„Најмногу карциномот ме научи и ми го промени животот на подобро“: Го молела Бог да ја земе побрзо, а денеска е благодарна за сѐ - Храбра и емотивна исповед на Јасмина Арсова
 
                    Јасмина Арсова од Скопје пред неколку години се соочила со најстрашните вести кои можеме да ги слушнеме за сопственото здравје. И тоа не еднаш, туку дури двапати.
Иако првичниот шок ја терал да се обвинува себе си и другите за својата здравствена состојба, сепак кога сфатила дека клучот треба да го побара во духовноста се свртела кон Бог. И ден денеска ги памети зборовите од првата молитва - Боже ако треба да дојдам кај тебе, земи ме, само да не се мачам многу.
Но од прв момент знаела дека нема да биде жртва на ситуацијата и да дозволи ситуацијата неа да ја владее. Знаела дека ќе се бори. Стигнала до разни техники од алтернативна медицина. Како што самата знае да каже - нема што не пробала, без да знае колку тоа било опасно.
Денеска е успешен енерготерапевт кој одлично ја владее енерготерапијата, има огромен корпус на знаење од алтернативната медицина и уште учи и не се откажува од сопственото зреење и развој.
Денеска вели, болеста и ги донела можеби најубавите исходи со кои денеска живее - целосно нов живот исполнет со мир и благосостојба. Таа денеска е целосно свесна за времето, животот, поврзаноста и сите работи кои се суштински дел од едно животно патешествие.
Искрена, отворена и неверојатно храбра исповед на млада жена која со својот пример ги инспирира другите на борба - пред сѐ таква, во болеста да не го почувствуваат сопствениот крај, туку крајот на старите убедувања кои ја создале болеста.

Се сеќаваш ли на моментот кога ја откри дијагнозата? Како изгледаше тој ден и какви мисли први ти поминаа низ глава?
-Да и те како и за двете дијагнози цистоаденофибром на лев јајник кој е изваден и фибропластика од 10см на дебело црево вградена и аденокарцином на матка.
Се сеќавам како бел ден првата во 2014та, бев во Државна болница отидена на преглед бидејќи претходно имав правено операција лапароскопија за вадење на преграда на матката и отворање на канал на левиот јајник како дел од процедура која ја имав почнато за лечење стерилитет и вештачко оплодување.
Животот ми се смени за неколку часа кога докторката ми кажа дека има голем тумур во вид на 8ца го гледа, веднаш ме препрати на испитувања цел ден го поминав низ болничкоте ходници до доцна вечерта.
Си дојдов дома сама и си седнав, си почнав да плачам, сѐ уште збунета и како во магла ми летаа мисли, толку е, каде ли згрешив, што се ме чека па сега....ама па ме тешеше дека е бенигден и си реков тоа е тоа ќе се извади јајникот....да сум жива и здрава понатаму...Како е така е!
Вториот пат во 2017 бев да земам резултати од контрола кај мојот матичен доктор кога ме виде ме внесе преку ред и ме тресна од земја зборот - Аденокарцином...толку веќе нит го слушав нит го гледав неколку секунди...Си дојдов на себе и излегов во ходникот каде ме чекаше внука ми...само ѝ реков одиме на шопинг (со внатрешна мисла ако умирам барем да уживам во периодот што ми следи).
Кога си дојдов дома веќе не беше исто...плачев 2 недели додека се соберам и да си речам: Ајде доста до кога вака, дај да видиме што сме научиле до сега и што ќе правиме?!
Како се справи со првичниот шок? Кои беа најтешките, а кои најхрабрите моменти од тој период?
-Со голема помош на мојата другарка Жане, сестра ми и внуците и уште неколку другарки и другари (Господ здравје да им дава) ги поминав сите тие тешки моменти и прегледите и испитувањата некако ми беа полесни, најтешко ми беше да прифатам дека ќе ми го извадат јајникот и каналот ќе се затвори - засекогаш.
Вториот пат си реков Господе ти знаеш најдобро, ако треба да останам без матка земете ја, ако треба јас да дојдам кај тебе земи ме да не се мачам многу...
Но, никогаш не престанав и да се смеам и да се зезам, да се дружам иако беше тешко, но се држев и не сакав да бидам жртва, знаев внатрешно дека ќе бидам победник иако паѓав на моменти.
Имав голема верба во Господ и неговиот план за мене, а тука веќе и ми се изгуби стравот, и тука мислам дека почна сѐ...
Најхрабриот чекор беше да пробам сѐ што знам и не знам од алтернативна медицина дури и да отидам на Ајахуаска церемонија и Камбо (отров од жаба) кај Шамани од Јужна Америка не знаејќи апсолутно ништо освен дека е опасно, непријатно но длабоко моќно искуство, на длабоки трансформативни ретрити и семинари, отрови од шкорпии, биоинформатика, разно разни медицини, молитви, искушенија - но отидов.. не знам како се створија и дојдоа во Битола и Македонија, и еве ме сѐ уште.

