Заради снимање на песната „Македонија“ тапанарот не се појавил на СОПСТВЕНАТА СВАДБА: Ексклузивно интервју со Дадо Топиќ за „Женски магазин“

Во ексклузивно интервју за нашиот медиум, легендарниот музичар Дадо Топиќ зборува со отворено срце за својата длабока поврзаност со Македонија – земјата која ја опеа во култната песна „Македонија“.
Во првиот дел тој се навраќа на настанувањето на песната, открива анегдоти од долгогодишните гостувања и ја споделува љубовта кон македонската публика, гастрономија и култура.
Во вториот дел зборува за идните планови, нови музички соработки, омилени македонски градови и песните што му се под кожа.
Ова интервју е музичко патување низ времето, спомени, пријателства и топлината што Дадо ја чувствува секогаш кога стапнува на македонско тло.
Ж.М: Една од омилените песни на македонската публика е „Македонија“, која вие ја отпеавте. Како настана оваа песна?
-Интересно е што секогаш, баш секогаш ме прашуваат за таа песна, која низ овие 51 година – колку што е стара – стана како моја лична карта. Многумина велат дека е и неофицијална химна на Македонија (се смее). Како дете со мајка ми одев на традиционални собирања за лупење пченка. Жените таму пееја разни песни, меѓу нив и македонски народни. Тој мелос ми влезе под кожа. И така, во еден момент размислувајќи за слободата, сонцето и птиците, во 1973 година ја создадов песната која многу критичари ја нарекуваат култна и еден од класиците на југословенскиот рок.
Ж.М: Кој ја сними песната со вас?
-Песната ја снимивме јас, Ведран Божиќ и Пецо Петеј на тапани. Многу е важно ова да се спомне затоа што многу новинари си препишуваат интервјуа, а не го спомнуваат одличниот тапанар Пецо со кој и денес сум добар пријател. Пецо никогаш нема да го заборави снимањето – поради песната не стигна на сопствената свадба во Сплит! Телефонски се договори со неговата идна сопруга Нада да го сменат датумот, па се венчаа месец дена подоцна, а јас му бев кум. Ете, стихот „Таму каде што сонцето вечно сјае“ му донесе среќа – и ден денес се во среќен брак. Песната секогаш ми е на репертоарот, а некогаш ја пеам и по двапати – луѓето ја сакаат. Тоа е љубовта.
Ж.М: Дали често ја посетувате Македонија?
-Да, ја посетувам неколку пати годишно и тоа ме прави среќен. Имам многу анегдоти. Еднаш со менаџерот Илија Јовановиќ пристигнавме доцна во апартманот „Кукузел“ во Охрид – секогаш таму престојуваме. Бевме гладни и тргнавме да најдеме нешто за јадење. Скоро сѐ беше затворено освен неколку слаткарници. Ја прашав една госпоѓа каде може да се јаде, а таа ме праша: „Извинете, кој е господинот покрај вас? Него го имам видено на телевизија.“ Му реков дека се лажe – не е тој, тој што го видела на ТВ, ама ме насмеа што не ме препозна мене.
При враќањето, таа истрча насмеана и рече: „Извини, ти ли си тој што ја пее ‘Македонија’? Принцеза?“ Ни подари македонско капче и се сликавме. Со денови потоа ја прераскажувавме случката.
Ж.М: Кое е вашето омилено македонско јадење?
-Ох! Како да се одбере едно? „Тавче гравче“, пастрмајлија, полнети пиперки, макало, сарма, маринирани пиперки, „кукурец“ во сос, охридска пастрмка, сирења, буреци, салати, домати, скара, погача, баклава... А тиквешкото вино и струмичка мастика – тоа е вистинско уживање! Можеби нешто сум заборавил, ама ќе го надополнам до следното интервју!
Ж.М: Како би ја опишале македонската публика?
-На Мото-собир во Ќуприја, не знаев со која песна да почнам. Се запалија рефлектори, моторџиите од Македонија ме пречекаа со аплауз и факели – величествено! Почнав со „Македонија“. Македонската публика – ме сметаат за свој. И јас нив. Само уште да добијам државјанство, и сме „свои на своето“ (се смее). Драго ми е што радија низ целиот регион ја пуштаат песната – ја слушаат и помладите. Вие сте уникатни, весели и неверојатно музикални – тоа ве прави посебни.