„Толку се убави што некои ги чуваат во витрина“ – приказната на Слаѓана од Куманова за најубавите празнични колачиња

Добивај вести на Viber

Кога разговарате со Слаѓана Николовска од Куманово, веднаш разбирате дека нејзиниот свет е создаден од боја, мирис на ванила, тивка празнична музика и безброј мали детали што оживуваат под нејзините вредни раце. Љубовта кон декоративните путер колачиња започнала во 2017 година – сосема случајно, како што вели таа, „како мал чудесен миг вплеткан во времето“.


Се сеќава дека пред Новата година влегла во српската група „Модличарење“ и како да ѝ се отворил нов свет. „Во првиот момент си реков дека сум антиталент, ама ќерка ми веруваше повеќе во мене отколку јас во себеси“, раскажува Слаѓана за Женски магазин. Купиле неколку бои, замесиле тесто и ги испекле првите срциња и кругчиња. „Немавме ни калап, ни искуство – само радост и љубопитност“, вели нашата соговорничка.

Празниците отсекогаш ѝ биле инспирација. „Украсите, светилките, малите детали… тоа е мојот свет“, вели таа. Со децата правеле празнични ракотворби, а инспирацијата доаѓала природно, поттикната и од интернетот, кој го нарекува „вистинска ризница на идеи“.


Процесот на изработка, објаснува Слаѓана, е минијатурна новогодишна бајка. Тестото се замесува и се лади, а вистинската магија започнува со обликувањето и мирисот на печените колачиња. Декорацијата понекогаш трае и по седум часа. Royal icing техниката бара голема умешност. „Густината мора да биде совршена“, истакнува таа. Тука голема улога има и нејзиниот сопруг Вангел, кој го нанесува првиот „совршен слој“, како свеж снег врз топло колаче. „Потоа се раѓаат елки, ликови, снегулки и букви што ја раскажуваат нашата приказна.“, додава оваа инспиративна дама.


Не е важна само декорацијата – важна е и сценографијата. Преку целата година набавуваат мали елки, ламбички, украси и детали за да создадат мини зимски сцени за фотографирање. „Секоја фотографија е мала бајка“, вели таа.


Од сите дизајни, Слаѓана најмногу го сака колачето со автомобилче што носи елка и фигурата на бабичката. „Во нив секогаш има приказна што оживува.“ Колачињата најчесто се подаруваат, особено на деца, а еден комплимент ѝ останал најблизок до срцето: „Толку се прекрасни, што трета година ги чуваме во витрина и секоја година дода⁠ваме ново.“

Нејзините омилени празнични комбинации се бело-златно и бело-сребрено – како снежна ноќ осветлена од ламбички. Но најмногу работи со класичните црвена, зелена и сина боја.


Најголемата предност на рачната изработка, како што вели, е слободата да ја создава магијата во свој ритам. „Работиме навечер со празнична музика, а преку ден сме со семејството.“ Најголемиот предизвик? „Да претвориш нечија голема желба во мало 3х3 см чудо.“ Но верува дека секој што ќе вкуси колаче направено со љубов веднаш ќе ја почувствува разликата.

Декември во нивниот дом последниве години мириса на ванила, цимет и топло печиво. Украсувањето започнува уште во ноември, со тивки празнични песни, ламбички и свеќи. „Тоа е нашата мала новогодишна бајка“, вели Слаѓана.

(Внуката на Слаѓана за која специјално во Германија направила колачња со црвенкапа)

Иако празниците се периодот кога се гледа најмногу од нивната работа, ова не е само зимско хоби. Преку целата година собира нови идеи, калапи и материјали. На сите кои сакаат да се обидат дома им препорачува: „Најважна е љубовта кон деталите. Потоа доаѓа трпението, па техниката.“

А на читателките на Женски магазин им порачува:
„Да ви биде 2026 година полна со светлинки, топлина и креативност. Создавајте работи што мирисаат на љубов – кога љубовта е основата, сè што ќе создадете ќе свети.“


Ирена Ставрова