„Аида не е само лик во некое сценарио, таа е симбол на многу жени, кои никој не ги слуша, дури и кога викаат“: Ирена Илиевска за улогата во „Утре наутро“
Македонската актерка Ирена Илиевска блеска во центарот на новото филмско остварување „Утро наутро“ на режисерот Јани Бојаџи, чиишто премиерни проекции ќе ја запознаат домашната публика со нејзината најнова, досега најсложена улога. На 19 ноември во „Синеплекс“, гледачите ќе ја видат Ирена во ликот на Аида – Ромка, докторка и жена која секојдневно го предизвикува целиот систем кој ѝ стои на патот. Улога исполнета со тежина, со тишини и со неевидентни, но моќни отпори; улога каква што бара и храброст и длабока емпатија.
Подготовката за Аида ѝ донела бројни предизвици, меѓу кои и совладувањето на ромскиот јазик – чекор што Ирена го направила со посветеност, за да го прикаже ликот со целосна автентичност. Иако Аида е спротивна од она што Ирена е по природа, актерката открива дека токму во тој контраст ја нашла најголемата лекција: дека тишината може да биде најсилниот облик на отпор. Не мора секогаш да викнеш за да бидеш слушнат – понекогаш најмоќно зборуваат оние моменти кога одлучуваш да молчиш, но стоиш цврсто.

Во пресрет на премиерата на „Утре наутро“, филм кој веќе буди голем интерес кај публиката, Ирена Илиевска споделува дека силно ја чувствува тежината и значењето на ова остварување. Говорејќи за своите очекувања пред првото прикажување, таа вели:
„Морам да признаам дека со нетрпение ја очекувам премиерата на 19-ти Ноември во Cineplexx. Ова е филм кој со сигурност можам да кажам дека нема да остави никого рамнодушен, затоа што, меѓу другото, зборува за неправда, борба за достоинство, борба за идентитет, борба против дискриминација итн итн, а сето ова се теми кои публиката не само што ќе ги види во филмот, туку и длабоко ќе ги почувствува.“
Кога зборува за тоа како започнала нејзината патека кон улогата на Аида, Илиевска открива дека зад овој ангажман стојат труд, посветеност и длабока емотивна поврзаност со ликот.
„Се пријавив на аудиција, спремив материјал потребен за аудицијата, ги поминав првиот и вториот круг и така ја добив улогата. Сигурна сум дека ниту една актерка не би останала рамнодушна на ликот на Аида по читање на сценариото. Аида не е само лик во некое сценарио, Аида е симбол на многу жени, кои никој не ги слуша, дури и кога викаат, жени кои се исправаат на нозе, дури и тогаш кога биле срамнети со земја. Ме привлече нејзината тивка сила, нејзината тивка борба и фактот дека мора да биде храбра, дури и тогаш кога светот ја убедува дека нема право на тоа!“

При првото запознавање со сценариото, длабоко ја почувствувала тежината на приказната, но и силата што ја носи ликот на Аида.
„Најмногу ме погоди неправдата што оваа жена ја преживува. Оној момент кога системот кој треба да ја заштити, всушност ја обвинува. Ме погоди, за жал, вистината за општеството во кое живееме, фактот дека многу луѓе ја делат судбината на Аида, дури и денес во 21 -от век. Тоа беше најголемата „јадица“ во сценариото за која се фатив како актерка. Но, исто така читајќи го сценариото и работејќи на ликот, сфатив дека Аида не е само жртва на системот, туку истовремено е и борец, кој мора да најде сила во себе и да се издигне од пепелта, како феникс, што беше дополнително поголем мотив и желба за мене да ја оживеам таа жена во себе и да ја пренесам нејзината приказна на платно“.

Говорејќи за комплексноста на Аида и нејзината позиција во приказната, Илиевска со голема емпатија ја опишува борбата што ја носи овој лик — борба што оди многу подлабоко од личното.
„Борбата на Аида е пред сè човечка. Аида е образована жена, докторка, таа се трудела, учела и верувала во правда, за на крајот системот кој треба да ја заштити, да ја предаде. Во нејзиниот лик ќе се пронајдат многу обезправени, многу разочарани, предадени, дискриминирани и понижени. Аида се бори за достоинство, без патетика, и токму тоа ја прави голема, поголема дури и од цел еден систем!“
Во процесот на градењето на ликот, Илиевска отворено признава дека првичниот контакт со Аида не бил лесен, ниту непосредно близок. Токму спротивностите меѓу нив двете ја натерале длабоко да нурне во психолошките слоеви на ликот.
„Морам да признаам дека на почетокот ми беше дури и премногу далечна, туѓа. Таа нејзина тишина тогаш кога најмногу и се вика, тој нејзин начин на кој ги потиснува емоциите, тоа нејзино „бегство“ од ситуациите... се ми беше премногу различно и далечно од мене. Јас по природа сум поекспресивна, гласно се борам против неправдите во животот и не ги потиснувам емоциите. Морав да правам длабоки анализи за да влезам во нејзиниот свет и да разберам зошто молчи кога и се плаче и зошто не се брани кога е повредена. По кратко време ја засакав токму поради таа нејзина тишина и ми стана огромен предизвик да ја одиграм.“

