Ана Бунтеска: Гревот на самечкиот живот

Добивај вести на Viber

Односите меѓу брачните другари се засноваат врз слободна одлука на мажот и жената да склучат брак, врз нивната рамноправност, меѓусебно почитување и заемно помагање.

Член 6 - Закон за семејство

Да се воведеа даноци на тропање глупости, веројатно ќе живеевме како богови. Да се воведеа даноци за говор на омраза, дискриминација, нарушување на приватноста или лажење, ќе бевме земја на која ќе и’ завидуваа многумина. Да се воведеа даноци за пропагирање на лажни семејни вредности, буџетот ќе прелеваше. Кога ќе го слушнам тој израз “семејни вредности”, ми се наткрева желудникот. Што се семејни вредности? Бракот? Имањето деца? Демек тие што не се во брак или кои немаат деца, немаат чувтво за семејни вредности? Зарем тоа не е чесноста, чистиот образ, почитта кон сечиј начин и определба на живот. Зарем семејните вредности се еквивалент на прстенот на домалиот прст? Знаете што се за мене семејни вредности? Да бидам човек кој ќе има респект кон другите луѓе, да помогнам онаму каде што можам, да не одмагам, да не плукам по секој, да бидам нежна и внимателна кон сите околу мене. Да кажам ИЗВИНИ, БЛАГОДАРАМ, ТЕ МОЛАМ. Да кажам ДОБАР ДЕН, да прашам некого како е, да сослушам. Да ми е совеста чиста и да спијам мирно. Сето ова се човечки вредности, кои ако ги поседувам немам тогаш врска ни што се семејни вредности.

Колку и да не сакам да бидам груба, ова нема да можам да го кажам поинаку. Да се намочам на сите семејни вредности, особено ако идат од луѓе кои ги имаат само во уста како флоскули. Прашајте ги жените кои се сами, разведени, вдовици колку пораки дневно добиваат за кафиња, средби и мување (фуј израз) со женети мажи. Ако го отворите инбоксот на било која жена што е сама, ќе најдете работи од кои ќе ви се крене коса на глава. Почнувајќи од “здр лепотице”, ”зашто је дама сама”, ”кафе-мафе?”, па до слики од најголемата гордост на некои (не сите) мажи-пенисот. И никогаш не се застанува тука, ами се напнува, се изнудува, се бара, до моментот кога доктор Џекил се претвора во мистер Хајд и почнува да вреѓа. Вокабуларот е шаренолик, жените кои се сами се етикетирани како неуспешни, плачат за пенис, исфрустрирани се, да биле арни немало да бидат сами. Еве, предлагам данок до небо за сите кои праќаат непристојни понуди во сандаче.

Да се пропагира брак и можам некако да соџвакам, ама да се изнудува или да се создаваат услови за самечкиот живот (кој не е лесен) да е неподнослив, ми е на ниво на простотилак и изживување. И бидејќи не знам кој ги смислува ваквите глупости а ги има во секоја владеачка гарнитура, да ви појаснам неколку работи. Прво, проблемот не се решава од крајот, ами од почетокот. Рибата секогаш смрди од главата, не од опашот. Со плати какви што имаат повеќето (оти очигледно сите кои се менуваат во белата зграда на владата, немаат врска како живеат луѓето), младите немаат услови за да спечалат било што, а да не зборувам за стан или гледање семејство. Знаете дека луѓе земаат кредити за да можат да купат автомобил кој што е потреба, или за да појдат на 10 дена на одмор?

Второ, децата не се трофеи или општествен статус. Децата имаат потреби кои се зголемуваат како растат. И да, сега да начнам и тема за хонорарните работи, оти нели, малку сме исцедени од ваквата живеачка па треба и хонорарно да работиме за да имаме за простоен живот. Работам две хонорарни работи за кои плаќам данок. Не една, ами две. Платата и моите две хонорарни работи (за среќа, двете ми се љубов-пишувањето) ми се само некаква полусигурност да можам на детево да му приуштам тоа што и’ треба и тоа што сака. Нема луксуз, нема прекумерно арчење пари. Еве, ќе работам и трета хонорарна работа и веројатно еден ден директно од работа ќе ме однесат во Бутел. Работата е потребна за умот и телото, ама ако се сведеме на тоа дека живееме за да работиме, да ти се плукнам на животот.

