Стефани Стојаноска Наумческа, уметница: Секоја слика зборува со љубов
Во свет исполнет со брзина и рутина, постојат луѓе кои ја гледаат убавината таму каде што другите гледаат обичност. Таква е и Стефани Стојаноска Наумческа (29) од Гостивар – млада уметница со големо срце и уште поголема љубов кон боите, формите и емоциите. Нејзината приказна започнува скромно – со едноставен детски цртеж на куќичка, но со текот на годините таа љубопитност прераснува во страст. А страста – во животен повик.

Денес, со над 200 дела зад себе, Стефани создава уметност што се чувствува – било да е тоа на платно, дрво, камен, или пак преку необичните техники со кафе и вино. Нејзините дела зборуваат за љубов, нежност и сила, а секоја четка што ја движи е полна со душа.
Со првата самостојна изложба во Културниот Дом АСНОМ во Гостивар, поддржана од министерството за култура, Стефани го оствари сонот на секој уметник – да ги сподели своите емоции со светот. А ова е само почеток на едно прекрасно уметничко патување.
-Тоа беше прекрасно чувство – исполнет сон и силни емоции за секој млад уметник. На изложбата претставив 37 мои дела: апстрактни композиции полни со боја и емоции, портрети на жени кои ја изразуваат убавината и самодовербата, како и дела насликани со кафе, уметност која буди бура од чувства.Изложбата беше исклучително успешна, посетена од многу луѓе, мои блиски, колеги уметници, пријатели, професори и љубопитни посетители. Нема поубаво чувство од тоа кога ќе видиш некој како со внимание и љубопитност ги набљудува твоите дела.Во иднина, планирам да си отворам свое креативно катче, простор за создавање и секако, продолжувам со сликање и творење на нови дела – вели Стефани на почетокот од нашиот разговор.

ЖМ: Кога започна твојот пат во уметноста?
-Мојот пат во уметноста започна пред 9 години, а интензивно сликам веќе 7 години. Талентот првпат го забележав на шестгодишна возраст – се сеќавам, првиот цртеж беше куќичка. Од тогаш, секогаш нешто цртав – во тетратки, блокчиња, на каква било површина. Не беше важно каде – важно ми беше да цртам.
ЖМ: Кога некој ќе те пофали за твоето дело – не само како убаво, туку како нешто што го допрело неговото срце,како се чувствуваш внатре во себе?
-Пред сè, уметноста треба да се сака. Таа е дел од уметникот, страст, љубов и, секако, талент. Талентот е пресуден. Накратко таа е дар од Бога, но треба да се негува – со прецизност, посветена работа и вложување себеси во едно дело за да изгледа убаво во очите на гледачите и да допре до нивните срца. Непроценливо е чувството кога некој ужива во твоите дела и се восхитува на нив. Кога знаеш дека твоите дела се наоѓаат, красат и живеат во некој дом или установа.

ЖМ: Имаш голем број на дела во различни техники, но, препознатлива си по кафето и виното кои како медиуми се доста необични.. Дали има некое што ти е особено драго поради приказната зад него?
-Да, имам над 200 свои лични дела од различни техники. Најмногу се присутни:апстрактните, портретите, коњите и делата со кафе.
Уметноста со кафе и вино бара исто така вложен труд како и останатите дела. На почеток не беше баш така лесно, но со тек на време ги усовршив. Општо уметникот со секое ново дело се усовршува и расте. Омилено дело со кафе ми е ,, Љубовна прегратка ''. Дело со многу емоции
Со вино портретот на Фрида Кало се случи баш така како што сакав.
Секое дело има своја убавина и емоции.

ЖМ: Во процесот на создавање – што е тоа што прво доаѓа кај тебе: инспирацијата, техниката или материјалот?
-Потребна е прво инспирација. Исто така и материјалите треба да имаат квалитет за да се овековечи убавината на делото. Работам со повеќе техники : акрил, масло, кафе, вино, графика, карикатури, портрети, апстракции,пејсаж. Често знам да насликам и на дрво и на камен нешто убаво.
ЖМ: Кога си сама со платното и боите, дали понекогаш чувствуваш дека уметноста ти зборува? Што ти кажува?
-Уживам во сликањето. Се внесувам во творењето и убавината на делото кое го создавам. Особено кога е веќе готово, самото по себе буди емоции, колор и убавина. Творам со љубов. За мене непостои одредено. Често сликам и на отворено: двор, на одмор покрај плажа, на планина. Битен е моментот и инспирацијата.

ЖМ:Твоите раце, испишани со кафе, боја, вински нијанси се одраз на патот што си го изодела досега. Кој миг би го издвоила како пресуден, пресвртница?
-Пресуден момент е оној кога некој го забележува твојот талент. Прво луѓето околу тебе, публиката, медиумите, потоа ликовните колонии. И на крај стасав до мојата прва самостојна изложба. Тоа е огромна среќа кога си забележан по нешто кое ќе живее. Зашто секоја слика зборува сама за себе и остава трага на убавина создадена со две раце, многу љубов и труд.
ЖМ: Што најмногу ти недостига од малата Стефани што цртала во тетратките? Дали некогаш ѝ се враќаш низ делата што ги создаваш денес?
- Секако дека да - убави спомени на едно трудољубиво девојче. Како велат, секој човек носи дел од детето во него. Тие се прекрасни спомени.
Често знаев во училиште да ја отворам тетратката и да цртам на некој лист.
Моите го имаат овековечено тој момент. Ја паметам фотографијата како цртам замислена на бело листе.

ЖМ: Која е најголемата лекција што си ја научила како уметник и како човек?
- Како човек - секогаш да се биде приземен, културен и да се помага на луѓето, затоа што добрината која што ја правиш се враќа дупло. Да се радуваш на туѓ успех и да постои љубов и почит .
Како уметник - кога нешто сакаш треба да вложиш многу труд и љубов. Многу е битно да не се откажеш и да го сакаш тоа што го работиш.
С.А.Н