Умешност е срмата со помош на лепило да се претвори во уметничко дело кое е безвременско: Билјана од Скопје за Женски магазин

Мојата приказна започна многу спонтано, и сега ја остварувам мојата љубов од детството. Како мала сакав да цртам. Уште во основно училиште ја развивав таа пасија на експериментирање со бои и низ сите изминати години креативноста ми се провлекуваше низ животот, но она вистинското се случи пред една и пол година, кога ја напуштив работата и решив да стигнам таму каде што замислив.
Вака ја започнува приказната 51 годишната Билјана Филипова од Скопје. Таа е сопруга, мајка на две ќерки и баба на две внучиња Матеа и Максим.
Во април минатата година решила да ја напушти фирмата во која што работела 15 години и почнала да правам слики од срмен конец за кои добива многу позитивни коментари.
-„Во јули 2022 год ја направив страната „Подари слика од срмен конец“ и инстаграм „подари.слика“ и почнав да ги објавувам сликите. Мои најголеми критичари и најголема поддршка се моите ќерки, сопругот и мојата мајка.
Луѓето ме знаат како позитивна личност и секогаш насмеана. Креативна сум уште од основно училиште, сите цртежи ми беа изложени во училиштето. За изработка на сликите користам срмен конец, лепак и циркони, направени се со многу љубов, позитивна енергија и труд. Работата ме исполнува и сликите се дел од мојата душа“, ни раскажа оваа дама за себе.
Во редовите подолу ја читате нејзината приказна.
*Билјана, кога ја изработивте првата слика?
-Првата изработена слика од срмен конец пред една и пол година беше подарок за мојата ќерка, кој сакав да биде различен и уникатен, а сепак да биде убав и да изнуди насмевка на нејзиното лице. После ќерка ми следеа блиски роднини и пријатели на кои им подарував парче уметност откинато од мојата душа, а емоциите и радостите кои ми беа возвратени правеа и сѐ уште прават да се чувствувам исполнето.
Сето ова придонесе да ја направам страната „Подари слика од срмен конец“ на Фејсбук и „Подари.слика“ на инстаграм каде што почнав да ги продавам изработените слики.
*Какви мотиви најчесто избирате за вашите дела, од каде
црпите инспирација?
-Мотивите во моите изработки се најразлични, најчесто се: пеперутки, бувчиња, сончогледи, икони, крстови, пауни...се во зависност каква е побарувачката.
Идеи имам премногу за кои навистина не можам да кажам како се раѓаат едноставно ми доаѓа моментот и земам конец, лепило и почнувам со изработка. Уникатноста на моите изработки е всушност желбата за создавање новитети и секое новосоздадено парче е исполнување на душата со позитивна енергија што ме одржува и ме прави среќна и задоволна. Инспирација црпам од сѐ околу мене. Најголема инспирација ми е тоа што иако имам 51 година, јас творам, создавам убавини од срмен конец, лепило и циркони кои се уникатни, неповторливи и пред сѐ имам мир.
*Колку време ви треба за да создадете едно дело?
-Не можам да кажам точно колку време е потребно за изработка на едно дело, бидејќи секоја слика е приказна сама за себе. Умешност е срмата со помош на лепило да се претвори во уметничко дело кое е безвременско. Работата е креативна но, потребно е многу прецизност, трпение, труд и многу љубов. Меѓутоа мене оваа работа ме смирува и ме прави среќна.
*Се случило ли некогаш преку ноќ да се разбудите и да почнете да цртате?
-Да, се случува да станам да ги направам контурите на одредена слика и утредента да почнам да ја исполнувам со срмен конец - со огромно задоволство да ја оживувам, да внесам дел од мојата енергија, душа и срце.
*Вие сте економист, сте работеле сосема друга работа, а што ве спречи да го изберете патот на уметноста како ваше образование?
-Моето образование нема никаква врска со уметноста, иако сите знаеа дека ликовното образование ми беше омилен предмет, меѓутоа сплетот на околности наложи образованието да го продолжам во сосема друга насока од уметноста, во економијата иако никогаш не работев како економист. Но, тоа што цел живот тлее во тебе, прашање на време е кога ќе се разбуди повторно и мислам дека секој човек крие во себе некој талент, меѓутоа треба да го пронајде и да работи на него.
*Сте размислувале ли некогаш за изложба на вашите дела?
-Секако, изложба каде делата од мојот креативен потенцијал ќе остават неизбришливи траги. Моите слики се идеален подарок за годишнина, роденден, празник, слава, но и без повод да се подари со љубов и да се стопли нечија душа. Според мене она што е изработено рачно е бесценето, лично за себе кога изработувам некоја слика толку се вложувам во неа па покрај вложеното време ја оставам целата своја љубов труд и душа.
*Дали ги продавате, и дали е исплатливо да се создаваат дела како вашите?
-Да, сликите ги купуваат луѓе со проверен, истенчен вкус кои знаат да препознаат квалитетни рачни изработки - уникатни, неповторливи, безвременски. Дел од моите слики отпатуваа во Америка, Германија, Канада...
Благодарнa до небо сум на сите што ме поддржуваат во работата, сите што ми даваат комплименти и коментари за мојата работа, сите што купиле моја слика каде е вткаен дел од мојата душа.
*Мислите ли дека е ценет вашиот труд, и слични како вашиот на пазарот кај нас, дали луѓето знаат да препознаат дело во кое е вложено многу?
-Предизвик во оваа работа е да создадеме свесност за тоа колку време и труд е потребно рачно да се изработи едно дело. За жал, брзото темпо на живот и инстант производи некако доведоа до тоа да се мисли дека вредноста на изработките треба да е многу мала, иако уште има луѓе кои знаат да ја препознаат и ја ценат рачната изработка.
*Како изгледа еден ваш ден, што ве мотивира во животот?
-Секој дел од нашето секојдневие си има своја убавина, ако знаеш да ја видиш и да и се восхитиш.
Во слободно време обожавам прошетки во природа каде црпам инспирација за изработка на овие прекрасни дела, работам на нови идеи, постојано надоградување и подобрување. Јас сум сопруга, мајка и баба. Покрај секојдневните обврски во домот, не поминува ни ден да не искористам неколку часа во изработка на слики, а тоа е нешто што ме релаксира и опушта. Дружба со семејството, изработка на слики од срмен конец, љубовта која постои во мене, тоа е мојот ден.
Го правам она што ми причинува задоволство.
Сакам да ги усреќувам луѓето. Моето семејство, двете ќерки, сопругот и мајка ми се мојата најголема поддршка и моите најголемите критичари. Уникатноста во изработката на сликите од срмен конец е мојот најголем предизвик и желба и затоа со текот на времето сакам да оформам свој печат кој ќе ги направи моите дела препознатливи. Моја мотивација е силната желба, енергија и ентузијазам, како и подготвеноста да направам сѐ за да ја постигнам целта.
Ирена Ставрова