„Животна желба ми е да имам куче водич“: Интервју со Ема Ананиевска, пијанистка со оштетен вид
Ема Анакиевска е пијанистка од Скопје чија животна приказна инспирира исто колку што фасцинира нејзината музика. Дипломирана пијанистка со оштетен вид, зад себе има голем број настапи и концерти на кои публиката ја препознава нејзината чувствителност, техника и неверојатна сила. Иако како бебе го изгубила видот, на само осум години го пронашла својот јазик — пијаното. Тогаш започнала нејзината тивка, но моќна врска со инструментот преку кој денес зборува погласно од било кога.
По повод 3 Декември — Меѓународниот ден на лицата со попреченост — решивме разговорот со Ема да го посветиме на нејзината приказна, не само како музичарка, туку и како жена која секојдневно го живее својот талент и својата различност без страв и ограничувања. Ова е можност да ја запознаеме подобро, но и да испратиме силна порака: дека различностите не само што треба да се прифаќаат, туку и да се слават. Ема е доказ дека токму тие нè прават посебни.

ЖМ: Како ви започнува денот, имате ли омилен утрински ритуал?
- Немам посебен утрински ритуал. Не може да почне денот ако не се напијам кафе.
ЖМ: Како се организирате — имате ли некои свои „трикови“ што ви го олеснуваат животот?
- Зависи од денот се организирам според обврските.
ЖМ: Што ве мотивира кога имате тежок ден?
- Ме мотивираат, добра музика и убави луѓе.
ЖМ: Колку луѓето кои ги имате околу себе ви се поддршка и можете да се „потпрете“ на нив?
-Без поддршката од семејството и пријателите не би била тоа што сум денес. Многу е важно да имате луѓе на кои може да се потпрете во секакви ситуации.

ЖМ: Што најмногу цените во пријателството?
- Во пријателство најмногу ценам искреност. Прав пријател е тој што ќе ти ги каже најотворено доблестите, но и маните.
ЖМ: Што мислите — дали луѓето доволно знаат како да комуницираат со лица со оштетен вид?
- Мислам дека луѓето што немале контакт со лица со оштетен вид многу често се преоптеретени да не кажат или направат нешто погрешно и обично во такви ситуации не намерно знаат да повредат. Затоа е многу важна инклузијата, прифаќање, почитување и разбирање на различностите.
ЖМ: Што ви значи музиката во секојдневието — еден вид бегство, утеха, израз?
-Mузиката за мене е начин на изразување и поврзување со публиката без никакви бариери.
ЖМ: Како го „чувствувате“ пијаното? Имате ли омилен звук или тон?
-Пијаното го чувствувам како секој пијанист, преку бојата на звуккот. Можам да кажам дека обожавам молски тоналитети.

ЖМ: Постојат ли изведби што ви се посебно емоционални или поврзани со некој момент во животот?
-Секако, имам изведби што ме потсетуваат на убави, но и на неубави работи, што се поврзани со случки од секојдневието.
ЖМ: Дали некогаш импровизирате? Како изгледа процесот кога создавате нешто свое?
-Да, импровизирам. Тоа е посебно доживување, никогаш не знаеш што ќе се случи. Слично е и со создавањето на авторско дело. Тргнуваш со една идеја, а во процесот ќе ти дојдат уште 100 други.
ЖМ: Дали сакате да патувате? Како изгледа патувањето за вас — што најмногу „впивате“ од едно место?
- Обожавам да патувам, да запознавам различни луѓе и култури. Најмногу ги чувствувам местата преку атмосферата, енергијата на луѓето и природата.

ЖМ: Дали имате омилено место што ви останало во сеќавање по звук, мирис или атмосфера?
- Омилено место по атмосфера Мадрид, би го посетила уште безброј пати. А по звук и мирис секаде каде што се слуша и мириса на море.
ЖМ: Што би сакале следно да посетите и зошто?
-Наредна дестинација што би сакала да ја посетам е Ирска, затоа што многу ја сакам нивната традиционална музика, ме потсетува на детство.
ЖМ: Дали слушате/читате книги во аудио формат или Брајово писмо? Имате ли омилена книга или автор?
-Слушам аудио книги. Тешко можам да издвојам нешто омилено. Многу зависи во каков животен период сум.
ЖМ: Кој филм или серија би го/ја препорачале, дури и само поради музиката?
- Голема е листата, ама еве во моментов додека ги одговарам прашањата во позадина ми оди музика од „Аватар“ нека биде тоа препораката за денес.

ЖМ: Дали мода и стил се нешто што ти е важно — и ако да, како ја „чувствувате“ облеката или боите?
-Важно ми е да се чувствувам удобно во облеката што ја носам, а боите визуелно немаат никакво значење за мене.
ЖМ: Имате ли омилен парфем, материјал или додаток што ве прави да се чувствувате убаво?
-Во однос на парфеми искрено сум комплицирана, многу брзо ми здосадуваат. Имам цел шкаф со парфеми и сите се некаде до пола потрошени. На модни додатоци не сум некој фан освен ако не е настан каде што мора да носам.
ЖМ: Како ја доживувате убавината — во луѓето, музиката, животот?
-Па, мислам дека убавината е чувство. Според мене визуелната убавина е краткотрајна. Може некој човек да изгледа најубаво ако од внатре излегува само лоша енергија не е убав. Убавината е во тоа да го живееш животот, да си опкружен со добри луѓе и да правиш работи што те прават среќен.

ЖМ: Дали имате некоја голема желба или цел што ја „сонувате“ да ја остварите?
-Имам, животна желба ми е да имам куче водич.
ЖМ: Што би им препорачале на нашите читатели?
-Би им порачала да бидат отворени, да прифаќаат и да учат од различностите.
Габриела Додевска Глигоровска