Скопје низ времето – како што го виде и раскажа Данило Коцевски

Добивај вести на Viber

Денес главниот град на Македонија, Скопје, гордо го слави 13 ноември – денот кога во 1944 година бил ослободен од фашистичката окупација. Овој ден не е само потсетник на историската победа, туку и симбол на храброста, истрајноста и љубовта кон татковината на скопјани и на сите македонски борци кои ја впишаа својата храброст во најславните страници од македонската историја.

Битката за ослободување на Скопје претставувала сложена и внимателно координирана воена операција. За успехот на акцијата било клучно поврзувањето на 50-та дивизија, која дејствувала во реонот на Штип, со 42-та дивизија распоредена на Сува Гора. Целта била нивно спојување во реонот на Велес, за да продолжат кон конечниот удар врз Скопје.

Иако 50-та дивизија задоцнила еден ден поради жестокиот отпор на германските сили кај Штип – каде што, спротивно на договорите, 5-та бугарска дивизија не учествувала во борбите – македонските единици со непоколеблива решителност го извршиле нападот врз Скопје. Без поддршка на артилерија, со пешадиски борби по улиците и домовите, тие ја донеле слободата.

Во борбите за Скопје животите ги загубиле 426 борци, меѓу кои 8 жени и 418 мажи. Бројот на цивилните жртви останал непознат, но се знае дека последните стрелани скопјани биле деветмина граѓани, стрелани од германските окупатори во близина на Камениот мост – вечен симбол на градот.

Со ослободувањето на Скопје започнало ново поглавје во неговата историја. Градот низ децениите поминал низ бројни искушенија – поплавата од 1962 година и катастрофалниот земјотрес во 1963 година – но секогаш повторно се издигал, посилен и поубав. Денес, Скопје е модерен, космополитски град, но со душа која сè уште го чува сјајот на минатото.

Секоја улица, секој камен и секое дрво во Скопје носат своја приказна. Тие приказни, низ годините, со љубов и носталгија ги раскажуваше Данило Коцевски – книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург и поет, кој остана запаметен како „хроничарот на Скопје“. Во неговите раскази оживуваат Пајко маало, липите на кејот, боемите на Скопје и сеќавањето на еден град што живеел со срце и со дух.

Неговите мемоари за Скопје никогаш не стареат – тие се потсетник на времето кога градот дишел поинаку, со топлина и човечност, но и инспирација за новите генерации да го сакаат и градат своето Скопје со истата љубов.

Во чест на роденденот на градот и во сеќавање на Данило Коцевски, денес Скопје повторно ја слави својата историја, својата борба и својата иднина.






РЖМ -Г.Д.Г