Старите фотографии не се само спомени - тие се огледала

Добивај вести на Viber

Понекогаш кога ќе ми здосади од сѐ - од обрски, од брзање, од вести, од тоа мораш да си во тек, мораш ова, мораш она…, - седнувам и отвоам стари албуми.

Да, да стари албуми. Не овие дигиталниве, овие од телефониве, кои се патем 14.597 фотографии на броји на кои не знам што да им правам и како да ги избришам дупликатите и сите оние „скрин шотови“ и сите оние сликани и кај што треба и кај што не треба, ама тоа е друга тема и друг пат ќе пишувам за тоа.

Сега пишувам за старите добри албуми. Оние кои имаат сјајни-целофански страници и кои имаат фотографии кои мирисаат на времето. Ете за тие албуми пишувам овој пат.

Не баш често, одвреме-навреме, можеби еднаш на 4-5 години, ама секогаш кога ќе го направам ова ме пречекува едно чувство помеѓу топлина и тага. Како да гледам во некој дел од себе, што одамна сум го оставила.

На тие фотографии гледам лице со поинаков сјај. Млада јас, со коса расфрлана по раменици и со насмевка што не се мести и што не размислува како изгледа. Нема филтри, нема местења, нема пози.

Има само чиста природна радост. Радост која не се срами да се покаже. И си велам: „Па убава бев бе!“

Зошто тогаш тоа не го гледав!?

Колку пати си се погледнала на некоја стара фотографија и си помислила: „Како тогаш не сум знаела дека сум убава, дека сум млада, дека сум светела?“

А тогаш кога сум се сликала, веројатно сум мислела дека не изгледам доволно добро, дека не сум се наместила убаво, дека треба да ослабнам, дека треба да сменам фризура, дека, ова, дека она…

Сите ние во некое време од животот сме биле убави, а не сме знаеле. И не само убави. Сме биле живи, сме биле вистински, сме биле непресметани.

Старите фотоградфии се како огледала, кои не лажат.

Тие не ни ја покажуваат само младоста, туку ни го покажуваат и она што сме го носеле внетре тогаш.

Се гледа храброста, се гледа наивноста, се гледа сјајот во очите… Оној сјај кој што денес ретко се појавува, бидејки животот некако како да ни ги исполирал погледите и насмевките.

Но сепак, кога ги гледам тие слики, не ме фаќа жал за годините што поминале. Не! Имам некое чувство за благодарност.

Благодарност што сум имала моменти кога сум се смеела, искрено сум се смеела, благодарност што сум имала луѓе покрај себе кои ме сакале токму во таа моја верзија.

Секоја фотографија има приказна, која што не можеш да ја видиш на прв поглед. Зад едно намсеано лице, сепак стои некоја грижа, за која што тогаш си мислел дека е крај на светот, а денес веќе не се ни сеќаваш што било тоа….

Зад некоја насмевка стои некој што тогаш те фотографирал со многу љубов. А што можеби веќе, не се ни сеќаваш кој бил тој.

Зад секое клик, стои миг од животот кој веќе не се повторува.

И можеби затоа старите фотографии умеат да болат - не затоа што си била поинаква, туку затоа што потсетуваат дека си живеела со полни гради, а можеби не си ни била свесна за тоа.

Потсетуваат дека си имала време за кафе, без телефон, за прегратка без причина, за намсевка без план. И потсетуваат дека не си изгубена, туку само си пораснала.

Понекогаша ете така, кога го гледам тие стари фотографии, се обидувам да ја замислам младата јас, гледана од оваа денешнава јас.

Што би си рекла!?

Можеби: „Што ти се случи, зошто се брзаш толку, или зошто се грижиш што мислат другите?“

А можеби би се насмеала онака искрено , па би си рекла: „Еј, па и не си толку различна. Сеуште си ти, само со многу повеќе приказни на лицето“.

И навистина кога ќе размислам, годините не не менуваат толку многу, колку што мислиме.

Тие само додаваат слоеви на мудрост, на тага, на љубов…

И затоа кога ќе ги погледнеме старите фотографии, не треба да гледаме со жалба, туку со нежност.

Затоа што, тие не се само потсетник на тоа што го нема, туку доказ на тоа тоа што било - што сеуште живее во нас.

Следнит пат кога ќе најдете некоја стара фотографија во фиока, не ја враќајте веднаш назад. Погледнете ја подобро. Потсетете се какви сте биле и што сте чувствувале. Потсетете се што сте сакале тогаш. Можеби токму таа стара верзија од вас, ќе ви каже нешто што одамна  треба да го чуете.

На пример: дека си доволна, дека си сеуште убава и дека животот никогаш не престанал да биде твој и да те сака.

Затоа што старите фотографии не се само спомени. Тие се огледала и во нив не ја гледаме само младоста што поминала. Во нив ја гледаме убавината која што сеуште постои. Себе си! И животот!

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: