Зимзоленд под лупа на институциите: Што се утврди и какви мерки ќе следат за забавниот парк во Скопје?

Добивај вести на Viber

По серијата реакции од жителите на Лисиче околу функционирањето на забавниот парк „Зимзоленд“ и дилемите за тоа кој е одговорен за неговото поставување и контрола, надлежните институции спроведоа вонреден и координиран инспекциски надзор на локацијата. 

Општина Аеродром по прашањата на Женски магазин, појасни дека увидот бил извршен на 10 декември 2025 година, во 17 часот, врз работата на правното лице „Мега Луна 25“ ДООЕЛ Битола – компанијата задолжена за организацијата на манифестацијата.

Во заедничката акција учествувале повеќе институции, кои делувале во рамките на своите законски надлежности. Тим составен од Градежната инспекција на Општина Аеродром, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Дирекцијата за заштита и спасување извршил целосен увид на терен, со цел да се утврди техничката исправност, законитоста и безбедносните услови под кои работи забавниот парк.

Од Општина Аеродром појаснуваат дека нивниот градежен инспектор започнал официјална инспекциска постапка согласно со Законот за градењеЗаконот за инспекциски надзор и Законот за општа управна постапка. Постапката се однесува на утврдување дали поставените реквизити и објекти се во согласност со прописите и дали постојат основи за нивно отстранување.

Со овој чекор, општината формално ја активира законската процедура што треба да утврди дали „Зимзоленд“ е поставен и работи во целосна согласност со правилата и дали ги исполнува минималните стандарди за безбедност на посетителите, особено децата, кои се примарна целна група на манифестацијата.

Инспекциските служби допрва ќе ги објават конечните наоди и препораки. До тогаш, засилените контроли продолжуваат, со цел да се обезбеди максимална безбедност и да се расчистат сите дилеми околу надлежностите на институциите и законитоста на работата на овој забавен парк.

Јавноста очекува јасни одговори и конкретни мерки, особено поради тоа што околината околу „Зимзоленд“ последниве денови беше предмет на забелешки од граѓаните, од сообраќајниот метеж, па сè до безбедноста на реквизитите. Инспекцискиот надзор треба да даде јасна слика дали работата на паркот е во согласност со сите законски стандарди или ќе следуваат понатамошни мерки.


Ирена Ставрова

ФОТО: Социјални мрежи