Не е од Харвард, од Охрид е: Светски портали пишуваат за охриѓанецот кој создава роботи и ја дефинира иднината на светот

Добивај вести на Viber

Дека Македонија е расадник на таленти, докажува скоро секојдневниот успех во светски рамки на наши млади луѓе. 

Анис Сефиданис е професор на Универзитетот св. Апостол Павле во Охрид, за него соработниците велат дека е генијален ум кој живее во иднина, која другите допрва ќе ја искусат. 

Покрај тоа што е ценет помеѓу своите соработници и во научниот свет во Македонија, интерес за неговото дело покажуваат и светски научници. На неколку наслови од регионални медиуми стои дека Сефиданис во Охрид го прави она што не стигнува да го направи ниту цел тим на научници во Харвард. 

Создава роботи кои имаат неколку професии и функции, но и користи вештачки модели на комјутерска интелигенција во комуникациски цели. Со тоа ја доближува ВИ и роботиката до луѓето. Тој е доказ дека кога човек е генијален, средината не му е препрека да успее. 

Колку денес ВИ реално е навлезена во нашите животи? Дали сметаш дека обичните корисници ја користат правилно и свесно, и дали постои опасност злоупотребите да го забават развојот на технологијата?

-Вештачката интелигенција веќе е масовно користена технологија. Од пребарување и пишување на содржини, до автоматизација на процеси во логистиката и медицината. Само ChatGPT, според најновото истражување на OpenAI, во јули оваа година имал околу 700 милиони активни корисници неделно и близу 18 милијарди пораки неделно, што претставува невидена експоненцијална брзина на дифузија на нова технологија.

 Истовремено, реалната работна употреба сè уште расте постепено: анкети покажуваат дека околу една петтина од вработените во разлиучпни сектори користат ВИ барем за дел од задачите, со поголема застапеност кај помлади и профили со повисоко образование.

Дали ја користиме „правилно и свесно“? 

-Да бидеме искрени, делумно. Многу корисници импровизираат без почиотување на стандарди или претходна обука, што води до сива зона на неетичка или регулаторно проблематична употреба во организациите. Во ЕУ, Актот за ВИ стапи во сила на 1 август 2024 и во веќе воведува правила за транспарентност, ознака на синтетички, односно ВИ генерирани содржини, и неопходен човечки надзор, со цел за да го намали системскиот ризик без да го гуши иновирањето.

Мој став е дека злоупотребите краткорочно ја загрозуваат довербата, но зрели политики комбинирани со едукација го забрзуваат прифаќањето на „добрата“ ВИ. Универзитетите пред сѐ треба да водат со стандарди, курикулуми и етичка пракса.


Дали учењето е најголемата предност на ВИ? Веруваш ли дека ќе дојде момент кога луѓето масовно ќе учат од вештачката интелигенција, а не обратно?

-Во образованието веќе има рандомизирани студии што покажуваат реални придобивки: на пример, научен труд во Scientific Reports демонстрира подобрувања во резултатите од квизови кога студентите добиваат ВИ туторство споредно со човечки ментор. 

Исто така, педагошките евалуации во САД нагласуваат дека ВИ може да го забрза учењето, но со предупредување за можни когнитивни странични ефекти доколку отсуствуваат соодветни педагошки рамки.

Ќе учат ли луѓето масовно од АИ? 

-Веќе учат. Од средношколци до докторанти; трендот е нагорен. Но најдобри резултати гледаме во колаборативниот модел „човек + ВИ“. 

Нашата обврска како просветители е да наметнеме академска чесност и метакогнитивна рефлексија кај студентот. Затоа во центарот на ВИ приказната секогаш треба да биде човекот.

Каде се гледаш идната примена на роботиката? Дали сметаш дека роботите засекогаш ќе бидат подредени на човечката волја или таа граница може да се замати?

-Роботиката се движи „од кафези кон луѓе“: медицински, инспекциски, земјоделски, образовни и домашни активности, автоматизирани и усовршени во еден систем. Според Меѓународната федерација за роботика (IFR), продажбата на професионални роботи рапидно пораснала во 2024, а домашните роботи достигнале преку 20 милиони продадени единици во 2024.