Дали болеста на некој начин те промени – духовно, емотивно, ментално?
-НАЈМНОГУ и единствено болеста ме научи и ми го промени животот на подобро, затоа што разбрав дека сум благословена со болеста за да научам дека дотогашниот живот ме довел до таму и дека мора да најдам што е тоа што постојано ме разболува, да го излечам и да живеам.
Беше ли токму тоа искуство пресвртница да почнеш поинтензивно да го истражуваш духовното и внатрешното „јас“?
- Дефинитивно, да најголемата пресвртница во мојот живот беа токму болестите што не ми даваа да излезам од болница и од дома и разбрав - Господ ме натера на потежок начин да застанам, да седнам, да размислам што видов од животот, како живеев, дали бев среќна, што се сакав...а не направив, за секое - има време, дали направив нешто за себе, што се оставив за друг пат...а дали ќе има друг пат?
И уште милион прашања и слики за да дојдам до заклучокот дека јас воопшто не постоело, дека ништо од тоа што длабоко го сакав и посакував никогаш не си го дозволив и овозможив иако живеев навидум среќен, исполнет и многу интензивен живот.
И така тргна возот на моето ново патување со моето вистинско Јас и моето внатрешно дете.
Како денес гледаш на онколошките болести? Што би им порачала на жените кои во моментов се соочуваат со истата борба?
- Да бидат храбри и да го превземат животот во свои раце, не сме проколнати туку благословени за да се разбудиме и да почнеме да живееме исполнет и вистински живот, да разговараат со болеста и да ја прашаат зошто е дојдена која лекција не ја научиле и треба да ја научат. Да излезат од рамките и да разберат дека секогаш постои светло и уште неколку врати.
Да си се исповедаат не мора во црква или било кој храм, доволно е да бидат искрени сами со себе и со Бога (бидејќи тој сѐ знае, само чека на нас да се пробудиме и освестиме) - нека се присетат на животот од 6та год. па до сега, дали е тоа животот што го одбрала нивната душа?
Да не се плашат гласно да зборуваат и да кажат Не, да си ги кажат своите искрени желби и потиснати емоции, да постават нови здрави граници во животот, да веруваат и да го следат Божјиот план за нив, да играат и да пеат, да избегнуваат токсична средина и луѓе, да се исчистат внатрешно и надворешно, да уживаат во природата и да избегнуваат хемии, но не и да ја занемарат класичната медицина.
Да слушаат убава музика, убави содржини и да се полнат со убави вибрации, на клетките им треба смирение, а не хаос.
Да разберат дека самите се разболуваме и сами можеме да се излечиме, само да го најдеме вистинскиот пат и начин за себе и најбитно од се да разберат - дека не се жртви туку храбри и достојни жени.

Твојата љубопитност и духовна длабочина – дали беа дел од процесот на твоето оздравување?
- Тие беа најважни во процесот бидејќи веднаш почнав да си го барам лекот со оглед на тоа дека јас од дете верував во духовните пракси, во Господ и виши сили, енергии и пракси и веќе некако бев навлезена во тој процес, но во плитка вода сѐ до тогаш. Јас не примав хемотерапија не ни стасав до таму благодарение на мојата храброст дека освен себе немам ништо друго да изгубам и така се впуштив во најдлабокото и стасав таму каде што стасав.
Како ја гледаш врската меѓу телото и духот? Можеме ли преку духовна рамнотежа да спречиме појава на болести?
- Најбитната врска е токму тоа - ТелУмот да ни е во баланс и конекција, а најчесто се одвоени бидејќи живееме во дуален свет и тие најчесто се одвоени па дури и многу оддалечени едно од друго иако тоа на прва не изгледа така.
Според сите нови научни истражувања на биоинформатика и епигенетика е докажано веќе дека со овие пракси и тоа како можеме да спречиме и излечиме некои генетски кодови да се активираат, а со тоа и болестите. Секоја болест е поврзана со одредена емоција, траума, трансгенерациска траума, генетски код, сплет и комбинација на испреплетени истории, начин на живот итн.

Како енерготерапевт, дали ја препорачуваш терапијата со енергија како дел од превентивната нега и прочистување на организмот?
- Од досегашното мое лично и професионално искуство, но пред сѐ како човек кој прво пробува на себе па потоа дели понатаму, ќе кажам дефинитивно да, комплементарна алтернативна медицина и тоа како е најголем поддржувач и помагател на класичната медицина. Никогаш не ја исклучуваме класичната медицина и во соработка и кординација можеме и тоа како и да превенираме, да олесниме па дури и исцелиме трајно некој процес.
Која е најголемата лекција што ја научи низ тоа искуство? Би рекла ли дека токму болеста, иако тешка, те довела до вистинското себе?
- Најголемата лекција е тоа што научив да се сакам и слушам себе си - длабоко, да бидам брутално искрена со себе и другите, да излезам од секојдневните шаблони и да си го земам животот во свои раце, затоа што тој е единствено и само моја одговорност, мене ми е даден да стекнам нови искуства, да научам да ја отпуштам контролата и да разберам дека апсолутно сѐ зависи од мене и само од мене и секако конечно да се препуштам во Божјиот план, трпеливо да чекам, да не брзам и да верувам дека сѐ е така како што треба да биде иако не го разбирам тоа во тој момент зошто е така, но е за мое најголемо добро.
Да не беше болеста сѐ уште ќе лутав по лавиринтите на животот, ќе дишев на шкрги, ќе преживував со старата Јасмина, оваа новата т.е вистинската Јасмина си ја обожавам и сакам, со неа живеам со полни гради - нов, едноставен и исполнет живот.
Патот кон себе и вистинското јас не е воопшто лесен и певлив, но дефинитивно вреди потоа за секој еден здив што го имаме и кога ќе разбереме дека животот е всушност многу едноставен и посебен, ако знаеме да го живееме во склад со себе си и својата душа.
Фото извор: Приватна архива
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов
 
                     
                                             
                                             
                                             
                                             
                                            