Интервју со Д-р Слободан Лазаревски: Она што ми се случи можеби беше божји знак за повторно откривање на малите нешта

Добивај вести на Viber

Ако во едноставноста се крие вистинската големина, тогаш д-р Слободан Лазаревски е нејзиното најубаво олицетворение. Неговата смиреност, човечност и посветеност на професијата, одамна го издвоија како еден од најпочитуваните лекари кај нас. И покрај долгогодишното искуство и огромниот број пациенти што поминале низ неговите раце, тој останува човек што секому пристапува со иста мера на внимание, топлина и човечки збор.

Во разговорот што следува, д-р Лазаревски, специјалист по гинекологија и акушерство во Аџибадем Систина, искрено зборува за своите професионални предизвици и моментите што го обликувале како лекар и како човек. Ова интервју е ретка можност да се погледне зад белиот мантил и да се запознае личноста која стои зад неговиот статус -скромен, а голем човек.

ЖМ: Кога ќе ја свртите годината наназад како филм од најважните моменти, кои од нив би ги ставиле во рамка?

- Годинава што мене ми изминува не може да се каже дека е година полна со убави спомени, незаборавни случки на кои со задоволство ќе се сеќавам во моите пензионерски денови. Се разбира, може да ја поделам до почетокот на јуни и после тоа, кога ми се случи здравствен проблем кој не беше животозагрозувачки, но беше доста болен и бараше операција, која физички ме ограничи и веројатно тоа ќе трае уште извесен период. Јас сум човек полн со енергија и спортските ограничувања многу тешко ми паѓаат, посебно велосипедизмот со кого бевме во патолошка страствена врска. Меѓутоа, таков е животот, нема предавање, се наоѓаат и други приоритети. Еден од нив е времето поминато со внуците и радоста на секој нивни нов успешен напредок во животните предизвици и откривањето на тајните на детството. Можеби она што ми се случи беше и божји знак и искушение и повторно откривање на малите нешта кои под притисок на работните обврски, реалноста на денешните светски предизвици и баналното секојдневие, незаслужено ги игнорираме и избегнуваме. Уште една добра работа што произлезе од оваа моја состојба е што повторно се вратив на една моја голема љубов од младоста - читањето литература од деветнаесеттиот и првата половина на дваесеттиот век.


ЖМ: Вашата професија е ткаена од наука, но и од многу човечност и емпатија, кои кај вас се многу видливи. Кој емотивен миг од оваа година ви се врежа најдлабоко?

- Јас сум лекар од стар ков, годинава што изминува влегов во 41 година работен стаж. Иако звучи банално, медицинската доктрина, едукација и пракса воопшто не е иста сега и кога ние бевме млади лекари, потоа специјалисти и практичари. Последниве децении, сé повеќе, мултинационалните фармацевтски компании ја преземаат главната улога во организацијата и спроведувањето на здравствените политики и имплементацијата во пракса. Вештачката интелигенција само дополнително ја продлабочи конфузијата и дуалитетот во дијагностиката и третманот, иако во голем број случаи, ако правилно се користи, е одлична помошна алатка. Денешните лекари се сé повеќе административно ограничени, седирани од досадната документација (честопати судски документ), со мало чувство за самостојни одлуки, најчесто потпирајќи се на прескапи дијагностички алатки и за банални дијагнози. Влегувањето во искрен разговор со пациентот, неговиот ментален склоп, неговиот страв, но и надеж и, на крајот, емпатијата, стануваат маргинални во краткото време на првичната средба. Во систем во кој се бара сé повеќе, а се нуди сé помалку, лекарите прегоруваат, морално повредени и отуѓени од човечноста на која се стремат да ѝ служат. Критичкото размислување, како основа на нашата едукација, треба да ни помогне да балансираме во просторот помеѓу сигурноста и неизвесноста, нé држи будни против грешките и нé подготвува да прифатиме нови технологии без да се откажеме од нашата професионална одговорност. За мене најважната, не само лекарска, туку и човечка вештина е подготвеноста за поставување прашања, сомнежи и расудувања, а тоа можеме да го постигнеме само со искрено сочувство со пациентот и да бидеме водич во заедничкото патување низ неизвесниот пат на дијагностиката, третманот и негата. Медицината е танц помеѓу сигурноста и сомнежот. Како што вели Ослер „медицината е наука за неизвесноста и уметност на веројатноста“. Конечно, тука е и несводливата граница на неизвесноста, односно секогаш ќе има прашања без одговори, состојби без лекови и пациенти кои не рагираат како што очекуваме. Тоа не треба да го сфатиме како пораз, туку како перспектива. Задачата на лекарот не е да го совлада секој факт, туку да негува мудрост при изборот на она што е најважно, да се потпре на соработка таму каде личното знаење и вештина не е доволно и да препознае дека неизвесноста не е неуспех, туку составен дел на грижата. Вредноста на медицината не лежи во илузијата на неограничено знаење, туку во способноста да се дејствува во рамките на нејзините граници, а сепак да се стреми кон напредок. Вистинската медицина не е перфекционизам, туку понизност, подготвеност да се каже не знам, храброст да се признае дека сме погрешиле. Тоа не е знак на некомпетентност, туку акт на морална зрелост и вистинска грижа.


