Ленче од Гевгелија го бара Мишко: Исчезна штркот што ѝ го топлеше срцето

Добивај вести на Viber

Несекојдневната, топла и искрена приказна за Ленче од Гевгелија и штркот Мишко веќе подолго време го освојува вниманието на јавноста. Нивното уникатно пријателство започна како случајна средба, но со тек на време прерасна во вистинска врска исполнета со грижа, доверба и љубов кон животните.

Мишко, штркот кој поради повреда не можел да се врати во дивината, ја најде својата сигурна куќа кај Ленче. Таа несебично се грижеше за него, го хранеше, го штитеше и му создаде услови во кои може да живее спокојно и безбедно. Низ целата измината година жителите на Гевгелија го гледаа како шета низ маалото, се дружи со луѓето и постојано се враќа кај Ленче, која му беше единствена вистинска поддршка.

Во февруари минатата година таа ја сподели својата приказна во фејсбук групата „Миленичиња“, откривајќи ја дилемата со која се соочува:

„Мишко не сака да си оди. Денес дојде ветеринарна служба го видоа, ми кажаа дека добро напреднал за една година, полот после третата година може да се одреди, тој е среќен и весел но за жал не покажува интерес да си замине. Ќе го чувам до крај иако сакав да си го најде патот во дивината, сега ми преостанува да најдам уште еден штрк да има друштво“, напиша тогаш Ленче на Фејсбук.

Токму оваа искреност и посветеност ги стоплија срцето на многумина. На социјалните мрежи следеа бројни пораки на поддршка, охрабрување и восхит кон Ленче и нејзиниот штрк.

Но, деновиве приказната доби неочекуван и болен пресврт. Мишко исчезна.

Ленче со тага сподели јавен повик во надеж дека некој ќе ѝ помогне да го пронајде својот пријател, кој веќе шести ден не се вратил дома:

„Мишко кој сите од градот го знаете го нема веќе 6 дена. Не барам од вас да го барате, но ве замолувам доколку се засолни пред некоја врата, може да е залутан и во некое село, не плашете се од него, многу е питом. Веднаш пишете ми, ако воопшто е жив, благодарам на секоја информација. Без едно око е, така ќе го препознаете, но и без тоа, нема други штркови.“

Оваа објава одекна силно меѓу гевгеличани и пошироко. Многумина го споделија апелот, надевајќи се дека Мишко ќе биде забележан некаде и ќе може да се врати таму каде што веќе одамна го нашол својот дом.

Очигледно е дека врската меѓу Ленче и Мишко е нешто многу повеќе од обична грижа за повредена птица. Тоа е приказна за љубов, упорност, доверба и човечност – приказна која ја потсетува јавноста дека секое живо суштество заслужува внимание и топлина.

Ленче деновиве споделува фотографии од Мишко, полни со надеж дека нивната необична, но исклучително убава приказна ќе продолжи. А граѓаните, впечатени од ова искрено пријателство, остануваат со неа во потрагата по нејзиниот штрк.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук

„Мишко го одгледав, му дадов шанса да си оди, не сака, се враќа повторно кај мене“: Ленче од Гевгелија за необичниот гостин кој ја поминал зимата во нејзиниот дом

    „Мишко е среќен и весел, ми преостанува да најдам уште еден штрк за да има друштво“: Продолжува пријателство помеѓу Ленче од Гевгелија и штркот