Го славиме Свети Климент – првиот учител, писател и заштитник на македонската духовност
На 8 декември Македонија го одбележува државниот празник – Денот на Свети Климент Охридски, посветен на делото на првиот словенски епископ, просветител, писател и творец на Охридската книжевна школа.
Свети Климент, заедно со својот соработник Свети Наум, бил најверен ученик на светите браќа Кирил и Методиј и продолжувач на нивната мисија за ширење на словенската писменост и христијанството.
Во текот на своето дело, Климент Охридски ја создал кирилицата, адаптирајќи ја грчката азбука за потребите на словенскиот јазик. Со тоа, тој поставил темели на писменоста и културниот развој на словенските народи. Неговата Охридска школа претставувала еден од најзначајните духовни и образовни центри во средновековна Европа.
Покрај тоа што бил епископ и учител, Свети Климент оставил и богато книжевно наследство – проповеди, молитви и поуки што се сметаат за најстарите оригинални дела на старословенски јазик.
Денес, неговото име го носат бројни институции: Универзитетот во Битола, Националната и универзитетска библиотека во Скопје, како и соборниот храм во главниот град. Свети Климент е и заштитник на градот Охрид, за кој според преданијата, неговиот дух секогаш бдее и го спасува од несреќи.
Во негова чест се доделува и државната награда „Свети Климент Охридски“, која ги одликува најистакнатите достигнувања во образованието, културата, науката и здравството.