ЗА РАСТЕЊЕ НА ДЕТЕ МЕСЕЧНО СЕ ПОТРЕБНИ ОД 12.000 ДО 16.000 ДЕНАРИ: Во минатото било или денес е финансиски потешко?
Да се расте дете во Македонија родителите ги чини од 150.000 до 200.000 денари годишно, што значи од 12.000 до 16.000 денари месечно, соопштија неодамна од „Центарот за еднаквост и правда“, откако анкетирале 650 родители со деца на различна возраст.
Ги прашавме родителите да споредат, дали денес или во минатото било потешко од финансиски аспект да се одгледуваат деца. Тие се согласуваат дека наведената сума од 12.000 до 16.000 денари месечно е реална и велат дека денес има многу повеќе можности за децата, а со тоа и многу повеќе трошоци.
„Околу 12.000 денари месечно се потребни, а ако се работи за септември, кога децата ги спремаме за на училиште, можеби и повеќе. Дефинитивно денес има повеќе трошоци. Ако ги праќаме децата на фудбал, кошарка, тоа треба да се плати. Ние како деца сме си играле на улица, а денес децата за да имаат дополнителни активности, плаќаме. Одат на курсеви, од 1.000 до 2.000 денари месечно чини еден курс, плус ако одат некаде преку курсот, тоа се дополнителни трошоци“, рече Александра Бојковска, родител.
Друга жена вели дека порано немало големи разлики во финансиската состојба на луѓето и било полесно.
„Денес сѐ зависи од стандардот, некој троши повеќе од просекот, некој помалку. Немаше толкави разлики порано, имаше средна класа, а денес има сиромашни и богати и сите гледаат едни од други. Родендени порано се славеа дома, не како денес во игротека, мајките дома си правеа торти, и точно дека тие торти не биле украсени како оние во слаткарниците, но беше убаво, верувајте. И денес, мислам дека колку и да е криза, луѓето уште повеќе се луксузираат. Јас сум дете од Југославија, немаше големи разлики тогаш, a денес многу луѓе отидоа да работат во странство и тоа создава разлики. Денес само за еден роденден да се потрошат 30.000 денари, па само украсувањето е 6.000 денари, тоа е многу и мислам дека треба да бидеме поскромни“, кажа Фросина Вељановска-Петрушевска, граѓанка.
Детали на Фактор тука.FOTO: Frееpic