Трето, ниту ќе ги вратите тие што заминале од земјава, ниту ќе ги премислите оние кои сакаат да си одат. Си заминаа цели семејства со децата, топтан. Не заминаа од убаво, заминаа оти немаа услови за живот тука. Мислите дека ќе се вратат ако ставите даноци на самците? Што со тоа, освен што ќе создадете плодна почва за несреќни млади луѓе кои ќе влезат во заедница за која не се спремни.

Ќе беше поарно да имавте политика на даночни олеснувања на тие што се во брак, а не да удрите по сите кои од било кои причини не сакаат брак. Впрочем, во законот кој е донесен од влада, убаво си пишува: Заедница на живот на маж и жена која не е заснована во согласност со одредбите на овој закон (вонбрачна заедница) и која траела најмалку една година, е изедначена со брачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување и имотот стекнат за време на траењето на таа заедница. (член 13-Закон за семејство) . Нема ваљда да донесете измени со кои за уши ќе ги влечете да удрат потпис во матично оние кои живеат вонбрачно! Или ај, да не ви давам идеи.

Не ми е гајле од која партија сте на власт, земате убави пари за да водите држава. Стегнете си ги малку оние од ПР и советниците, за да не ви даваат вакви небулозни насоки за тоа како да полните буџет. Малку поработете на тоа како да го зголемите квалитетот на живот на тие кои останале тука, без да се мешате онаму каде што ама ич не ви е место. Дури и јас како мајка, немам право да се мешам во одлуките на ќерка ми дали и кога ќе се мажи, дали и кога ќе сака деца. Мое е да ја сакам и поддржувам во секоја одлука, без оглед дали лично мислам дека е правилна или не. Ваше е да си го сакате својот народ и да го почитувате без оглед дали ќе одлучи да го зголемува наталитетот или не. И кога сме веќе кај наталитетот и тој зависи од условите за живот. Оти најлесно е да се родат децата, ама тешко е кога ќе ви кажат дека патиките им се партал направени, а вие со грутка во градите ќе треба да им кажете оти ќе ги залепите, да траат уште малку. Најтешко е кога ќе ви кажат сами дека “не мора мама нова тетратка, ќе ја користам таа од лани, само ќе ги скинам листовите кои се испишани”. Срцето најлесно пука кога на сето штедење, броење и пребројување пари, стискање и стегање на каишот, ќе сфатите дека не можете (колку и да сакате) да им овозможите тоа што заслужуваат.

Никој не смее никому да чачка во приватниот живот, никој. Никој не смее да ви диктира како да живеете, додека чесно си го заработувате лебот. А за даноците, па како да ви кажам. Ако барем една власт имаше храброст да прочешла кој не плаќа даноци и да почне оттаму, веројатно немаше да има храброст да размислува за мерки кои се сè, освен демократски.

Право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

УСТАВ

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Ништо не вреди повеќе од слободата

Ама баш ништо не е повредно

Од тоа да станеш изутрина

И да знаеш оти свој човек си

Да можеш да одлучиш за себе

Како ќе го тераш животот

Со кого ќе седнеш на маса

Со кого ќе го испиеш првото кафе

Со кого постела ќе делиш

Со кого збор ќе скршиш

Ништо нема повредно од слободата

Која од раѓање ти следи

И која никој нема право да ти ја одземе

Ниту да ти кажува што да правиш

Ниту да се плукне на изборот

Кој за себе ќе го направиш

Без оглед дали арен е или не

Сепак е твој, сепак тој избор си ТИ

Нема ништо поскапоцено од слободата

И од тоа да се имаш себеси

Да бидеш ти тој што ќе ја испише

Секоја страница од твоето постоење

Да вдишеш слободно

И да издишеш со леснотија

Да љубиш без срам

Да губиш без пораз

Нема

Нема ништо помоќно од слободата

Без рацете врзани да ти се

И устата пришиена

Та нека е и златен синџир наместо окови

Нека е и срмен конец, наместо рибарски

Нека е со лажен сјај прикриено

Тоа дека живееш по туѓ терк

Оти ќе те боли неправдата

И ќе те дроби немоќта

Оти никој освен тебе

Не знае за тебе арно што е

И што на душата спокој ќе ти донесе

А во срцето радост ќе ти вгнезди

И никој освен тебе не знае

Што е она што среќен ќе те стори

А што е тоа

Што во тебе јадови ќе посади

Слободата...

Таа ко очите во глава се чува

Оти нема ништо повредно

И нема ништо поскапоцено од неа

Од слободата која човек те прави

И нема ништо поболно од тоа

Слободата да ти ја одземе некој

После што од човека, човек не останува