Што се однесува до подреденоста,современите регулативи инсистираат на човечки надзор и одговорност, а тоа е експлицитен принцип и во ЕУ Актот за ВИ и во меѓународните принципи на OECD кои налагаат „human-centred“ ВИ. Технички, линијата може да се „замати“ кога системите базирани на ВИ ќе добиваат повеќе автономија, но правната и етичка рамка ќе имаат за цел постојано да ја враќаат контролата кај човекот.

Многу апокалиптични филмови зборуваат за судир човек – машина. Стравуваш ли дека со зголемена автономија на ВИ и роботиката може да се појави вистински конфликт?

-Реален „конфликт“ помеѓу човек и робот не е технолошка „судбина“, туку прашање на дизајн и управување. Доколку соодветно ги имплементираме кај роботите границите, контролата и одговорноста, нивната автономија ќе ни служи нам. 

Затоа треба повеќе да инвестираме во верификација на резултатите од истражувањата, следливост и симулациски тестови пред употреба, она што е пракса во академската околина каде се изучуваат овие технологии.


Дали ВИ веќе влијае на нашите вредности и однесување? На пример, ChatGPT одбива да пренесува говор на омраза или насилство — дали ова на некој начин обликува општествени ставови?

-Секој голем јазичен модел (или LLM) е „обликуван“ со човечки повратен сигнал и/или конституционални правила на однесување („Constitutional AI“). Тоа е суштински механизам што ги вградува општествените норми, меѓу кои и одбивање на ширење омраза или насилство. 

Истовремено, истражувањата покажуваат дека чатботови умеат да убедуваат и да влијаат на човечките ставови, што ја открива моќта на ВИ да нѐ манипулира. Поради ова лично поддржувам обврзувачки ознаки и транспарентност (воедно препорачани од ЕУ актот), при што корисникот ќе знае дека зборува со бот или дека консумира содржини генерирани со помош на ВИ.

Кога започна твојата фасцинација со роботиката и ВИ? Како реагираше твојата околина на тоа — како на визионер или како на „чудак“ кој живее во иднината?

-Како студент ме фасцинираше идејата за преобразба на знаењето во дејство кое ќе го трансформира општеството за подобро на сите. Тогаш имав на располагање едноставни развојни платформи и неколку сензори за експериментирање, денес го поседувам суперкомпјутерот на NVIDIA со помош на кој моментално работам на проекти за AGI (Artificial general intelligence) за хуманоидни роботи, телемедицина базирана на ВИ, каде алгоритмот не е само код туку одлука со последици. 

За мене, роботиката е начин да ја претвориш сопствената љубопитност во визија за иднината и на крај корисна услуга за заедницата.

Алшар е првиот македонски робот што го создаде со твојот тим. За што конкретно го користите во моментов и како изгледаат разговорите меѓу вас и него?

-Алшар ни служи како образовна платформа, демонстрира интерактивна логика (симулирани сценарија од училница на иднината), дирекна комуникација со студенти, и пред сѐ како интерфејс за нивниот интелектуален развој.  

Може да го прашате да ви ја објасни разликата меѓу два концепти или сфаќања, да преведи дефиниција на некој друг јазик, итн.. За мене е најважна е емпатијата во дијалогот, затоа Алшар „претчувствува“ кое прашање ќе му биде следно поставено, па дури има и моќ да го забави темпото кога соговорникот е вознемирен. Ова е се разбира комбинација на искуство од педагогика и инженеринг.

Ќе дојде ли ден кога разговорите со ВИ ќе станат толку природни што нема да се разликуваат од разговор со човек? И дали ова ја менува суштината на човечката комуникација?

-Технички, одиме таму. Новата генерација мултимодални модели прават разговор со низок праг на чекање (неколку милисекунди), со потенцирана интонација, насочен поглед, и разбирање на визуелниот контекст во реално време. 

Но да не заборавиме дека интелигенцијата е двоостар меч: корисна за описменување и самореализација, а ризична од аспект на манипулација и претставување на лажен авторитет. Затоа препорачувам да ја чуваме и негуваме суштината на човечката комуникација, а тоа е доверба и одговорност. 

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов 

Фото извор: Приватна архива