Жена која одгледала илјадници деца во Македонија: Првата жена детeктив, која ја одбила детективската професија и целиот живот го посветила на децата без родители
Рози Влаховиќ својот работен век го поминала посветувајќи љубов, грижа и стручен социјален пристап на децата без родители.
Скоро 23 години работела во Дом за деца без родители и самата знае да каже дека кога ќе се спомене нејзиното име, веднаш се асоцира со илјадници деца кои ги одгледала, им била воспитувач, утеха, поддршка, топла прегратка во најтешките моменти, водилка, таа што најмногу се радувала на нивните успеси и која и ден денеска ги смета децата што ги одгледала како своја фамилија.
Вели дека со децата кои ги пораснала е како пошироко семејство и во секое време е достапна за нив. Нивната лична борба ја гледа низ призма на успехот на својата работа, а нејзината девиза е вели - секое дете кое го воспитувала да стане многу подобро од неа.
Во животот имала малку „право на грешки“ зошто била пример за илјадници деца кои во неа гледале социјален модел. Поради нив, проголтала многу солзи, им ја поддала раката за помош и поддршка, но и ја определила границата од каде да ги остави сами во својата животна битка за од нив да изгради независни поединци.
Малкумина знаат дека таа е една од првите жени детективки во Македонија, која никогаш не ја работела оваа работа, откако се сретнала со деца без родители, толку ја засакала оваа работа, што одлучила да се доквалификува како магистер по социјална работа и политика. Тоа вели бил теорискиот дел кој само ѝ помогнал концептуално да го дефинира она што низ пракса го живеела.
Интервју кое ќе ве расплаче, но и инспирира, што ќе ви покаже дека хуманоста е безгранична и дека малите дела, некому му го создаваат најубавиот животен спомен.

ЖМ: Колку години работеше со деца без родители и родителска грижа?
-Доволно догло или почточно 22 години и 8 месеци од кој работев 5 години под договор на дело.
ЖМ: Дали има некое дете од оние кои си ги одгледала чија животна приказна оставила најсилен впечаток на тебе или со кое посебно си се врзала?
-Секако има и тоа многу повеќе од едно дете, се сеќавам уште од самото мое влегување на работа а со многу од нив и до денес сум во контакти и секогаш се радувам на таквите средби, иако тие денес се возрасни, самостојни и совесни граѓани, формирале семејства, станале родители, граделе кариери отворале свои мали бизниси, кои чесно работат и се справуваат со сите проблеми како и ние.
Како професор/воспитувач најсилниот впечаток и секогаш врежан ќе ми остане, приемот на мали деца во установата / Домот и тоа на возраст од 3-7 год.
Нивните ликови ги паметам како денес тоа се дечиња ангели, кои не по своја вина преживеале пеколни денови, месеци или години, носејќи ги со себе траумите од каде доаѓаат, стравот во нивните очи се врежува во нашата потсвест, земајќи ги во предвид и нивните мали години исплашени и полни со неизвесност плачејќи се разделуваат од старателите и така полни со тага, тажни и исполнети со депресивни симптоми почнуваат со нов живот/лична адаптацијата но и прифаќање од останатите деца во групата.
Е од тој ден се нашите приказни со децата. Секојдневно давајќи му ја негата и грижата нашите разговори на индивидуален план растат се зголемуваат и поврзувањето е неизбежно.
Неколку деца во тој период не само што ми оставија силен впечаток, бидејќи секое дете има своја приказна и сите се болни и со многу рани, тие беа всушност беа и променат на погледот на мојот живот за кој мислев до тогаш дека е многу тажен и очаен. Тие ме поттикнаа да го сакам уште повеќе својот живот и да гледам многу поведро и посреќно и така се решив да го продолжам своето формално образование.
Се запишав на постдипломски студии на Институтот за социјална работа и социјална политика, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Титулата м-р по социјална политика не ми значеше многу но знаењето кое го стекнав таму многу ми помогна теоријата со практичната примена во справување и работа со деца во ризик, деца од улица, деца на улица, злоупотреба на деца со сите видови на насилство емоционално, физичко, сексуално, трговија со деца, и деца без родители и родителска грижа.
ЖМ: Дали човек треба да е преемотивен да ја работи оваа работа или треба да знае да се исклучи?
-Лесно прашање / тежок одговор, лично сметам дека прво треба да бидеш пред сѐ, „човек”, па потоа не помалку се важни и какви квалитети на вештини и методи поседува еден воспитувач.
