Жена која се спротиставува на насилството во Скопје: Началничката на ОСН при СВР открива што се случува во полициска станица кога ќе влезе жртва на семејно насилство

Добивај вести на Viber

По повод кампањата „16 дена активизам против семејното насилство“, редакцијата на Женски магазин разговараше со Биљана Јеремиќ, началничка на Одделот за семејно насилство при СВР Скопје. 

Во јавноста често се упатуваат критики дека институциите се „бавни“ и „неагилни“ во постапување по случаи на семејно и родово-базирано насилство, па затоа од прва рака се обидовме да дознаеме што точно се случува кога жртва пријавува насилство во полициска станица.

Јеремиќ објаснува дека полицијата ги презема сите законски мерки за заштита на жртвата, но дека постои строго утврден протокол – од проверка на фактите до обезбедување итна помош и поддршка. 

Таа нагласува дека разговорот со жртвата бара голема чувствителност, искуство и психолошка подготвеност, бидејќи секој погрешен пристап може повторно да ја виктимизира. Професионалноста и вниманието, вели таа, се клучни во секоја полициска интервенција.

-Полицискиот службеник секогаш кога има пријава за родово-базирано насилство и семејно насилство заради отсранување на непосредна и сериозна опасност по животот, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство е должен да излезе на место на настанот и ги преземе сите мерки и активности за обезбедување на сопствената безбедност, безбедноста на полициските службеници и ја осигура безбедноста на жртвата и членовите на нејзиното семејство, вели Јеремиќ. 


Фото извор: Приватна архива 

По прием на пријавата полицискиот службеник е должен да направи проценка на ризик по жртвата, пред да ја донесе одлуката за преземање понатамошни дејства. 

-Во случаи на пријавено семејно насилство, полицискиот службеник при преземањето на полициските работи и примена на полициските овластувања, оперативно - технички и превентивни мерки утврдени со Закон за полиција, секогаш прави проценка на ризик за сериозна опасност по животот, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство, се обезбедува место на настанот и прибираат материјални докази, разговор со сведоци и други лица, ги оневозможуваат сите форми на физички контакт и вербална комуникација меѓу жртвата и сторителот. Сторителот го оддалечуваат од предмети кои преставуваат потенцијална опасност за напад или самоповредување, додека пак жртвата ја информираат за нејзините права и достапните услуги за помош и подршка, вели таа. 

Освен во правење на стручно-методолошка проценка, полицискиот службеник мора да ѝ обезбеди соодветна заштита и помош на жртвата. 

-Полицискиот службеник обезбедува жртвата веднаш да добие соодветна  здравствена заштита и ја придружува жртвата по нејзино барање до домот за земање на лични работи  кои се неопходни за секојдневниот живот а доколку тоа и е оневозможено од страна на сторителот или други лица кои живеат во истото живеалиште, во соработка со надлежен Јавен Обвинител и издадена наредба од суд ги зема личните работи.


Фото извор: Приватна архива 

Потоа следуваат активности кои се однесуваат на пријавениот сторител на семејно насилство, кои подразбираат одземање на оружје, како и соработка со другите надлежни институции кои прават детална анализа дали суштината на пријавата претставува казнено дело, или се отфрла како пријава која не го сочинува битието на кривичното дело. 

- Полицискиот службеник, привремено го одзема оружјето од сторителот  и покренува постапка предвидена со Закон за одземање на дозвола за оружје, дозвола за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружјето, вели Јеремиќ.

-Во случај на  непосредна и сериозна  опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на  семејството полицискиот службеник  должен е веднаш а најдоцна 12 часа по интервенцијата на настанот да извести Јавен обвинител кој е надлежен да раководи со пред истражната постапка заради давање на натамошни насоки и координирање на активностите до поднесување на кривична пријава или друг соодветен поднесок  до Основно Јавно Обвинителство,  се известува Центарот за социјални работи кој ја презема социјалната заштита и координира дополнителни услуги за жртвата како и поднесување на барање до Граѓански суд за изрекување на привремени мерки за заштита. 
Полицискиот службеник кој ќе  процени дека на самото место постои висок ризик  од непосредна и сериозна опасност, ќе го лиши од слобода сторителот согласно со закон и ќе иницира изрекување  итни мерки за заштита на жртвата, со доставување на предлог до надлежен суд, додава таа. 

Проценката на ризик по жртвата се прави по строго утврдена методологија која вклучува пополнување на прашалник. 

