Македонка која предава на Сорбона: Тања Кармазова – Костиглиола, мајка, истражувачка и поетеса што го оствари невозможното

Добивај вести на Viber

Од париските архиви до универзитетските ходници на Сорбона, од мајчински обврски до поетски стихови – животот на Тања Кармазова – Костиглиола е вистински пример за жена која може да ја менува професијата, континентот и животниот ритам, но никогаш не ја губи себе.

 По 18 години во Франција, Тања зборува со јасна зрелост за интеграцијата, личниот идентитет и предизвиците на академскиот свет. Нејзината кариера, која започнала во аптека, денес ја води до истражување на историски периоди и создавање научни трудови што бараат огромна посветеност. 

Во ова интервју, таа ја отвора вратата кон еден редок свет – оној во кој науката, мајчинството и поезијата успеваат да коегзистираат.

ЖМ: Живеете во Париз повеќе од една деценија. Каков беше моментот кога почувствувавте дека Франција ви станала втор дом?

-Во Франција сум цели 18 години, точно толку колку што бев и во Македонија. Невозможно е да го одредам точниот миг на таа некоја припадност веројатно бидејќи не се работи за еден момент, туку за догорочен процес во којшто сраснуваме со просторот и стануваме дел еден од друг. 

Јавно свесна за тој мој измелезен идентитет, станав во низата кризи со коишто се соочуваше и се соочува всушност сè уште земјатаː повеќекратните атентати, природните катастрофи, економските потешкотии и секако екстремната политичка исполаризираност на јавниот дискурс. 

Да речеме дека додека беше само моја земја на дочек, нејзиниот систем ме штитеше. Колку повеќе се интегрирав, толку повеќе требаше да го вардам истиот тој систем секако заради себе, но и за другите. А тоа секако подразбира активно учествтво во сите алки од тој синџирː од плаќање даноци па до славење национални празници.  


ЖМ: Како изгледа едно ваше утро во градот на светлината – меѓу обврските како мајка, истражувачка и образовен менаџер?

-Утрото без кафе не е утро, па дури и кога доцнам (што не се случува често!). Утринските обврски околу семејството се главно на товар на мојот сопруг. Јас тие привилегии ги уживам повеќе на крајот на денот. Живеам на село, што е непроценлива шанса, ама истата си бара своја жртва. 

Веќе околу 7.30 наутро сум во воз и имам нешто помалку од еден час да читам, да слушам музика, да пишувам или да прошетам низ мрежите (пракса што значително ја намалив, без притоа да ја искоренам, барем засега...) Нешто пред 9:00 часот имаме некое колегиско кафе да речеме и потоа работните задачи си се нижат. 

Неделното утро ми е нешто поразлично веќе извесно време: тогаш знам да се завлечам од кревет на кауч или да се трудам да стокмам некој колач, знаејќи дека слаткарството е домен во којшто сум крајно неталентирана и несмасна.

ЖМ: Вашата професија – цивилизационистка и истражувачка за средна и источна Европа – звучи фасцинантно. Што точно подразбира вашата работа на Сорбона?

-Главно работно место ми е образовен менаџер на катедрата за славистика на Универзитетот Сорбона во Париз. Оваа професија за којашто не најдов соодветен термин кај нас се состои во тоа да се биде врската меѓу студентите и повисоките факултетски инстанци во случај на проблем, меѓу студентите и професорите ако има конфликт или недоразбирање и меѓу професорите и централната администрација на Сорбона кога се организираат на пример научни симпозиуми и конференции или кога се менуваат макетите на образовната програма. 

Еден мал дел од времето имам статус на асистент да речеме: тогаш држам предавања по методологија на историски есеј. Последниот дел од овој мој хибриден статус е оној на докторантка од областа на историјата и цивилизациите за средна и источна Европа. Без сомневање, тоа е тоа што најмногу ме исполнува оти тогаш буквално копам по архиви, интервјуирам учесници во историски настани врзани со моето истражување и на крај ги вкрстувам прибраните податоци со цел да ги втемелам во докторската дисертација. Тоа е очајно долг процес, многу самување со безобразно слаби професионални перспективи, ама затоа е интелектуално неверојатно благороден.

