Драган од Штип ја продолжува пчеларската традиција на прадедо му – наследство старо четири генерации што и денес создава природен мед
На падините на планината Плачковица, во селото Аргулица, веќе четврта генерација пчелари со истата љубов и посветеност се грижат за малите, вредни жители на кошниците. Денес, таа традиција ја продолжува младиот Драган од Штип – човек кој верува дека мирот, тишината и златната боја на медот се најчистиот облик на среќа.

„Уште прадедо ми се занимавал со пчеларство. Во тоа време, за квалитетот на медот добивал признанија и златен медал во поранешна Југославија. Од него започнала нашата семејна приказна, која со гордост ја продолжија дедо ми и татко ми, сега ја продолжувам јас, а во иднина се надевам ќе ја продолжи и мојот син Давид“, ја почнува приказната за Женски магазин Драган Митевски.

Прадедо му на Драган


Како дете, секое слободно време го поминувал со пчелите – меѓу кошниците, во мирисот на восок и цветен нектар.
„Одев со дедо ми татко ми и гледав што прават. Уште тогаш се роди љубовта кон пчелите. Денес, кога ќе застанам покрај кошниците, го чувствувам истиот мир како и кога бев дете“, открива тој низ насмевка.

Од три кошници до златен мед
Драган почнал со само три-четири кошници, денес има многу повеќе, но, како што вели, бројките никогаш не му биле најважни. „Пчеларството бара љубов, не сила. Секоја работа има своја тежина, но кога нештото го правиш со задоволство, не ја чувствуваш напорноста“, објаснува.
Пчелите ги одгледува на подножјето на Плачковица, а во лето ги пренесува во беровските шуми – таму, каде што воздухот е чист, а природата богата со цветен полен. Производството опфаќа ливадски и шумски мед, кои, како што вели, се најбарани на пазарот.



Дедо му на Драган





„Се трудам да ги следам и светските трендови и да ги почитувам сите стандарди на Агенцијата за храна и ветеринарство. Како и повеќето совесни пчелари, се стремам кон органско производство. Квалитетот секогаш треба да биде пред количината“, вели Драган.

Токму квалитетот, додава тој, е она што ја одржува неговата работа стабилна.
„Не е тешко да успееш ако имаш добар производ и задоволни клиенти. Најчесто медот го пласирам на локалниот пазар, но имам и онлајн нарачки – особено од нашите луѓе во странство. Македонскиот мед е препознатлив, многу се бара и има сјајна репутација“, вели гордо раскажувајќи ни ја семејната приказна.

Пчелите како животни учителки
Драган верува дека од пчелите може многу да се научи. „Тие се совршена заедница – секој си ја знае својата работа, никој не се натпреварува со другиот, а сите заедно создаваат нешто прекрасно. Тоа е лекција и за нас луѓето – за ред, труд и заедништво“, открива.
За него, пчеларството не е само извор на заработка, туку и бегство од секојдневниот метеж. „Кога сум меѓу пчелите, таму на селската ливада, имам мир, тишина и вистинска релаксација. Тоа ме исполнува повеќе од сè друго“, додава нашиот соговорник кој голема поддршка во целата работа има од семејството и сопругата која е задолжена околу делот за маркетинг и продажба.

Драган со сопругата Елизабета и синот Давид

Во иднина, Драган планира да го зголеми бројот на пчелни семејства и да го прошири производството со нови пчелни производи – полен, прополис и матичен млеч. Вели дека има голема желба еден ден да создаде и мал туристички агол – место каде луѓето ќе можат да го доживеат пчеларството одблизу.
А, на младите кои размислуваат да се впуштат
во оваа дејност им порачува:
„Да не се плашат. Со добра волја, љубов и ментор кој ќе ги насочи – успехот е
загарантиран. Пчелите тоа го чувствуваат – кога ги сакаш, ти враќаат со мед.“
Ирена Ставрова