ЖМ: Кога би го опишале вашиот работен ден како приказна, кои би биле очекуваните, а кои „ненапишаните“ сцени што секогаш одново ве изненадуваат?

- Илјадници исти работни денови, а толку различни. Сите успешни приказни се безмалку исти, сите неуспешни се различни, да го парафразирам Толстој. Секој ден нé изненадува некоја пресреќна пациентка, но и солзи од неуспехот на лекувањето. Меѓутоа, чудното чувство на мешавина од тахикардија, наеженост и преоптеретеност на нервните трансмитери (не би знаел како да го опишам) и ден денес ме обзема кога родителите ќе нé посетат со бебето - резултат на нашите и нивните заеднички напори. Бесценето!Среќен сум што со непосредните соработници на Одделот одлично се сложувам, функционираме како семејство со сите доблести и мани, среќни моменти, нервоза, итност, брзи реакции и лежерни моменти. Заедничка кратка кафе - чај релаксација на почетокот и крајот на работниот ден, која, сепак во најголем дел, е поврзана со организацијата и работните задачи, а помалку (на моја голема жал) на банални озборувања, ама, такви се нашите сестри на Одделот.

ЖМ: Како успевате да го носите товарот на одговорноста без да ја изгубите јасноста, мирот и вербата во мисијата што ја имате?

- Мудроста на староста, знаењето и искуството не го ослободуваат човекот туку тој сé повеќе е ограничен од прангите на одговорноста. Се обидувам да го организирам денот уште од раното утро додека ги правам утринските вежби. Кон секоја пациентка имам ист професионален однос во рамките на моите можности, а за секоја интервенција и оперативен зафат (иако полека ги редуцирам на минимум) се подготвувам како да ми е прва. На крајот од работниот ден, додека слушам музика во мојот кабинет, повторно го преживувам сé она што сум сработил, ловејќи ги грешките и недоследностите, за да утрешниот ден не ги повторам.


ЖМ: Вашата работа ретко завршува точно кога ќе заврши смената и тешко е да се сочува балансот меѓу професионалниот повик и приватниот живот. Како изгледа моментот кога повторно станувате „само човек“, а не само доктор?По ден исполнет соодлуки и големи одговорности, што ви помага да се „вратите кон себе“? Имате ли ритуал, тивок простор, хоби или нешто мало што ви ја враќа силата?

- После здравствениот предизвик кој ми отвори многу прашања за животот кои никогаш до тогаш не сум ги помислил, го намалив бројот на пациентките и работното време. Се уште одам рано на работа, но ретко останувам после 14 часот. Со син ми живееме во иста куќа и со радост ги чекам внукот и внуката да дојдат од градинка околу 16 часот, кога обично ручаме. Неколку дена во неделата кога ќерка ми има работни обврски, сопругата ги зема внуките од училиште, а внукот од градинка и тогаш во нашето поткровје настапува детскиот театар со претставата „Армагедон“. Тогаш, во вечерните часови треба големо трпение сé да се врати на свое место. За жал, боите од фломастерите, водените боички и остатоците од храна ја носат победата, ама види чудо - она што ме вадеше од памет кога моите деца беа на нивна возраст, сега воопшто не ми пречи, дури ми предизвикува и чувство на исполнетост и среќа. За жал, велосипедизмот ми е засега забранет, дозволено ми е само пешачење. На работа одам и се враќам пешки (околу 8 километри во двата правци), а неделно пешачам помеѓу 50 и 70 километри, во зависност од временските услови. Понекогаш слушам музика во мојот вински подрум и тоа само винили, сега повеќе џез и блуз, а помалку рок и панк. Што се однесува до контактите со пациентите, тие не прекинуваат со напуштањето на болницата. Најчесто преку електронска пошта, ретко користам мобилен телефон, а и кога сум на работа и дома телефонот ми стои во фиока, обично во друга просторија. Не сум приклучен на социјални мрежи, освен една професионална вибер група со колегите, една со моите пријатели за спортски активности и една сигнал „хедонистичка“ група. На телевизија гледам само спорт и серии, а информации следам само на телеграм канали, а на еден и активно учествувам.

