Љубовта е одговорност

Добивај вести на Viber

Од сите илузии кои ги имав за љубовта, најдолга и најболна ми беше таа дека љубовта е чувство кое се искажува вербално и тоа до детали. Дури и на повозрасни години, заради емотивна глад и исцрпување себеси, намерно имам замижувано пред сето она што го научив попатно, само за да можам барем за миг да почувствувам нешто што си го лажев умот дека е љубов. Да, многу е полесно да се ставиме сите во филмот дека сакаме, дека сакаме толку длабоко и силно што би можеле да умреме за љубов отколку да живееме секој ден со одговорноста дека треба да ја покажаме, да се бориме за неа и (со стискање палци) да ја задржиме. Верувам дека секој од нас бил во ситуација кога му било јасно дека некаде нешто шкрипи, дека не оди како што треба, ама кревањето раце и заминувањето сме ги доживувале како пораз. Како не бе! Поголем пораз од тоа дека човек крева раце од сам себе и се осудува да биде покрај некој бивајќи осамен цело време, нема. Колку може душата да издржи лага во која секојдневно живее? Еве, бидејќи моето сопнување е секогаш тоа што верувам на зборот на другите, мислите дека следниот пат нема да ми прелета низ глава да се правам мутава и да поверувам дека тревата е сина, а небото бебешко розова боја?

Не е дека сум глупава, барем не до толку за да ич не ми дојде на ум оти во 5, 10 дена или 5-6 месеци не е можно да дојдеме до степен да зборуваме за љубов, оти сето тоа е онаа убава, исполнета со шеќерна волна и љубовни песни, вљубеност. И таа е супер, додека човек знае да се контролира себеси да не падне на нејзината убост и шарм, па да измеша лончиња и капачиња. Магијата на вљубеноста е нешто што му е потребно на секој од нас, но и нешто на кое мора многу да се внимава. Не ретко, во фазата на вљубеност се носат одлуки кои се нереални и непромислени. Да, во таа фаза сме спремни на заеднички живот, на “додека смртта не нè раздели”, на создавање потомство и на низа други одлуки кои никогаш не би ги донеле ако сме со ладна глава. Но, мора да го кажам и следново. Некои луѓе толку се компатибилни и толку се како создадени еден со друг, што и во фазата на заљубеност се лепат еден за друг и се земаат и живеат заедно, прават едно, две па и три деца и кога ќе се разбудат, пак се на истото место и со истото мислење дека тој/таа наспроти нив е човекот/жената на нивниот живот. И секако, ваквите примери (колку и да се исклучително ретки) се од оние митови за кои секој верува дека е можно да се случат и посакува токму нему Универзумот да му сервира една таква љубов. И најчесто грешиме, оти да ви кажам искрено...јас никогаш не сум била исклучок на кој му се случила таква прекраснотија, ами сум дел од правилото во кое повеќе владее Марфи отколку Купидон.

Многу ми е интересно тоа што секогаш ми се потврдува мислењето дека дали човек ќе се вљуби на свои 25 или 55, па и 65 години, исто оглупавува. Особено ако е емотивен и мек во душа тип на човек. Ама скроз исти сме сите во фазата во која ни се чини дека сè што лета се јаде, за истото тоа што сме го јаделе да ни застане отпосле во грклан. Единствено, ако можем да направам паралела меѓу Ана на 25 и Ана на 53 е тоа дека на овие-сегашни години, кога одам со глава низ ѕид знам точно каде ќе ме боли, колку ќе ме боли и знам, ама точно знам зошто си го дозволувам тој луксуз да патам отпосле. Не знам дали сте го гледале филмот The mirror has two faces? Тоа е едно интересно филмче во кое глумат Барбра Стрејсенд и оној згодниот Џеф Бриџис (ако сум утнала нешто во имињава, простете) и е онака баш за да отепате 2 часа, гледајќи одлична глума и секогаш актуелна приказна меѓу двајца. Ќе одвојам само еден дел, во кој таа на своите студенти им држи предавање за љубовта во кое вели:

„Зошто луѓето сакаат да се вљубат кога може да трае толку кратко и да биде толку болно?

-  Продолжување на видот?

-  Потребата да се поврземе?

-  Културолошки предиспозиции?

Ок, ама ова е премногу интелектуално. Мислам дека е заради тоа што, како што веќе некои од вас веќе знаат...додека трае, чувството е еба*о прекрасно

И тоа е точно, дури и научниците потврдуваат дека има комбинација од допамин (еуфорија, енергија, ви текнува на тоа дека магично ви се одјадува?), адреналин (срцебиење или она “кога ќе го видам, ми се чини дека срцето ќе ми излета”, пеперутки во стомак-јас крокодили имам тогаш),  окситоцин (потреба од физички контакт-гушкање), па дури и е откриено дека мозокот се активира на ист начин како под дејство на дрога. Како и да го свртите, се сведува на тоа дека е најубавото чувство кое постои. Но пазете, чувство! И ако човечкото тело вака реагира на вљубеност, кога е љубов во прашање, тогаш работите стојат малку поинаку. Допаминот се намалува на поумерено ниво, па луѓето стануваат посмирени, се гради чувство на сигурност, потреба од лојалност и посветеност, а се намалува кортизолот кој е хормон на стресот и кој колку и да е супер во фазата на вљубеност, на долги патеки е штетен.

