Тони Цетински му честиташе: „Нема ваква емоција додека не запее славејот од Охрид“ - По долга медиумска тишина Ристе Ристески повторно излезе на сцена

Добивај вести на Viber

Македонскиот пејач Ристе Ристески, победникот на популарното регионално музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“ и еден од најперспективните вокали што излегле од Охрид, по повеќе од три години медиумска тишина повторно се врати на сцената.

По тригодишна пауза од јавниот живот и музиката, Ристески се појави како специјален гостин на вториот голем концерт на легендарниот Тони Цетински, кој викендов се одржа во белградскиот Сава Центар. Неговиот настап беше едно од најемотивните изненадувања на вечерта.

Ристе ја изведе безвременската песна „Још увек сањам да смо заједно“, која потекнува од постхумно објавениот албум на Тоше Проески – најголемата македонска и балканска музичка ѕвезда. 

Со својот препознатлив глас и искрена емоција, Ристески успеа да ја пренесе силата и топлината на оригиналот, а публиката го награди со долг и искрен аплауз.

Настапот на младиот охриѓанец пред полн Сава Центар беше своевиден музички камбек по годините во кои се повлече од јавноста за да се посвети на себе и на создавање нова музика.

Публиката, видно трогната од неговата изведба, го пречека со стоечки овации, а многумина на социјалните мрежи коментираа дека Ристески со овој настап потсети зошто некогаш го нарекуваа „наследникот на Тоше“.

Со ова појавување, Ристе Ристески најави дека повторно се враќа таму каде што најдобро припаѓа — на сцената.


М.С.К