Не треба да биде ,,многу емотивен” во смисла да плаче со детето/децата или пак да ја носи нивната болка со себе или пак посакува детето што не е соодветно на неговата возраст, но многу важен е топлиот и искрен разговор со самото дете. Емпатијата и чувствителноста за да се разберат детските емоции и тешки проблеми кои ги носат со себе како траума се многу важни за нас воспитувачите, и тука е неопходен тимскиот пристап на работа.
Многу важна е грижата за себе или рамнотежата за еден воспитувач, да чувствува но не и да се „изгуби”во емоциите. Значи да се биде доволно емотивен за да се носи со нивните трауми, сепак да не изгори од работата, затоа што децата без родители и родителска грижа, носат со себе болни и трагични приказни а воспитувачот мора да биде авторитативна или стабилизирачка фигура а не треба да биде жртва на тие приказни.
Важна е и емоционалната дистанца а тоа значи да ги разбереш емоциите но не и да ги преземе врз себе, повеќе „поддршка” но не и „соучесник во болктa”.
Воспитувачот работи на првата линија директно со детето и потребно е да се движиме напред почнувајќи од стабилен и балансиран однос кон детето полн со разбирање и емпатија, за да може да создадеме сигурна средина во која детето треба да се чувствува сигурно среќно и задоволно.
За да работиш со деца без родители и родителска грижа потребни се многу континуирани формални и неформални едукации да научи вештини и методи за да може позитивно да влијае врз детето а при тоа и нормално да функционира надвор од работата каде улогата не е воспитувач.

ЖМ: Ти си една од првите жени детективи во Македонија. Како се оддлучи од својата вокација да преминеш во работа во Домот за деца без родители?
-Точно така, во 90 те години беше многу тешко за нас помладите да го разбереме распадот на СФРЈ се вратив од Загреб со два куфери и тежок период беше тоа.
Бев прва генерација кога распиша една агенција оглас за самостоен криминалистички детектив и многу мал број на жени завршивме. Добиваме случаи имавме силни обуки и тренинзи но не беше се така како што учевме и верувавме иако бевме млади и полни со елан за работа. Ни требаше време да ја разбереме транзицијата која години се провлекуваше а беше многу сеопфатна почнувајќи од политичка, општествена и институционална промена односно социјалистичкиот систем да го замениме со демократија и пазарна економија и што уште не.
Мојата желба за успех и учење наново отпочна но сега со најмалите најчистите души а тоа се децата. Мојата девиза во тој период беше: Ако не можам да придонесам лично кон правдата за побезбедно и мирно живеење, тогаш ќе завршам факултет и тоа „воспитувач” па на тој начин ќе ги воспитувам и учам „нивните деца или внуци” и пак ќе придонесам за еден ден да има помалку конфликти и разбојништва а повеќе почит љубов кон луѓето преку градење и чување на семејните вредности како нешто највредно.
Мојата желба се исполни и тоа многу повеќе од колку што очекував и замислував. Ако бев денес криминалистички детектив ќе бев едно зрнце во песокот на плажа а јас за 22 години работа со децата ги насочував да учат и да завршуваат факултети а меѓу сите нив и да станат детективи бидејќи се многу потребни на општеството.
Денес сите тие се многу повеќе од мене и секогаш се тука да помогнат бидејќи знаат колку значи и вреди помошта и поддршката.
ЖМ: Неодамна се пензионираше. Кои се твоите планови за пензионерските денови?
- Точно така. Пензионирањето е по еден основ но секако работата продолжува, бидејќи еднаш човек кога ќе си ја засака работата не зависно каде и да работи тој секогаш ќе продолжи со активности кои се поврзани со најранливата категорија на граѓани.
Среќата за мене е во малите дела а преку мали дела ќе се обидеме да направиме уште малку повеќе добри дела а за тоа не е потребно работно време ниту пак редовен работен однос.

ЖМ: Во контакт ли си со дечињата од Домот кои си ги одгледала? Ти се јавуваат ли?
- Се разбира да, ниту тие со нивното напуштање на домот ниту пак ние со нашето заминување не престанува и не завршува таквата комуникација. Ако зборуваме за децата кои овој период се згрижени во ОЕ на сите деца им ветив дека ќе им бидам гостин на сите нивни родендени, матурски прослави, а за време на викенд заедно со моите внуци ќе се дружиме и ќе имаме низа на активности за кои надлежните од установата претходно ќе бидат известени за таквите активност.
Тие се дел од мојот живот тие се смислата на животот и моето постоење и таа врска е нераскинлива исто како со своето дете, се додека детето те бара мајката или воспитувачот се тука. Потребно е многу години да поминат за да заборавам некои од нив. Изминатите години многу од нив за жал си заминаа по европските земји барајќи подобри и поубави услови за работа за подостоинствен живот и сите од нив имаат пристоен и убав живот.