И тука доаѓам до она најважното...ЉУБОВТА Е ОДГОВОРНОСТ која се гради кон партнерот, а со цел да се пази и заштити, оти неговата добробит е подеднакво важна како и нашата. Токму тој нагон да се заштити партнерот е искажување љубов во нејзината основна форма.

Не може да ви кажува некој колку и како ве сака, а да ве остава нервозни, неспани, уморни, безволни.

Не може да ви плете приказни за голема љубов, а да вие да се чувствувате лошо, манипулирано, несреќно.

Не може да зборувате за заедништво, ако вашето време за себе е узурпирано.

Нема љубов ако сте во однос со манипулатор, нарцис, пасивно-агресивна личност која ниту еден проблем не го става на астал и која не презема одговорност за убавите, но и лошите работи кои неминовно идат во секој однос.

Љубовта е сигурност, доверба, емоционален мир и спокој и приврзаност. Можеби не е толку забавна како вљубеноста со сите горе-долу експлозии на емоции, ама е дефинитивно поздрава за секој од нас.

Сум ви кажала дека не знам многу работи за многу работи. Една од ретките за кои знам е како се чувствувам кога сум сакана и како се чувствувам кога сум излажана дека сум сакана. Првото е секогаш со многу помалку зборови искажано од второто. Првото е секогаш со многу повеќе дела поткрепено, отколку второто. Знам дека е вистинска скапоценост и благослов да се најде љубов. Не на овие или оние години, сеедно е кога оти таа не бира ни години, ни време, ни место. Или се случува, или не се случува. А кога веќе се случува, треба да е човек мудар и да ја зграпчи, но не да ја угуши. И да си научите ко Оче наш дека ако не ви е убаво како некој ве сака, тогаш не ве сака онака како што заслужувате. Оној што ќе го најде начинот да ве љуби онака како што тоа вам ќе ви донесе спокој и насмевка на усни...тој е човекот или таа е жената скроен/а за вас. Реткост се, ама тука се.

Да ги препознаете, да ги задржите и да ги љубите со голема одговорност.

Да сте ми живи и здрави, ви подарувам песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

А на младост да ме прашаше некој

Каква љубов ќе сакав да живеам

Ќе треснев без мислење

Ама без ич умот да ми проработи

Оти сакам пеперутки во стомакот

Сакам срцето да ми прерипува

Да не можам еден залак да каснам

Без да ми се заглави касајот в грло

Од помислата за него шо в гради ќе ми стои

А и вода ко ќе пијам

Да се засркнам од срцево по него шо ќе тропа

На младост да ме прашаше некој

Шо е љубов и каква сакам да ја живеам

Ко прле пред магаре ќе се излетав оти мора да боли

Ѓоамити ако не боли-не е љубов

Демек болката мерило и дразба за убост е

Та ќе везев зборој оти нема сон ко љубиш

Та месечариш ко улав по цели ноќи

И колку ти се кругојте под очи поголеми и поцрни

Толку појќе го сакаш и не можиш без него

Да ме прашаа на младост љубов шо е

Со сиот ум ќе речев оти ко вљубен си

Мир во срцето немаш

Оти сето време на светов го арчиш во мислите за саканиот

Ех, пусти години

Млада ко бев

Толку млада шо баба ми и дедо ми уште живи беа

Та како сега да е, пред очи ми се

Љубовта нивна досадна ми беше

Таа го вардеше ко мало дете

Де намести му ја вратоврската

Де челите светни му ги

Та ќе го чистеше во костумот од невидливи прашинки

И косата ќе му ја подместуваше

Ко за на бендис да ќе оди

Смирено и без нервоза

Без возбуда

Туку со спокој кој мене здодевен ми беше

А тој пак

Тој па од дворот трендафил ќе набереше

И горе пред врата ќе и’ го остаеше

И двесте пати ручекот ќе го пофалеше

Ко компир манџа првпат во живот да имаше пробано

И ко ќе одеше баба ми кај Сајмето за фризура

Знаеше кога пред порти да се курдиса

Со цигарата в рака и да ја чека

Глумејќи оти ете баш тогаш му се присакало да слези до долу

Млада ко бев

Толку млада шо љубов да ми сервираа пред нос, не ќе ја познаев

Мајтап си играв со нив

Со оние за чија љубов денес велам

Оти имаше корења до центарот на земјата

И не разбирав ко дедо ми на баба ми ќе и’ речеше

“Абе Марика

Ниту ти си за да заминиш без мене

Ниту пак јас за да останам без тебе”

И така беше

Таа не замина

Ниту тој без неа остана

Туку нему ракот градите му ги изеде

А таа остана однадвор уба, а внатре тагата да ја јади

До дента ко пишано и’ беше

И тогаш младоста ми умре

Ми умре идејата за љубовта шо ја имав

И ниту појќе болка во неа барав

Ниту пак сакав пеперутки кои в стомак вијат

Од тогаш во љубовта спокојот го барам

И чоек кој без мене нема да замини

Ниту пак јас без него ќе останам

Чоек без кој јас нема каде да имам да одам

А ниту нему без мене ќе му се останва

Ко нив

Kо нивната реч

Ко нивната љубов