ЖМ: Поддршката од најблиските често е невидлив столб. Што ви значи таа нивна тивка сила во градењето на вашата кариера и мисија?

- Јас сосема случајно отидов на медицински науки, повеќе ме влечеше книжевност, а и математика ми одеше добро. При крај на уписниот рок решив да студирам стоматологија (мајка ми беше стоматолог, потоа сестра ми, а сега и син ми кој е специјалист ортодонт). Следната година видов дека повеќе ме влече медицината и се префрлив на медицинскиот факултет. И ден денес сум во голема дилема дали, можеби, погрешив, посебно во некои разочарувачки моменти, а секако во помладите години кога имав чести и напорни дежурства, кога најчесто немаше ни викенд ни празник, кога децата не можев да ги прошетам во парк или некое излетничко место како секој друг татко. Најголема поддршка имав и се уште имам од сопругата. Во текот на целата моја кариера едвај чекав да си дојдам дома од работа и да и се пофалам дека совладав нова методологија, направив самостојно некоја операција и дека пациентките сé повеќе ме препознаваат. Освен тоа, не можам да ја опишам мојата благодарност кон неа за нејзината улога во вопитувањето на нашите деца да се развијат во прекрасни самостојни возрасни личности, со сопствени кариери и да формираат среќни семејства. Можеби имавме среќа што беше новинар (сега е веќе во пензија) и што имаше повеќе слободно време.


ЖМ: Каде ќе ја прославите Новата година?

- За нас Божик и Велигден се свети празници и секогаш ги прославуваме семејно дома кај нас со сите адети и традиции карактеристични за овие празници. Оваа Нова година јас и сопругата ќе ја прославиме во нашата куќа на езерото Козјак во прекрасна природа, душевен мир и чист воздух. Таму имаме пријатели соседи и секогаш убаво се дружиме и помагаме.

ЖМ: Кога ќе помислите на детските новогодишни празници, која е првата слика што ви излегува пред очи? Имате ли некоја традиција од тогаш што се уште ја чувате?

- Додека сум жив ќе ја паметам предновогодишната атмосфера во Скопје од моето детство, украсите во центарот. Нама, долгите паралелни низови на тезги кои продаваа честитки на плоштадот и на тогашната улица Маршал Тито (сега Македонија), трафиките со виршли (најубавите што сум ги пробал во животот) пред Метропол, радосните лица на веселите намерници кои итаа да купат подароци за своите најблиски и, секако, татко ми. Скоро секојден заедно шетавме низ центарот, купувавме подароци и честитки, а потоа заедно ги пишувавме честитањата до блиските и не толку блиските. Во тоа време и снегот беше неизбежен и ја зголемуваше еуфоријата на скопјаните кои безгрижно ги трошеа, можеби последните пари за декември, за разлика од денешните итачки кон кој знае каде, тмурни и нервозни лица. Незаборавна ми е и новогодишната училишна забава во четврто одделение во училиштето Кочо Рацин. Татко ми, од едно свое патување во Италија, донесен портабл грамофон на батерии за синглови. Јас бев ди џеј и направивме прекрасна забава со играње и пеење, а паднаа и првите „стискавци“.

ЖМ: Како изгледа семејниот новогодишен ручек, мирна атмосфера, полна трпеза или динамика со најблиските? Што најмногу цените во тие празнични часови кога семејството е заедно?

- Мојата снаа ја сакам како ќерка и го благословувам денот кога син ми конечно се смири и одлучи да формира семејство. Многу сум среќен што живееме во иста куќа, иако сме формално одвоени, јас и сопругата сме на поткровјето, а нас и така не ни треба многу простор. Секој ден заедно ручаме, а и вечерните часови често сме заедно, особено внуците доаѓаат кога сакаат. Со зет ми сме како другари - врсници. Многу паметни совети сум добил од него, посебно во најтешките моменти после операцијата, кога многу ми помогна околу вежбите и рехабилитацијата. Со други зборови, нас не ни треба посебен повод да направиме добра атмосфера со семеен ручек и секоја таква дружба е како новогодишна прослава.


ЖМ: Кој е најубавиот новогодишен подарок што сте го добиле, оној што ви го допрел срцето?

-Новогодишните подароци се традиција во нашето семејство. Јас сум антиталент да одберам подарок за било кого, што многу пати до сега се потврди од моите чести патувања во странство. Единствен подарок што мислам дека го погодив, беше вереничкиот прстен од бело злато кога ја побарав мојата идна сопруга пред 42 години. Најдобри подароци за мене се оние од внуците, посебно ако сами ја направиле, нацртале и напишале честитката.


Соња Алексоска Неделковска