Победничкото ѕвонче повторно силно одекна: Лир ја победи тешката болеста

Добивај вести на Viber

На Клиниката за детски болести секој звук на победничкото ѕвонче значи крај на долгата, тешка и храбра битка што малите пациенти ја водат со болеста. Тоа е звук што ги крева сите на нозе — родители, лекари, медицински сестри — звук што означува крај на стравот и почеток на нова надеж. Во тие моменти, детските насмевки стануваат најголем триумф, а ѕвончето е симбол на сила, истрајност и бескрајна детска храброст.

Денес, уште една радосна вест го исполни ходникот на Клиниката за детски болести.

Победничкото ѕвонче повторно силно одекна — за сите да чујат дека малиот јунак Лир ја заврши својата најважна животна лекција: храбро се соочи со болеста и излезе како победник. Тивко, со нежна насмевка и очи полни светлина, Лир го повлече јажето на ѕвончето и го означи крајот на периодот исполнет со страв, неизвесност и долг пат низ терапиите.

Ходниците, навикнати на воздишки и тивки чекори, денес одекнуваа од аплаузи. Медицинскиот тим што стоеше покрај него во секоја фаза од лекувањето гордо го гледаше малиот борец како самоуверено го прави најважниот чекор — чекор кон здраво детство.

„Победничкото ѕвонче повторно силно звонеше за да слушнат сите дека нашиот јунак Лир храбро ја помина и ја освои тешката битка“, велат од Клиниката, споделувајќи ја големата радост.


РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Принтскрин/ Фејсбук