Благодарна сум на сите нив што не ме оставија сама во овие моменти и што ме мотивираа да продолжам.

Не можам да не ja споменам и големата поддршка од дечките од Сапорт Кочани, кои направија се што можеa за да ни помогнат, како и докторката Кате Паниќ, која постојано беше тука за нас, да ни помогне и да не поддржи низ овој тежок период.

ЖМ: Што би сакала луѓето да знаат за болката по ваква трагедија?

- Не би сакала никој никогаш да доживее ништо слично на ова, бидејќи болката по трагедија како оваа не може да се опише со зборови. Тоа е нешто што може да се разбереш само кога ќе го доживееш. Болката е неопислива и не верувам дека некогаш ќе исчезне. Не е само физичка, туку и емотивна и психичка. Загубата на луѓе кои ти биле многу блиски не може да се поправи и секогаш ќе ја носиш со себе.

Никој не може целосно да разбере каков емоционален товар носиш, но она што може да се направи е да бидеш тука за луѓето кои го доживуваат тоа, да им пружиш поддршка, да бидеш подготвен да ги слушаш и да ги охрабруваш. Тоа е единственото нешто што може да им помогне-да знаат дека не се сами, дури и во најтемните моменти.

ЖМ: Како изгледаше Кочани пред трагедијата, а како сега?

- Животот во Кочани пред трагедијата беше исполнет со енергија и радост. Градот беше жив, полн со насмевки и динамика. Кафулињата преполни со луѓе, деца кои играат на улиците, манифестации кои секојдневно ја озрачуваа атмосферата. Така изгледаше нашиот Кочани. Но, сè се смени преку ноќ. После трагедијата, градот кој некогаш беше толку жив и шарен, се претвори во место исполнето со тишина и болка. Поголемиот дел од денот, Кочани делува како да е изгубен во својата тагa.

Трагедијата допре до секој, бидејќи во мал град како нашиот, сите сме поврзани. Било да е член на семејството, пријател или сосед, секој носи своја болка. Секој ден, кога се движиме низ улиците, чувствуваме тежина во воздухот. Паркот, кој порано беше синоним за насмевки и забава, сега стои празен, како да го загубил својот дух. Се чини како сите да се изгубени во своите мисли, во својата жалост.

Но, и покрај тоа, Кочани не е изгубен. И покрај сите таги и рани, ова место носи нешто посебно - духот на луѓето кои сакаат да продолжат и кои се борат за правдата. Иако градот и понатаму не е ист и сè уште не е целосно вратен во својата нормала, ова е процес кој трае. Но еден ден, Кочани ќе се врати и ќе биде место каде што ќе се чуваат сеќавањата на сите оние кои не успеаја да бидат со нас, а ќе останат засекогаш во нашите срца.

Соња Алексоска Неделковска