Ана Бунтеска: Мудра да бев
Мудра да бев не ќе те мислев
Ама ич на дикат немаше да те ставам
И ќе си терав низ веков
Некојпат насмеана
Некојпат намуртена
По права линија без да се сепнувам
И без удолу да паѓам
Та да не знам главава
Дали на раменици ми е
Или попатно некаде сум ја изгубила
И без угоре да се кревам
Та да не знам дали облаци гледам
Или само магла во умов имам
Мудра да бев
(како што не сум)
Немаше ниту една мисла
На тебе да ја поарчам непотребно
И немаше да ме стега кај срцето
Иако сите екими велат оти арна сум
А немаше ниту ококорена ноќе да бидам
Џарејќи се во сенките на ѕидот
Кои никогаш ништо не ми кажуваат
Туку спокој ќе ми беше денот
И ноќта полна розови соништа
Од кои честопати срипувам како споулавена
Мислејќи оти на јаве среќна сум
Мудра да бев
И пак ќе речам оти ич не сум
Ќе те прецртав со црвена линија
Задебелена за името да не ти го гледам
И ќе те избришев од сите песни
Уџум некаде во себе ќе те стуткав
Како хартија после згрешена буква
На дното од корпата за отпадоци
Та ќе си ја терав живеачката
Најдобро како што знам и умеам
И нема ден да не се чудам
На себе, не на тебе
Зошто не научив мудра да сум
Та да ти дадев помалку
А за себе повеќе да сочував
Да те мислев помалку
А на себе повеќе да мислам
Да те сакав помалку
А себеси повеќе да се љубам
Та си велам оти ете
Некои луѓе со чудна кројка се
И не знаат поинаку
Освен душата да не си ја сочуваат
И да ја раздаваат ко за задушница
И има денови, навистина ги има
Кога среќна сум што сум таква
Оти само тогаш сеќавам дека сум жива
И дека вреди секоја лузна
Што на себе и во себе ја носам
Ама има денови
Ете како овој денес што осамна
Што сама на себе клетви си фрлам
И се прашувам
Дали ако мудра бев помалку ќе ме болеше
Ти...
И твоето присуство
Ти...
И твоето отсуство
ТИ