Свето патување на Илина Арсова и мајка ѝ: Духовен одмор во манастирот Острог

Добивај вести на Viber

Македонската планинарка и алпинистка, Илина Арсова заедно со својата мајка заминаа во духовна посета на еден од најзначајните православни манастири на Балканот – манастирот Острог во Црна Гора. Ова е посета исполнета со силни емоции и духовен мир, но и со благодарност за можноста да го сподели овој момент со личноста што најмногу ја инспирира – нејзината мајка.

Манастирот Острог, врежан во карпа високо над долината на реката Зета, е светилиште кое со векови претставува место на поклонување и молитва за верниците од целиот свет. Основан од Свети Василиј Острошки, манастирот е симбол на верата, чудесното исцеление и духовната сила која ги обединува луѓето без разлика на вера или националност. Илјадници поклоници секоја година патуваат кон ова место со надеж и благодарност, барајќи мир и духовно прочистување.

За Илина, која со години живее меѓу планинските врвови и уметничките визии, оваа посета има посебна тежина, „враќање кон тишината и смиреноста“. Но уште поважно – ова патување го споделила со својата мајка, што го прави искуството уште повредно.

Односот меѓу мајка и ќерка, исполнет со љубов, поддршка и разбирање, е една од најсилните врски во животот. За Илина, која во последните неколку години живее во Тенеси, САД, каде работи како професорка на Универзитетот Тенеси и ја продолжува својата академска кариера преку докторски студии, ваквите моменти со семејството се вистинска духовна обновa.

Покрај професорската работа и академските успеси, Арсова останува посветена на својата љубов кон природата и општествената одговорност. Таа често споделува акции на еко-активисти, а во некои од нив и самата активно учествува, покажувајќи дека љубовта кон планините и природата е нераскинлив дел од нејзината личност.

Посетата на манастирот Острог за Илина и нејзината мајка не е само патување до свето место – тоа е потсетник на духовните вредности, на силата на верата и на непроценливата врска помеѓу мајка и ќерка која останува темел на секоја животна приказна.

РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Инстаграм