ЖМ: Од аптека во Париз до катедрата за славистика – тоа е голем пресврт. Како дојде до таа промена во кариерата и што ве мотивираше да ја направите?

-На аптеката ѝ посветив цела деценија, па и нешто повеќе имајќи го предвид времето кое е потребно да се добијат неопходните квалификации. Ми требаше време да прифатам и да не се срамам да кажам дека повеќе не се пронаоѓам во тој домен и дека пандемијата, меѓу другото, ме истроши. Започнав процедура на професионална реориентација во 2020 година и запишав прва година на катедра за славистика кадешто сакав да се посветам на книжевноста. 

Ама нели животот не е некоја мирна река туку неверојатно динамичен поток, па завршив како магистер од областа на цивилизациите. Магистерскиот труд што го предадов беше едно исцрпно истражување околу сликата на Југословенската народна армија (ЈНА) кај интелектуалците од Македонија и Србија во ужасот на југословенските војни од деведесетите години. Ако продлабочам троа, веројатно тоа што повторно се барав себеси од професионален аспект ме има турнато во таа малку чудолика страст на откопување на архивската граѓа, еден вид на отелотворување на интроспекцијата.

 Впрочем, имав еден фантастичен водич низ сето ова патување, мојот ментор, што неуморно ме охрабруваше да продолжам, притоа предупредувајќи ме дека делумно се осудувам на еден вид монашки живот: ваквите истражувања налагаат многу тишина и бројни самувања.  


ЖМ: Во вашата биографија се спојуваат науката и поезијата. Колку тие две страсти си влијаат меѓусебно – дали пишувате кога сте уморни од фактите, или токму науката ви ги буди стиховите?

-Многу ја запоставив поезијата, веројатно ми ја убија фактите. Немам обичај да форсирам, па го оставам нагонот за стихување сам да ми се врати. И се враќа, кога реалноста ќе го протресе. Главно сум посветена последниве години на анализи и есеистика во склоп на моите универзитетски активности. 

Сепак, на почетокот на годината патував во Белград (град што не го знаев и во којшто се вљубив во рок од неколку минути) за да истражам дел од архивската граѓа: таму успеав да пишувам во момент кога ниту очекував, ниту сакав. Како географска средина, селото е мој непоколеблив избор. 

Ама изгледа дека градот е тој што знае како да ги размрда мислите и да им даде една многу поорфичка димензија, особено ако ги носи лузните од војната. Се чини дека токму тука се спојуваат тие два света, иако ретко, како што најверојатно е и помудро да биде.

ЖМ: Мајка сте на тинејџер и на мало дете – две различни енергии под ист покрив. Како успевате да ги усогласите сите обврски и да останете смирени и присутни за нив?

-Па не успевам да ги усогласам, да не се лажеме. Имам неверојтна среќа енергијата на син ми, таква тинејџерска, да биде сосем компатибилна со таа на ќерка ми, којашто сака апсолутно сè да знае, да допре, да види, да направи. Една фасцинантна топка од живци што не можете да стасате ни да ја искарате, оти додека невино ви се смешка - веќе ја смислила следната палавштина.

Последниов период сум отсутна, повеќе од она што ми е и мене и ним прифатливо. Прилично сум смирена и постојано работам на оргнизацијата на времето за да ослободам неколку минути. Овој ритам дефинитивно не смее да биде долгорочен, ама засега не може да биде поинаков без да наложи жртва којашто не сум подготвена да ја дадам.

ЖМ: Париз е град на уметност, љубов и инспирација – но и на брзина и стрес. Како изгледа вашето „време за себе“ таму?

-Не знам, истото се прашувам со месеци (се смее). Во распоред со вообичаена структура, времето што го барам за себе и што си го давам би зависело од моменталното расположение (и од куќата во којашто се наоѓа Марс, хехе). Сакам концерти, иако рок свирки како што милувам има ретко. Сакам да шетам низ музеи или просто да безделничам низ градовите, особено низ квартови што не ги знам. 

