За оние кои велат дека предците ми биле Бугари: Баба ми викаше во војната нивните војници ги разбиравме само малку подобро од Германците
По инцидентот на концертот во Велес, кога српската турбофолк пејачка Цеца го развеа бугарското знаме, темата повторно ја разбуди старата, незалечена рана – кои сме ние и зошто толку лесно дозволуваме други да ни кажуваат кои сме.
Настанот, иако на прв поглед банален, повторно ја отвори вратата на бугарската јавност која последниве години сè почесто и со поголем жар се занимава со Македонија, со нашата историја, па дури и со нашата свест.
Од бугарска страна постојано слушаме дека можеме да се чувствуваме како сакаме, но „историските факти“ наводно докажувале дека нашите предци биле Бугари. Мене лично, таа пизма ме тера да се запрашам: чија историја ја читаме, а чија ја живееме?
Имам жива баба која се сеќава на Втората светска војна подобро од многу историчари што денес ни држат лекции. Таа велеше: „Кога доаѓаа Германците, земаа по нешто — кокошка, пченка, зеленчук — ама со ред и усул. Кога доаѓаа Бугарите, тоа беше страв и трепет. Копавме во земја што ќе најдеме, само да спасиме нешто за прехрана. Пустош оставаа зад себе.“ И тоа не е мит, туку живо сеќавање.
Баба ми зборуваше и дека со Бугарите едвај се разбирале — „само малку подобро од Германците“. Со време, дури и од Германците научиле некој збор. И тогаш, нека ми прости секој што ја цитира „историјата“, но како точно моите предци биле Бугари кога ни јазикот не им бил заеднички, ни сеќавањето, ни болката?
Смешно е како Турците, пет века колеле и даночеле, не успеале да ги убедат Македонците дека се Турци, ама Тито, за триесетина години, наводно ги „направил“ Македонци. Тој наратив повеќе кажува за политичките амбиции на денешна Бугарија отколку за минатото.
Она што навистина ме плаши е дека Европската Унија, во името на дипломатијата, дозволува ова историско понижување. Наместо да биде гарант на вредности, таа станува арбитер на идентитети. Кога му кажуваш на некого дека не е тоа што верува дека е — тоа не е дијалог, туку демонстрација на моќ. А ЕУ тоа го премолчува.
Но, вистината е дека најголемата вина не е во другите — туку во нас. Ние самите си го потценуваме она што сме. На концерти со бугарски пасоши пееме песни што немаат никаква врска со нашата култура, додека сопствените богатства ги оставаме да пропаѓаат. Туризмот ни умира, природата ја уништуваме, а културата ја заменивме со кич и туѓи симболи.
Се лутиме кога некој ќе ни го негира идентитетот, а самите го губиме секојпат кога ќе го замениме со туѓо. И можеби токму затоа – најголемата закана за Македонија не е ниту Бугарија, ниту ЕУ, туку нашето сопствено заборавање.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов