Жените во Македонија не успеваат, поради меѓусебниот натпревар и завист: Александра Божиновска од мрежа на претприемачки за улогата на мажите во семејството и женското единство
Во време кога сè повеќе жени во Македонија храбро зачекоруваат во светот на бизнисот, постои една жена која ги поврзува, охрабрува и инспирира да веруваат во своите идеи.
Александра Божиновска, коиницијаторка на мрежата на жени претприемачки на мали бизниси, е пример дека визијата и заедништвото можат да создадат моќна промена. Со својата искрена енергија и посветеност, таа ја гради заедницата на жени кои не се плашат да сонуваат големо, да се поддржуваат меѓусебно и да ја трансформираат економијата одвнатре – со креативност, емпатија и храброст.
Во разговор за „Женски магазин“, Александра зборува за развојот на женското претприемништво во Македонија, за силата на женската солидарност, за улогата на поддршката од семејството, но и за тоа зошто балансот меѓу бизнисот, семејството и личното време е најважниот предуслов за вистински успех.
Јас го гледам претприемачкиот дух кај жените како „тивка сила“ – постои, но сè уште чека да биде ослободена. Претприемничкиот дух кај жените во Македонија бележи значителен напредок во последните години, но овој развој сè уште не е доволно брз или масовен како што би сакале. Жените во Македонија имаат неверојатни идеи, креативност, способност да создадат нешто од ништо. Она што недостига не е потенцијал – туку поддршка и храброст. Најпотребно е да создадеме средина каде што жената ќе се чувствува дека ако падне, некој ќе ја фати. Многу од нас не тргнуваат затоа што се плашат да не изгледаат „неспремно“ или „недоволно добро“. Но претприемништвото не е награда за совршенство – тоа е пат за оние што се подготвени да учат, вели Божиновска.
Многу жени се наоѓаат пред дилемата дали е потребно да поставуваат високи цели и колку чекори треба да изодат во процесот на создавање бизнис кој ќе биде одржлив и профитабилен, со што сигурноста на жената, нејзината независност и можност за одлучување би се зголемила, Божиновска вели:
Голема идеја vs. мал проект. Изразот „голема идеја“ често носи непотребен притисок. Многу поважно е да се започне со нешто свое, па макар и мал проект што ќе расте органски, отколку да се чека моментот за голем пробив. Жените знаат да создадат вредност токму од малите, искрени, секојдневни инспирации ― кога не се плашат да згрешат и учат во чекор.
Божиновска сфатила дека една ластовичка најавува пролет, но не ја чини. Затоа вели потребно е заедница на жени претприемачки, мрежа за меѓусебна поддршка, зошто само обединети и солидарни жени можат да се изборат за подобро општество во кои самите ќе напредуваат, но и ќе градат кариери, растат деца и негуваат семејства.
Жените не бараат привилегии – бараат заедница. Кога жените се поврзуваат, не станува збор само за размена на контакти, туку за размена на верба во себе. Мрежата на жени претприемачки е непроценлива! Нема замена за чувство на поддршка и разбирање меѓу луѓе што споделуваат исти предизвици, дилеми, но и радости. Женската солидарност носи искрени совети, конкретна помош и најважно ― ја разубавува патеката што инаку би била осамена.
Жените според неа се подеднакво успешни во водење на бизнисите, но додека да стигнат на една позиција имаат многу поскусени можности. Тие природно се врзани повеќе со семејството, што временски го успорува нивниот професионален напредок.
Жените успеваат — не затоа што им е лесно, туку затоа што се упорни. Предизвици постојат: предрасуди, двојни стандарди, очекувањето дека жената е „главниот домаќин“ и „секогаш достапната мама“. Но исто така постои една огромна сила кај жената — способноста да гледа поширока слика, да гради бизнис со емпатија и социјален импакт. Жената не води бизнис само со ексел табели, туку и со срце. И токму тоа ја прави успешна, тврди Божиновска.
Сепак, мажите се клучната компонента на сојузот, што ја прави жената успешна. Ако досега важеше правилото дека зад секој успешен маж стои успешна жена, може да се каже и обратно дека зад секоја успешна жена стои нејзиниот маж.
Поддршката од мажите не е бонус – таа е клучна, вели таа и додава:
Мажот не треба да ја „пушти“ жената да гради бизнис. Треба да оди со неа. Да ги дели обврските, не да „помага“. Тоа прави огромна разлика. Кога има поддршка дома, жената може да лета. Кога нема – мора прво да гради писта. На моја многу голема среќа, можам слободно да кажам дека припаѓам во групата на жени каде што имам огромна поддршка од мојот партнер, тој е мојот столб – човекот кој верува во мене и тогаш кога јас се сомневам. Бизнисот бара храброст, а кога ја имаш вистинската поддршка покрај себе, храброста станува природна.
И во 21 век, балансот помеѓу работата и семејството останува предизвик за секоја жена.
Најголемиот предизвик ми е балансот помеѓу семејството и работата. Научив дека баланс не значи да правиш се совршено, туку да знаеш што е приоритет во тој момент. Кога сум со семејството, да сум целосно присутна. Кога работам, сум фокусирана. Поддршката од партнерот и добрата организација ми овозможуваат да бидам и успешна жена и присутна мајка.
Како мајка на две деца и како жена со свој бизнис вели дека има малку време за себе, но колку е толку е токму е. Сепак времето за себе е императив за градење на психички здрава единка, без разлика дали станува збор за маж или за жена.
Времето за себе не е себичност – тоа е енергија која ја внесуваме назад во семејството и бизнисот. Моето правило е просто:
„Кога сум со децата – сум тука. Кога работам – работам. Кога сум сама – се полнам.“
Научив дека границите не се цврсти линии — тоа се договори со себе. И секоја мајка треба да има храброст да каже: Сега ми треба време за мене.
Што вели за перцепцијата на „жена борец“ дали жената мора да може или сепак некои работи треба да ги остави да течат по природен тек:
Жената која верува во себе е најсилниот бренд. Не станува збор за „да изгледаме убаво“, туку за самопочит. Жената која инвестира во себе, во својот изглед, здравје, енергија и знаење — испраќа порака:
„Јас сум тука. Јас сум вредна. И моите соништа се важни.“
Да бидеме борци значи да не се откажеме од себе.
Фото извор: Приватна архива
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов