Бранкица од Пробиштип прави торти за децата од социјален ризик - „Секое дете заслужува торта, свеќички и насмевка“
Во време кога човечноста сè почесто се заборава, постојат луѓе кои со своите мали, но искрени гестови го враќаат верувањето во добрината. Една од нив е Бранкица Миновска од Пробиштип, мајка на две дечиња – Гораст и Дина, која и покрај тоа што боледува од мултиплекс склероза, ја користи својата сила и талент за да им подари среќа на децата од социјален ризик.

Бранкица со своите вредни и вешти раце подготвува роденденски торти за дечиња кои не можат да си го дозволат тоа, а нејзината мисија е едноставна – ни едно дете да не остане без насмевка на својот роденден.
„Идејата не дојде од денес за утре, туку од секогаш помагам кога сум во можност – и среќна сум поради тоа!“ – раскажува Бранкица со насмевка.

Нејзината хумана акција започнала неодамна, но веднаш допрела до срцата на многумина.
„Акцијата ја започнав многу скоро, бидејќи луѓето се доста срамежливи и ретко се наоѓаат да ми пишат да помогнам таму каде што најмногу треба.“
Таа ги наоѓа дечињата преку објави на социјалните мрежи, или преку родители кои веќе знаат за некое дете на кое му е потребна радост.
„Изработувам торти домашни и по договор со децата, бидејќи тие се толку скромни што не можеш, а да не заплачеш.“

Од овој месец, Бранкица има нова идеја – покрај тортите, секое дете да добие и малечко пакетче со слатки и изненадувања.
„Од овој месец имам замисла да помогнам со тоа што секое едно дете да добие пакетче.“
Иако секојдневно се соочува со здравствени предизвици, таа не дозволува болеста да ја спречи во нејзината мисија.
„Јас сум сопруга и мајка на две преубави деца, и боледувам од МС од 2014 година. Времето поминато по болничките ходници ми го крши срцето, и вака успевам да си ја нахранам душата со добрина. Секогаш имам една цел – секое дете треба да се смее, да се радува, секое дете заслужува торта, свеќички и насмевка на лицето.“
Таа додава: „Болеста ја имам јас, но болеста не ме има мене. Има денови кога не бива, ама секогаш морам да бидам позитивна за моите деца – тие навистина се мојата сила за живот. Со тоа што на некое дете ќе дадам малку насмевка на лицето, мене душата ми е полна со среќа, а очите со солзи, бидејќи има деца кои никогаш не славеле роденден – и тоа боли.“
На својот инстаграм-профил „Cake and Pleasure“, Бранкица ја споделува својата хумана мисија и преку него прима пораки од сите оние кои познаваат дете од социјален ризик.
Иницијативата на Бранкица да подари насмевка преку торта, токму на денот на роденденот на децата од социјален ризик, совршено се вклопува во пораката што ја носи денешниот ден – 13 ноември, Светскиот ден на љубезноста.
Овој ден нè потсетува дека љубезноста не мора да биде големо дело за да има големо значење. Таа може да биде една искрена насмевка, помош на некој што се бори или едноставно гест кој ќе стопли нечие срце.
Целта на Светскиот ден на љубезноста е да се поттикнат луѓето да покажуваат сочувство, да создаваат позитивни промени и да ги негуваат меѓучовечките односи без разлика на култура, вера или потекло.
А токму тоа го прави Бранкица секој ден – ја претвора љубезноста во дело.
Нејзината борба со болеста е лична, но нејзината мисија е колективна: да потсети дека секоја торта може да биде симбол на љубов, секоја свеќичка симбол на надеж, а секоја насмевка – победа на добрината.
Затоа, целта на Светскиот ден на љубезноста е да се промовира љубезноста, сочувството и позитивните промени во општеството и да се потсетат луѓето за важноста на малите, секојдневни акти на љубезност кои можат да имаат големо влијание врз животите на другите. Љубезноста може да биде моќна алатка за создавање позитивни промени во светот, без разлика дали станува збор за насмевка, помагање на оние на кои им е потребна помош или едноставно здраво.
Исто така, целта е да се охрабрат општествата да ја намалат негативноста и да ја подигнат свеста за важноста на меѓучовечките односи, без оглед на културните, етничките или религиозните разлики. Љубезноста не е само прашање на лични гестови, туку и на колективни напори за градење заедници кои поттикнуваат сочувство и меѓусебно почитување.
Зошто е важно да се биде љубезен?
Интересно е што љубезноста не е корисна само за примателот. Иако вашиот гест може да го разубави денот на некого, научните истражувања покажуваат дека љубезноста ви користи и вам. Имено, актите на љубезност можат да го зајакнат вашиот имунолошки систем, да го намалат стресот, да ви дадат повеќе енергија, па дури и се добри за здравјето на срцето.
РЖМ - Г.Д.Г