Некои вистини печат, затоа што лекуваат

Добивај вести на Viber

Некогаш многу одамна…..

Да, да, некогаш многу одамна луѓето знаеја да си бидат многу блиски.

Да ти тропнат на врата без најава- комшиски да си земат две јајца, или прашак за пециво од фиоката, за колачите што потоа се разнесуваа на по две три куќи лево и десно.

Да ти тропнат на врата за да ти се пожалат, или да те прашаат дали си добро, да ти кажат “нешто не ми се допаѓа твојата боја на лицето, оди до лекар-прегледај се“.

Не од злоба, не од љубопитност… Од грижа. Од грижа едни за други. Од таа едноставна човечка топлина, што не држи во живот, дури и кога животот малку не зеза и не врти во лавиринти.

Денес тоа чувство речиси исчезна. Исчезна како никогаш да не постоело.

Секој си гледа своја работа, како да сме сите затворени во стаклени ѕвона. Страв ни е да кажеме нешто искрено-да не не сфатат погрешно, да не се навреди некој, да не испранеме “ти ќе ни кажеш, ај глеј си ти своја работа“.

А всушност, токму тогаш кога молчиме, најмногу се одалечуваме.

Пред само 10-тина-15 години на еден колега на работа, монтажер во Телма, му го кажав токму тоа.

“Перо, не ми се допаѓа твојата боја на лицето во последно време. Ај најди време и тркни до лекар“.

Не е битно што му рекоа и каква болест му најдоа. Човекот се излечи. Ме гушкаше до небо. Фала, ти фала ти…, да не беше ти, кој знае до кај ќе заглибев.

Некни исто, сретнав една стара пријателка. Не сум ја видела “100 години“. Таман да зинам да и кажам дека ми изгледа уморно и истоштено, се пишманив.

Ако и кажам, може ќе се навреди. Кај не сум ја видела еден век, кај таа ме испофали “репортажи, колумни, цвеќара,-ова-она“, уште сега јас да ѝ речам “А ти!?, што ти се случува, зошто изгледаш вака изморено“?

Си го вратив зборот и наместо тоа и реков “фала, ти фала ти и ти изгледаш супер.

Лажге една, како не ти е срам си реков откако се разделивме, сопнувајки се на едно улично прагче, кое не го видов. За млаце ќе паднев. “Ако ти е“- си реков, така ти треба кога лажеш.

Неколку недели подоцна случајно разбрав дека пријателката завршила во болница. Болест што одамна ја носела, а никој не ѝ рекол дека и се гледа на лицето. Никој не ја поттикнал да се провери. Сите сме ја “поштедиле“ од вистината. Ме удри таква една животна шлаканица, ми се идеше да врискам.

Ние денес толку сме оттуѓени и самобендисани и отсутни и себични и умислени, дека ако некому му кажеме нешто, дека ќе го повредиме, дека тој ќе не повреди нас, дека вака, дека така…

А уште толку се повредуваме со тишината. И себе си и другите.

Порано не беше така.

Мајките во маало си кажуваа се- кој има температура, кој е тажен, кој тргнал по лош пат. Звучи како “стринкино, или теткино ѕиркање“, ама не е така. Зад тоа ѕиркање имаше љубов. Вистинска љубов. Се чувавме едни со други. Ако некој го видеше синот на комшиката во лошо друштво, веднаш ќе и се кажеше на мајката. Не за да ја посрами пред сите, туку за да му се помогне на детето.

Денес ако видиме такво нешто, си велиме, “не е моја работа“.

И така полека ја губиме нишката што не држи човечни.

Ме боли, многу ме боли тоа што искреноста стана непожелна.

Ако и кажеш на некоја пријателка дека новата фризура не ѝ стои баш најдобро, ќе се “умуси“.

Ако му кажеш на блискиот дека изгледа уморно, ќе ти врати со “ај глеј си ти твоја работа“. Ужас!!!

И затоа, за да ги избегнеме овие непријатности, станавме глуво-неми. Нит гледаме, нит слушаме.

Некако, ко ѓомити, станавме “удобни“ во својата тишина.

А вистинската блискост не е удобност. Ни најмалку.

Вистинската блискост е способност да кажеш нешто тешко, но со љубов. Да го ставиш срцето пред егото.

Вистински пријател не е оној што ти кажува дека сѐ е во ред, туку оној што ќе седне со тебе и ќе ти рече:

“Не изгледаш добро, што ти се случува!?“

Таквите зборови не се навреда, таквите зборови се зборови што помагаат и лечат.

И тоа така треба да биде. Бидејки можеби живееме во време на фино спакувани зборови, на филтрирани фотографии и на дигитални насмевки, но зад сите тие филтри стои еден голем страв - стравот од искреност.

Да не нѐ осудат, да не нѐ сфатат погрешно, да не изгубиме некого.

А всушност баш со тоа се губиме едни со други. И со себе си најмногу.

Понекогаш си мислам дека ако се вратиме на она старото “за арно и од арно ти кажувам“, дека ќе ја вратиме човечноста.

Да не го сфаќаме тоа како критика, туку како грижа за другиот.

Сакам да бидеме повторно блиски, човечки блиски, со сите несовршености и со сите незгодни разговори.

Не е секој збор што боли лош. Некои вистии печат, затоа што лекуваат. И ако некој ти каже нешто што не сакаш да чуеш, не значи дека те напаѓа. Можеби те сака.

Зашто понекогаш, најубавиот подорак што можеш да му го дадеш некому е вистината - кажана од срце. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: