Македонците сакаат во Солун, блокадите им ги пореметија плановите за продолжен викенд: Евзони е затворен, кои се другите опции?!
Со приближувањето на продолжениот викенд, се очекува илјадници граѓани од Македонија да тргнат кон Грција, особено кон Солун, кој веќе е украсен во новогодишно руво, а божиќниот базар официјално е отворен и привлече голем број посетители. Но, овие планови би можеле да се соочат со сериозни пречки поради новиот бран блокади на грчките земјоделци.
Земјоделците од северна Грција повторно ги блокираа клучните гранични премини, меѓу кои и Евзони – Богородица, што директно ја засега Македонија и го отежнува патувањето токму во период кога многумина сакаат да заминат на краток одмор. Поради блокадите, изминатите денови, сообраќајот беше прекинуван неколку пати, а автомобили, камиони и патници кои патуваат кон или од нашата земја мораа да бараат алтернативни рути или трпеливо да чекаат со часови.
Блокадите се дел од протестите на грчките земјоделци поради доцнења и нередовности во исплатите на европските субвенции, кои повторно се ставени под лупа по скандалите со злоупотреба на земјоделските фондови. Нивниот штрајк, иако внатрешно-политички, има директни последици врз нашата земја — не само во движењето на граѓаните, туку и во трговијата, транспортот и товарниот сообраќај.
Вчера главните премини се блокираа повремено, а потоа повторно се отвораа во зависност од динамиката на протестите. Сега, пак, е одлучено Евзони да остане затворен во двата правца до понатамошно известување, а не е познато кога состојбата ќе се нормализира. Ова е особено неповолно за оние што планираат викенд-шопинг, посета на солунскиот базар или краток одмор на Егејот.
На инстаграм профилот Nikara.gr кои постојано соопштуваат новости во Грција, информираа:
*граничните премини кај Дојран и Меџитлија се проодни за во Грција.
*ако од Солун продолжувате кон Верија, тој дел е под блокада. Алтернативната рута можете да ја проверите на Google Maps.
*полицијата во Грција ги пренасочува возилата таму каде што блокадите се повремени, но се препорачува дополнителна претпазливост.
*за денес е најавена и блокада кон Неа Мудања, кај Неа Флогита, па патниците за Халкидики треба редовно да ја проверуваат проодноста. Можно е да се користи крајбрежната рута преку Неа Каликратија и Неа Флогита.
*патниците кон Атина треба да знаат дека има блокади кај наплатната рампа во Солун и делот кај Лариса, па ќе мора да се користат алтернативни патишта.
Пред да тргнете за Солун, задолжително проверете ја состојбата на границите во живо, избегнувајте премини за кои е објавено дека се блокирани и планирајте дополнително време во патувањето. Така ќе избегнете непотребен стрес и ќе си овозможите посмирено патување во празничниот викенд.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Принтскрин/Икс/Инстаграм/ Принтскрин Видео