-Проценката на ризик се врши врз основа на  стандардизиран прашалник и листа на индикатори утврдени со правилникот за начинот на спроведување на проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство. Идентификацијата, проценката  на ризикот, информирањето и мерките кои се преземаат за соодветно управување со ризикот полициските службеници ги утврдуваат со активно учество на жртвата, во безбедна средина.
 Полициските службеници  во процесот на идентификација на ризикот ја утврдуваат веројатноста жртвата да претрпи непосредна сериозна повреда или насилството да ескалира, да се повтори, закана за нанесување на штета да се реализира или веројатност сторителот да преземе дејствие кое за жртвата создава чувство на страв и несигурност.
 Кога полициските службеници ќе идентификуваат ризик за безбедноста на жртвата или ќе идентификуваат дека постои веројатноста за загрозување на безбедноста на жртвата или други членови од  семејството, полициските службеници ќе преземат соодветни мерки за управување со ризикот.


Фото извор: Приватна архива 


Оперативните методи кои се однесуваат на утврдување на факти се низа активности кои полициските службеници ги преземаат по направената проценка на ризик.

-Фактите се утврдуваат преку излегување на место на настанот, изјави на  жртва /сторител, изјави на сведоци, медицинска документација за констатирани повреди или друг специјалистички извештај издадени од страна на стручни лица, записници од увид на лице место, известување од ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, фотографирање на повреди кај жртвата  и обезбедување на други материјални докази со цел документирање на кривичното дело.

Со однос на тоа дека Законот предвидува заштита од семејно и родово-базирано насилство во кој се вели дека жената е жртва на семејното насилство неспомнувајќи ги другите родови категории, прашавме дали со тоа самиот закон налага пријава од жена жртва на семејно насилство да се земе како приоритетна. 

 -Пријавата за семејно насилство од жена НЕ добива формален правен приоритет само поради тоа што пријавител е жена, па да се третира како приоритетна само поради полот во однос на пријавата од други жртви.
 Сите пријави за семејно насилство се третираат итно и со должно внимание  на интересите  и потребите  на жртвата, без дискриминација по однос на пол. Законот за спречување и заштита од насилство врз  жени и семејно насилство пропишува дека службените лица во институциите кои вршат дејност од областа на социјална заштита, внатрешни работи, здравство, детска заштита, образование како и надлежни судови, обвинителства во постапките за родово-базираното насилство или семејно насилство се должни да постапуваат итно. ( Според чл.4 од Законот за спречување и заштита  од насилство врз жени и семејно насилство), вели Јеремиќ.


Фото извор: Приватна архива

Кога децата се жртви на семејно насилство, тоа претставува двоен проблем. Прво затоа што некој друг наместо нив треба да ја увиди нивната состојба и да ја иницира пријавата, а второ децата жртви се третираат како субјекти и во рамки на други закони освен Законот за спречување на семејно насилство.

-Децата се заштитени со Законот за спречување и заштита  од насилство врз жени и семејно насилство и со посебниот Закон за заштита на децата, двата закона се надополнуваат и ја нагласуваат обврската државата итно да интервенира кога детето е жртва или сведок на насилство, Законот за заштита на децата уредува цел систем на права, услуги и институции за заштита на децата, засновани на принципите на најдобар интерес на детето, недискриминација, право на живот, развој, достоинство и учество. 
Законот забранува секоја форма на малтретирање, занемарување и  дискриминација и предвидува различни облици на заштита од парични и материјални права, преку услуги во заедницата до сместување  во згрижувачки семејства или установи, кога детето е во сериозен ризик во сопственото семејство. Има  стандардно оперативна процедура за постапување со деца жртви на трговија во кои посебно се уредува постапувањето со жртвите и неколку клучни правилници и протоколи што го уредуваат постапувањето со децата жртви на насилство и занемарување. (Протокол за постапување на меѓусекторски тим за заштита на деца жртви на злоупотреба, занемарување и насилство во кој е уредено заедничкото постапување на ЦСР, МВР, Здравство образование и други служби).
Покрај тоа дел од системот е и националниот механизам за упатување на жртви на трговија со луѓе, кој ги опишува чекорите за идентификација, заштита и реинтеграција на жртвите вклучително и децата.

Нас нѐ интересираше и дали мажи пријавуваат семејно насилство и дали во нејзината пракса се сретнала и со обратна ситуација од очекуваното - мажите да се жртви на насилство, а жените сторители. 

-Да и мажите пријавуваат семејно насилство, но тоа се случува значително поретко во споредба со пријавите поднесени од жени.  Иако фокусот најчесто е на жените, во пракса имам среќавано и мажи жртви на семејно насилство кои многу потешко одлучуваат да пријават, па затоа секогаш нагласувам дека системот е отворен за сите жртви без оглед на полот, заклучува Јеремиќ. 


Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов