Затвореници во Идризово го запалиле сандачето на Народен правобранител: Од канцеларијата тврдат дека условите им се нехумани и ги бранат интересите на осудениците

Добивај вести на Viber

При неодамнешната посета на казнено-поправната установа Идризово, екипата на „Женски магазин“ имаше можност да направи увид во условите во полуотвореното одделение – дел од затворот кој е предвиден за осудени лица со подобро однесување и олеснет режим.

Сепак, токму таму, според информациите што ги добивме од затворската служба, се случил несекојдневен инцидент: Група затвореници, засега непознати за управата, го запалиле сандачето на Народниот правобранител, кое служи за пријавување поплаки и барање правна заштита.

Овие сандачиња се поставени во сите затвори во државата со цел осудените лица да можат доверливо да ги адресираат своите проблеми и да побараат легално застапување. Инцидентот, кој останал без објаснување, отвора прашања – дали зад него стои знак на револт, предупредување или обид за сокривање поплаки?

Од Канцеларијата на Народниот правобранител за „Женски магазин“ велат дека тие редовно ги собираат претставките, еднаш неделно, и дека прават сè во рамки на законските надлежности за заштита на правата на лицата лишени од слобода.

Во разговор со Соња Трифуновска од оваа институција дознаваме дека во 2024 година бројот на претставки за состојбите во затворите е зголемен во однос на 2023 година, иако управата уверува дека ги почитува сите прописи. Народниот правобранител признава дека постои соработка со затворите, но укажува на системски проблем – условите со години се подобруваат минимално, а суштински промени нема.


Магдалена Стојмановиќ - Константинов