Динамично темпо на ориенталната танчерка: Елена Вукановска четири часа е во сала, а два во теретана само од една причина

Добивај вести на Viber

Македонската ориентална танчерка и инструкторка Елена Вукановска, која последниве години го зацврсти своето име на балканската и европската танцова сцена, периодов се соочува со една од најинтензивните подготовки во својата досегашна кариера. Минатиот викенд, учествуваше на фестивал во Грција, каде што настапи во силна конкуренција на танчерки од повеќе земји. На 29 ноември таа ќе биде дел од уште еден престижен фестивал во Србија, каде повторно ќе има можност да ја претстави македонската танцова уметност пред меѓународна публика.


- По четири часа работам во сала на подготовки за фестивалите и по два часа во теретана. Секој ден ми е испланиран за да можам да го извлечам максимумот од својата физичка и уметничка подготовка - вели Вукановска која поради напорниот тренажен циклус, моментално не настапува на домашната сцена, но нејзиното студио и понатаму е активно.


-Поради подготовките периодов не настапувам, но затоа пак моите ученички неуморно ме заменуваат. Расте новата генерација на таленти кои достојно ја продолжуваат традицијата - посочува таа.

Иако млада, Елена зад себе има богата колекција освоени медали, награди и признанија. Нејзините учества на семинари, работилници и фестивали во странство ѝ донеле статус на една од најперспективните млади танчерки на Балканот. Повеќепати е прогласувана за најмлада и најдобра натпреварувачка, но и инструкторка во различни категории што го опфаќаат светот на ориенталниот танц. Таа истакнува дека и покрај бројните признанија, постои еден момент кој секогаш ја трогнува најсилно.


-За мене најголема награда е кога на светски фестивал ќе го видам македонското знаме, ќе ја слушнам македонската химна и ќе застанам на сцена со иконите на овој танц-заклучува Елена.


С.А.Н