Ги откривам надвор од сите туристички маршути, сигурно не по препорачаниот редослед ама токму така како што ми наложила интуицијата. Немам никаков проблем да се влечкарам сама, иако кога тоа е изводливо - преферирам семејни прошетки, дотолку повеќе што син ми и сопругот имаат некоја силна доза на саркастично соучешништво што освежува, да не речам и буди. 

И секако, обожавам велосипед како начин на превоз кога се може или како физичка активност низ шума кога врмето не е премногу каприциозно.  


ЖМ: Која навика, мирис или гест од Македонија најмногу ви недостига и како ја чувате врската со татковината?

-Ми недостигаат културните манифестации, едно дваесетина мои убави луѓе и мирисот на пуканки и печен сончоглед долж струмичкото корзо... И мавтање раце по штрковите на пролет и во лето, тука не доаѓаат. Со родниот крај имаме некоја нестабилна врска, налик двојка тинејџери што со иста страст се расправа, се сака, се воодушевува и разочарува. Не знам дали некогаш ќе созрееме во тој однос со постојани пресврти, ама знам дека истиот е неприкоснован тригер за чести социолошки анализи што засега претпочитам да ги чувам во фиока. 

Пишувањето поезија во голема мера на македонски јазик е доказ дека сепак главно дишам на македонски, дотолку повеќе што ретко кога успевам да направам задоволителен препев. Тоа е веројатно најапсолутниот доказ дека се храниме взаемно иако со одредена доза на воздржаност, без ширико распространети траги од таа тивка симбиоза.

Љубов во неважечки географски карти

Земјите што денес постојат

исклучиво во музеите

живеат во ритамот на одот

на ретките посетители.

Тие се заробеници

на сопствените војни.

Нивните менливи граници

ги следат движењата на раката

на несудениот љубовник

по кого се копнее

како по храна

среде ембарго.

Во државите што мудро го чекаат

сопствениот заборав

фиктивно се отелотворуваат

страстите на нелогични двојки

како да се низа бројки

во алгоритам -

- измислен за да ги брише

колективните мемории.

Таму може да се љуби она што е забрането,

оти сведоштвата испаруваат

како компромитирачки документи

од државни архиви.

ЖМ: Какви вредности сакате да им пренесете на вашите деца кои растат во мешан културен контекст – меѓу Франција и Македонија?

-Огромен предизвик е да се цели кон врамнотеженост на две толку различни социо-културолошки земји како што се Франција и Македонија. Јас се борам и себеси да се сочувам од целосна претопеност, а она што дефинитивно ја кочи истата е јазикот. Затоа сакам децата да имаат барем основни познавања, иако зборуваат на дијалект. 

Другите насоки на градење вака комплексен идентитет се познавањето на историјата на нашите простори. Никако не напрегам еден за сметка на друг контекст, просто оставам моментот да биде оној што ќе наложи на која нишка ДНК ќе се даде предност оти сметам дека тоа ги ограничува ризиците за идентитетска збунетост. Овие деца имаат впрочем корени од три држави - татко им е половина Италијанец. 

Затоа можеби некогаш ќе го слушнете син ми како жестоко се расправа со некој што става ананас на пица или ќерка ми како ја нарекува баба си ˶белаџика˝ оти го превртела филџанот кафе. Ако веќе зборуваме за морални вредност, сакам да бидат луѓе, тоа е сосема доволно: емпатични, трудољубиви, љубопитни и алергични на неправди. 

ЖМ: Што следно подготвувате – нова збирка поезија, научен труд или нешто што ќе ги изненади и двете страни на вашата личност?

-Имам неколку научни артикли во подготовка од областа на воената историја во централна и источна Европа, како и од доменот на историјата на меѓународните односи во екот на југословенската криза. Не знам дали барем нив ќе се дрзнам да ги извадам од фиока, ама она што не ми бега е докторската дисертација за некои три до четири години.

 Не сум против нова збирка поезија, но тоа би подразбирало да располагам со доволно време за да го средам веќе напишаниот материјал и да се потрудам да најдам издавачка куќа со којашто би можела да работам од оваа просторна дистанца. 

Секако не оставам место да ми биде досадно и сите опции се во игра, без притоа да ми станат дополнителен товар.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов 

Фото: Приватна архива