Размислувајќи за патувањето низ кое поминала создавајќи го ликот, Ирена открива дека улогата не ѝ донела само актерски предизвик, туку и важни лични спознанија.
„Научив дека дури и тишината може да биде силна форма на отпор! Дека не мора секогаш да викаш гласно, за да те слушнат. Како и тоа дека достоинството на еден човек понекогаш тежи повеќе дури и од самата победа!“
Говорејќи за најпредизвикувачките моменти на снимањето, открива дека улогата на Аида барала и техничка подготвеност и длабока емоционална изложеност.
„Технички, не беше лесно да се совлада, за мене, сосема непознат јазик. Како емотивно најтешки, ќе ги одвојам сцената во судот и сцената на граница. Во првата, мораш да го почувствуваш моментот во кој никој не ти верува, а згора на тоа и целата вина паѓа на твои плеќи, мораш на своја кожа да ја почувствуваш неправдата која е поголема дури и од планина. А во втората сцена, кога од граница ги враќаат назад само ромите, мораш само со еден поглед да ја пренесеш вековната болка и судбина на цел еден народ! Тоа беше огромен актерски предизвик.“

Подготовката за ликот на Аида не подразбирала само емоционално влегување во нејзиниот свет, туку и совладување на цел еден нов јазик — процес кој, како што открива Илиевска, барал огромна дисциплина и посветеност.
„Токму така, голем дел од дијалозите во сценариото се на ромски јазик. Два месеци учев ромски. Сите актери кои игравме роми, имавме приватни часови, со цел да го совладаме јазикот и да бидеме поуверливи во толкување на ликовите. Не беше воопшто лесно, немав никакво познавање од јазикот. На еден час по ромски, го замолив Цирко, со кого учевме, да ми ги прочита сите сцени на Аида на ромски, а јас да го снимам. Потоа го слушав со денови на слушалки, за да ми влезе во глава јазикот, по интонација. Процесот беше тежок, но многу убав, искуството беше единствено и уникатно. Чувствував голема одговорност поради почитта кон јазикот, сакав секој збор да звучи автентично и се надевам дека успеав во тоа.“

Во процесот на учење ромскиот јазик, признава дека се соочила со природен страв, но дека успеала да го трансформира во мотивација за подобро разбирање на ликот.
„Секако дека имав страв. Дури и на почетокот само таа „пречка“ ја гледав пред себе, па дури откако ја совладав почнав да размислувам на ликот. Но, умешно успеав да го претворам стравот во нешто добро и да го гледам како предизвик. Тој ме натера да слушам повеќе говор на ромски, да слушам музика на ромски, да го пронајдам и научам ритамот на јазикот. Токму тој процес беше првото нешто што ме направи поблиска до Аида.“

Во филмот „Утре наутро“, Ирена Илиевска ја опишува улогата на Аида како судир со невидлив, но моќен антагонист — системот.
„Системот е најстрашниот антагонист, тој нема лице. Тој е толку голем како огромна планина исправена пред една жена по име Аида. Тој толку голем и моќен, а таа само една жена. Тој е корумпираниот судија во судница, тој е полицаецот кој не слушнал, не видел и не направил ништо, тој е новинарот кој молчел, тој е наставникот кој не учел, тој е докторот кој не лечел без поткуп, тој е бирократот итн итн... Тој, системот, е сите оние кои правно формално не прават ништо, а цело време дозволуваат и на тој начин прават неправди! Тој е огромен невидлив ѕид и најсилниот антагонист против кого сум се борела досега!“

Гледајќи ја суштината на филмот „Утре наутро“,ја истакнува комплексноста на неговите пораки и нивната важност за современото општество.
„Во добра книга, добра приказна, добро сценарио, добар филм... пораката никогаш не е само една, секогаш се неколку важни и силни пораки. Филмот повикува да ги отвориме очите, да прогледаме. Кога едно општество ќе замолчи пред неправдата на едни, утре истата неправда ќе им се врати како бумеранг и ќе им се случи на сите. Неправдата е една, нема „наша“ и „нивна“ неправда. Затоа треба да се бориме сите едни за други, без никакви разлики. Сите заедно против неправдите и злото, кое има исто лице за сите.“
Размислувајќи за тоа какво искуство сака да остави филмот кај публиката, Илиевска нагласува емоционалната димензија на „Утре наутро“ и важноста на чувството што го носиме со себе по завршувањето на приказната.
„Сакам да замине со чувство, да понесе со себе чувство. Повеќе отколку да си замине со мисла или прашање. Сакам да почувствуваат. Така ќе знам дека сме допреле до нив, дека сме сеуште живи и дека сеуште има нешто човечко во секого од нас.“

Размислувајќи за состојбата на актерството во Македонија, Ирена Илиевска ја истакнува и сложеноста на професијата, но и талентот и страста што ја носат новите генерации.
„Оваа професија е голем предизвик уште одкако се запишуваш на академија и никогаш не престанува тоа. Многу ме радува што на едно толку мало парче земја има толку многу талент, страст кон оваа професија и уметници кои сакаат да зборуваат искрено и гласно. Искрено верувам дека сме на одличен пат, кој веќе носи нов бран во Македонскиот филм.“

Погледот кон иднината на Ирена Илиевска носи внимателен пристап кон новите проекти, со желба за продолжување на личното и актерското надоградување.
„Аида бараше многу голема емотивна зрелост. Се што следува, си посакувам да ми биде само надоградување на тоа, и актерско надоградување и човечко. Има некои нови проекти на повидок, но да им дадеме време да созреат, па ќе ги дискутираме подетално во некое наредно интервју.“
Габриела Додевска Глигоровска