- Со нив контактирам или на месинџер голем број деца ми се пријатели и на фб или на вибер сите деца мојот мобилен го имаат и сите можат било кога да ме побараат, па знаеме да си ги споделиме сите убавини или потешкотии, кои ги носиме лично на своите плеќи.
- Често пати прашувам или пак тие ме прашуваат за другите деца кои биле со нив во тој период во домот дали и како да се најдат меѓу себе, кој колку успеал во својот живот или пак не успеал и сите за таквиот успех/неуспех или сите жалиме или сите радуваме.
Интересно е што колку пати и да се слушаме или видиме секогаш тие се навраќаат на нивното детство во Домот 11 Октомври, Скопје. Има толку многу што да си кажеме и секогаш разделбите на тие јавувања ни се на крај со многу здравје повеќе среќа и по некоја желба за подобар успех.
Разменуваме редовно информации, помошта и поддршката е редовна и така и ќе продолжи.

Фото извор: Приватна архива
ЖМ: Дали ги осудуваш родителите кои ги оставиле своите деца без родителска грижа? Каков е твојот став по тоа прашање?
-На почетокот кога немав работно искуство, не можев да ги разберам и не ми беше јасно, на многу мои прашања немав одговор, се разбира таквата осуда или зачуденост, секогаш ја споделував со моите колеги како би можела до соберам повеќе информации за родителите и да видам дали грешам и каде грешам и кој е најлесниот начин да го оправдаш родителот пред детето а да не згрешам.
Но како одминуваше времето така учев преку децата како да ги запознаеш неговите родители/ родител а не преку формалните информации кои доаѓаат до нас од страна на МСЦР кои за жал се многу оскудни сметајќи дека детето е на прво место и неговите интереси и потреби се најважни па за родителите едвај да најдеме по некоја реченица напишани од стручните тимови.
Мојот став е дека не секој родител што оставил дете е лош родител, а причините се најразлични.
Некои живеат во голема сиромаштија, некои се борат со низа болести или зависности, имаат психички проблеми, одржуваат затворски казни и сл. Тоа се родители кои за жал немаат никаква семејна поддршка, изолирани се од околината, средината во која живеат, најчесто се осудувани и поголемиот дел од нив се во голем срам и изолација, некои од нив се малолетни, некои се жртви на насилство, едноставно речено тие се свесни дека не можат да му обезбедат основни услови за живот на нивното дете.
Затоа велиме дека секое едно дете е со различна приказна многуте родители и сами биле напуштени од своите родители без образование, жртви без поддршка и само осуда што за жал со таквиот пристап само ја затвораш вратата. Потребни се Програми за реинтеграција на децата во нивните семејства. Како што децата имаат потреба од љубов не помалку им е потребна поддршка и љубов на родителите.
ЖМ: Тешко ли е човек да работи цел живот во социјала? Навлекува ли емоции од сето тоа што го гледа околу себе, а тоа се обично ранливи човечки судбини?
-Не е лесна работата воопшто но најважно е да ја сакаш да си исполнет, бидејќи ние работиме со жива материја а тоа се децата кои најмалку се виновни што се нашле во ваква ситуација. Едноставно те прават зависни на нив или како велите Вие те навлекуваат со нивните емоции, го гледаш својот успех преку нив.
Се натпреваруваш сам себе си, среќен си што почнало да ги јаде сите оброци, па си го научил самостојно на личната хигиена да ја извршува, па општата, секој еден индикатор кој ќе помине во самостојност се радуваш како мало дете па по сто пати го повторуваме и споделуваме меѓу колегите. На секој еден негов успех позади него стои воспитувач и природно и човечки е да се радуваме.
Но за жал сме имале и одлични колеги кои работеле но не можеле да се носат со овој вид на емоции со ваквите ранливи и очајни судбини па сами се повлекувале и си побарале друга работа. Не секој може да ја работи оваа работа.
ЖМ: Да можеш да бираш сега дали повторно би ја работела оваа работа или сепак би избрала друга професија.
-Со оглед дека пола работен век поминав и не зажалив никогаш што работев во ЈУ Детски дом 11 Октомври, Скопје а тоа се децата без родители и родителска грижа дефинитивно би ја избрала оваа професија повторно, само во друг облик.
Се надевам дека во иднина системот на социјална заштита ќе понуди низа на дополнителни услуги и активности, каде ќе се надогради со проширување и носење на програми за реинтеграција изработени од стручните работници, вклучување на невладиниот сектор и заедничко делување и работа помеѓу родителите кои се во ризик и децата кои растат без родителите, би имале дополнителни шанси ако се вклучи и поширокото семејството.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов