Најмеките домашни варени ѓевреци што некогаш сте ги пробале: Подготвени за 30 минути (ВИДЕО)
Ако сакате домот да замириса на свежо печено тесто, домашните варени ѓевречиња се вистински избор. Меки одвнатре, со крцкава кора однадвор и богато обвиткани во сусам, овие ѓевреци се совршени за појадок, ужинка или како деликатес за гости. Во комбинација со кремастиот намаз од моркови, вкусот е едноставно неодолив.
Варени ѓевречиња – едноставно и вкусно, рецепт од инстаграм профилот „Мојот дневник со рецепти“.
Состојки потребни за подготовка на тестото:
- 1kg брашно
- 1 коцка свеж квасец
- 1 лажица сол
- 1 лажица шеќер (за активирање на квасецот)
- околу 500ml млака вода
- 50ml масло
За варење:
- вода
- 3 лажици мед:
За валкање
- 300-400 g печен сусам, а може и мешавина од семиња
Подготовка:
1. Во мала чинија ставете го свежиот квасец. Додадете 1 лажица шеќер, 1 лажица брашно и малку од млаката вода. Промешајте и оставете 5–10 минути да се активира.
2. Во голем сад ставете го брашното, додадете лажица сол и убаво промешајте. Потоа додадете го активираниот квасец и постепено додавајте млака вода. Замесете меко и мазно тесто.Тестото расукајте го и вадете форми.Или пак оформете ги ѓевречините со раце: формирајте топче, расукајте го за да добиете тенко стапче и потоа спојте ги краевите за да добиете ѓеврече.
3. Во тенџере ставете вода да зоврие. Додадете 3 лажици мед и промешајте. Намалете на средна температура. Ставајте по 2-3 ѓевреџиња во водата. Кога ќе ги ставите, ѓевречињата прво ќе потонат, но по кратко време, кога ќе бидат готови, ќе испливаат на површината. Тогаш внимателно ги вадиме со лажица-цедалка.
4. Ѓевречињата ги валкаме во потпечен сусам и ги редиме на плех обложен со хартија за печење. Печете во загреана рерна на 200°C, додека убаво не заруменат.
РЖМ