„Пукавме од здравје за малку пари“: Старинското јадење што Македонците го јаделе со векови, а денес го открива и модерната исхрана
Додека денес трошиме богатство на „суперхрана“, нашите баби и дедовци ја знаеле вистинската тајна на здравјето – едноставна, евтина и заситна храна. Едно од тие старински јадења е качамакот, јадење кое со генерации било дел од македонската трпеза, особено во руралните средини.
Качамакот е традиционално јадење застапено во Македонија, но и во целиот Балкан, како и во Турција. Во светот е познат под името палента или полента. Иако често се сметаат за исто јадење, разликата е во брашното – палентата најчесто се подготвува од жолто пченкарно брашно или гриз, додека качамакот кај нас традиционално се прави од бело пченкарно брашно.
Иако постојат верувања дека потекнува од овие простори, историските извори укажуваат дека слични јадења се подготвувале во северна Италија, како селска, скромна, но хранлива храна. Во Македонија, качамакот бил особено застапен за време на пости, кога често го заменувал лебот. Кога не бил пост, се служел со сирење, кајмак, путер или маст, а во некои краеви и со запршка.
Во одредени региони, качамакот се подготвувал само за празници или семејни слави, а во посиромашни времиња дури се користел и како надница – еден килограм бело пченкарно брашно.
Зошто качамакот е толку здрав?
Ова старинско јадење не е само евтино и заситно, туку и вистински сојузник на здравјето:
-
Го подобрува варењето и ја поттикнува работата на цревата
-
Долго држи чувство на ситост и помага при регулирање на телесната тежина
-
Помага во намалување на лошиот холестерол
-
Позитивно влијае на срцевото и циркулаторното здравје
-
Богат е со влакна и природни антиоксиданси
Качамакот е жив доказ дека старите генерации знаеле како со малку состојки да создадат храна што го храни и телото и духот. Денес, кога повторно се враќаме кон природната и традиционална исхрана, можеби токму овој едноставен оброк заслужува повторно да се најде на нашата трпеза – дури и за појадок.
РЖМ/ИС - ФОТО: AI